Зборот „планина“ асоцира на високи врвови, стрмни искачувања и спектакуларни глетки (а и на нашата мрза да ја искачуваме таа макар и замислена височина). Но интернетот неодамна се воодушеви од нешто сосема поинакво. Таканаречената „Маунт Палтри“ е висока само околу 7 сантиметри. Наместо импозантен врв, станува збор за мало камче кое едвај се издига над земјата. Токму поради таа апсурдна спротивност меѓу името и изгледот, „планината“ стана вирална сензација на социјалните мрежи.
Сепак, нема никакви официјални географски податоци за неа. Името не постои во австралиските регистри на топоними ниту во релевантни картографски бази. Сè упатува на тоа дека станува збор за интернет шега, односно меме што го прогласило едно обично камче за „најмала планина на светот“.
Но како што често се случува со вакви шеги, зад оваа се разоткри вистинска приказна. Имено, Австралија навистина има официјално призната најмала планина. Тоа е Маунт Вајчипруф (Mount Wycheproof) во сојузната држава Викторија. Таа се издига околу 42 до 43 метри над околната рамнина и е признаена како најмала планина во Австралија, а според некои тврдења и во светот. До врвот може да се стигне за само 5 до 10 минути пешачење. На еден од туристичките сајтови се вели: „Искачете се до врвот на најмалата планина на светот, која гордо се извишува на 42 метри висина во инаку рамиот предел, и која оттаму нуди неверојатна глетка на градот и фармите долу.“
Планината се наоѓа среде гратчето Вајчипруф, па посетителите буквално можат да излезат од кафана, да ја преминат улицата и да почнат да се искачуваат. Градот ја прифаќа оваа необичност со хумор и гордост, организирајќи и забавни трки нагоре-надолу по „врвот“. Дополнителен куриозитет е тоа што железничката линија минува директно низ главната улица, што уште повеќе го засилува шармот на местото.