Како да намалиме со „паразитските“ зборови

Малите навики во начинот на кој зборуваме можат значително да влијаат врз тоа како нè доживуваат другите. Но „хмм..“, „значи“, „како“, „буквално“, „знаеш“ и сличните зборови не се негативци какви што често ги претставуваме. Тие не се празни шумови, туку имаат когнитивна и социјална функција. Прашањето е не дали постојат, туку кога и колку ги користиме.

Терминот „filler words“ (пополнувачки зборови) носи негативна конотација. Во реалноста, тие му помагаат на мозокот да функционира, а на муабетот да тече.

Кога велиме „хмм...“, мозокот не „заглавува“ – тој си купува време. Лингвистите ги нарекуваат овие изрази „исполнети паузи“. Нив најчесто ги користиме пред посложени мисли, како долги реченици, нови поими, комплицирани конструкции. Тоа е сигнал дека ни треба момент за да ја формулираме мислата. Истовремено, тие му сигнализираат и на соговорникот: „Не сум завршил, само размислувам“. Без таа звучна пауза, другиот може да помисли дека сме кажале тоа што сме имале или дека сме ја загубиле мислата.

Втората група се т.н. дискурзивни маркери: „како“, „буквално“, „значи“, „па“, „мислам“, „знаеш“, „така“. Тие не служат само за купување време, туку ја организираат комуникацијата. На пример, кога започнуваме со „па“, сигнализираме дека следува одговор што можеби нема да биде очекуван. Овие маркери ни помагаат да го обликуваме односот меѓу речениците и да ја насочиме интерпретацијата на слушателот. Без нив, говорот би звучел роботски и студено.

Иако имаат функција, претераната употреба може да остави впечаток на несигурност или недоволна подготвеност – особено во формални ситуации како презентации или интервјуа за работа. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои често користат паразитски зборови се оценуваат како помалку компетентни и помалку уверливи. Во ситуации со висок влог, дури и едно „ммм...“ може да го разниша впечатокот на авторитет.

Еве неколку корисни совети за одбегнување на „пополнувачките зборови“:

Снимајте се додека зборувате
Најдобар начин да ги откриете сопствените навики е да се снимите во подолг, опуштен разговор. Автоматскиот транскрипт ќе покаже кои зборови најчесто ги користите.

Прашајте пријател
Искрено прашање до близок човек може да ви открие навика за која не сте свесни. 

Користете интонација наместо „ммм...“
Наместо гласот да опаѓа (што сигнализира крај), обидете се да го задржите или благо да го покачите тонот. Така слушателот ќе знае дека продолжувате, без потреба од паразитски збор.

Зобурајте покроце
Брзината е гориво за „паразитски“ зборови. Кога зборуваме пребрзо, мозокот не стигнува до устата. Свесното забавување ја намалува потребата од звучни паузи.

Вежбајте на глас
Многумина ги „вежбаат“ мислите во глава, но не и изговорот. Кога ќе ги кажете речениците однапред, мозокот веќе ја има „трасирано“ патеката.

Навикнете се на тишина
Кратка пауза не е непријатна како што ни се чини. На говорникот му изгледа долга, но на публиката – природна и професионална.

Паразитските зборови не се непријатели на јазикот. Тие се дел од неговата жива, разговорна динамика. Во неформален контекст ни помагаат да звучиме човечки и топло. Но во моменти кога сакаме јасност, авторитет и прецизност, свесната контрола над нив може значително да ја подобри нашата комуникација.

26 февруари 2026 - 17:08