Биографскиот филм „I Swear“ (игра со зборови, „се колнам“, но и „пцујам“), се обидува да прикаже што значи да се живее со Туретов синдром – невролошко нарушување што предизвикува неконтролирани движења и вербални испади, кои можат да делуваат смешно, но да бидат и вознемирувачки па дури и опасни. Сместен во Шкотска, тој има поучен, речиси телевизиски тон. Но, покрај сериозноста, во приказната има и значајна доза хумор – особено во ситуациите што произлегуваат од неволното пцуење и изговарање мисли што другите ги преќутуваат.
Филмот започнува со сцена во која активистот и едукатор Џон Дејвидсон (го игра Роберт Армајо) треба да прими одликување oд кралицата Елизабета Втора. Во моментот кога влегува во тивката сала, не може да се воздржи и го извикува најлошото што може да му дојде во тој момент - Фак д квин!
Приказната потоа се враќа во 1980-тите и 1990-тите, период кога Туретовиот синдром бил речиси непознат и толкуван како „глумење“. Како тинејџер во гратчето Галашајлс, Џон бил обично момче со талент за фудбал. Но, кога почнуваат да се појавуваат тиковите – неконтролирани движења, плукање, извици – неговите соништа се распаѓаат. Особено болни се сцените со мајка му, која од срам и неразбирање го оттурнува, третирајќи го како семејна тајна, наместо како дете што има потреба од поддршка.
Иако дијагнозата конечно доаѓа, вистинското прифаќање изостанува. Џон останува изолиран, живеејќи на социјална помош, сè додека не ја запознава Доти, поранешна психијатриска сестра со топлина и хумор. Таа го охрабрува да стане самостоен и му помага да најде работа како хигиеничар во локален центар, под менторство на строг, но добродушен претпоставен. Постепено, Џон гради самодоверба и открива дека неговата слабост може да стане извор на сила – како гласен застапник за луѓето со истата состојба.
Филмот строго се држи до класичната формула на биографски жанр: почетна сцена од кулминацијата, па враќање наназад и линеарно раскажување до повторното достигнување на врвот. Тоа му дава сигурна, но и донекаде предвидлива структура. Сепак, актерските изведби се емпатични и уверливи, особено на Арамајо, кој успева да го прикаже Џон како симпатичен, ранлив и достоинствен. За оваа улога тој неодамна ја доби и наградата БАФТА, во огромна конкуренција на еден Итан Хок или Леонардо ди Каприо. Вистинскиот Дејвидсон, присутен во публиката, во текот на доделувањето имал вокални тикови (меѓу кои и расистички извици за актерите од „Синерс“), по што мораше јавно да се објаснува.
Најсилни се интимните моменти, како сцената во која Џон разговара со девојче со Туретов синдром – двајцата пцујат како кочијаши, но всушност споделуваат болни, искрени чувства. Во тие мигови филмот ја надминува својата поучна рамка и станува вистински портрет на човечка издржливост и солидарност.
Илина-факинг-Букбокс