"Господине претседател, на присутните делегати сакам да им го свртам вниманието на прашање кое го сметам за исклучително важно и сериозно. Неодамна објавените информации за активности на глобална мрежа на електронско шпионирање предизвика гнев и неверување во јавното мислење ширум светот. Во Бразил ситуацијата е уште полоша бидејќи и ние сме биле цел на едно такво вмешување. Биле пресретнувани лични податоци на граѓани и бизнис информации, биле шпионирани дури и работи со витално и стратешко значење за нас.
Исто така, комуникациите на нашите дипломатски претставници, вклучувајќи ги и оние во ОН, па дури и на самото претседателство на Бразил било прислушувано. Ваквото плеткање во животот и состојбите во друга држава е кршење на меѓународните правила и отворена навреда на принципите кои би требало да ги регулираат односите меѓу државите, особено пријателските. Суверенитетот на една земја не може да се темели на кршењето туѓ суверенитет.
Правото на граѓаните на една земја да бидат безбедни не може да се темели на кршење на основните права на граѓаните на друга земја. Аргументот дека нелегалното шпионирање е штитење од тероризмот е неодржив.
Господине претседател, Бразил знае како да се заштити. Бразил не им дава засолниште на терористички групи. Ние сме демократска земја опколена со демократски и мирни соседи кои го почитуваат меѓународното право. Живееме во мир со нашите соседи преку 140 години.
Како и многумина латиноамериканци, и јас од прва сум против арбитрарноста и цензурата. Затоа и можам бескомпромисно да ги бранам индивидуалните права на приватност како и суверенитетот на мојата земја.
Без право на приватност нема право на слободен говор или мислење, без почитување на суверенитетот нема нормални односи меѓу државите.
Она што го имаме пред нас е сериозен случај на кршење на човековите и граѓански права и слободи, следење доверливи бизнис информации и над се, непочитување на суверенитетот на мојата земја.
На американската влада и дадовме до знаење за нашето противење на ваквите практики и бараме извинување и силни гаранции дека тие никогаш веќе нема да се повторат.
Господине претседател, Бразил ќе ги удвои своите напори да се опреми со легислатива, технологии и механизми кои ќе не заштитат од нелегално пресретнување информации и податоци. Мојата администрација ќе искористи се што е потребно да ги одбрани правата на нашите граѓани, како и плодовите од работата на нашите работници и компании.
Меѓутоа, овој проблем не е билатерален, тој ја засега целата меѓународна заедница и бара одговори од неа. Информациите и телекомуникациите не можат да станат борбено поле на државите.
Обединетите Нации треба да преземат водечка улога во напорите прописно да се регулираат однесувањата на државите во поглед на ваквите технологии како и да се земе предвид важноста на интернетот и социјалните мрежи за градење демократија во светот. Затоа Бразил ќе предложи создавање мултилатерална цивилна рамка која ќе гарантира заштита на протокот на информации преку интернет.
Мораме да создадеме меѓународни механизми за глобалната интернет мрежа кои ќе овозможат материјализирање на неколку основни принципи. На пример, првиот е слобода на говорот, личната приватност и почитувањето на човековите права. Вториот принцип е демократско управување со чувство за транспарентност кое ќе ја охрабрува вклученоста на општеството и приватниот сектор. Трет е принципот на универзалност кој обезбедува социјален развој и создавање инклузивни, не-дискриминирачки општества. Четврт е принципот на културна различност, без наметнување верувања, обичаи или вредности. Петтиот принцип е неутралноста на мрежата која се базира исклучиво на технички и етички критериуми и не може да дозволи какви било рестрикции заради политички, комерцијални или религиозни причини.
Целосното искористување на потенцијалот на интернетот подразбира разумно регулирање кое истовремено ќе ја гарантира слободата на говорот, безбедноста и човековите права".
Дилма Русеф, Бразил