Имав афери, со Русинка со која игравме бриџ и со нуклеарна физичарка, која ја запознав преку деловни активности. Но, не направив ништо нелегално. Не видов ништо нелегално. Да биде јасно, не поминав време со жртвите (на Епстин) и со жените околу него, изјави Гејтс.
Во документите објавени од Министерството за правда на САД се гледа дека Гејтс се среќавал со Епстин повеќе пати откако финансиерот ја отслужил затворската казна за педофилија. Разговарале за проширување на филантропските активности на Гејтс.
Во документите има и фотографии на кои Гејтс позира со жени. Милијардерот објаснува дека Епстин го „замолил“ да се слика со неговите асистентки по состаноци.
Гејтс им објаснил на вработените во фондацијата дека почнал да се среќава со Епстин во 2011 година. Знаел дека Епстин бил осуден за проституција на малолетници и дека му било воведено 18-месечно ограничување за патувања, но не ја испитал правилно неговата позадина.
Патувал со неговиот приватен авион и се сретнал со него во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон, но не и на неговиот приватен остров. Продолжил да се гледа со него дури и откако неговата тогашна сопруга Мелинда изразила загриженост поради средбите.
Да ѝ оддадам признание, таа секогаш беше малку скептична, изјавил Гејтс.
Врските со Епстин биле еден од поводите за распаѓање на бракот на милијардерот. Мелинда подоцна го опиша Епстин како „олицетворение на злото“ и рече дека се чувствува длабоко непријатно поради односите на Бил со него.
Двојката се разведе во мај 2021 година по 27 години брак. Фондацијата Гејтс, која заедно ја основаа во 2000 година, е еден од најголемите финансиери на глобални здравствени иницијативи.
Фондацијата соопшти дека го прифаќа отчетот од милијардерот на колективната средба со вработените и дека повеќе нема да ги коментира врските на Гејтс со Епстин. Неодамна организацијата соопшти дека никогаш не му исплатила пари на Епстин.