Откако заврши конфликтот во Косово, во јуни 1999-та, Трибуналот во Хаг тргна да ги казни сите сторители на злосторства. Луиз Арбур, главната обвинителка, го опиша Косово како "една бескрајна криминална сцена." Главната цел на нејзините истражувачи беше Слободан Милошевиќ, Србинот кој ја водеше Југославија. Милошевиќ тврдеше дека главната етничка група на Косово, етничките Албанци, ги третирале етничките Срби како робови, а вооружените сили под негова контрола таму започнаа со масовни убиства, во кои загинаа над 10.000 косовски Албанци. НАТО, во најголем дел потпирајќи се на американски сили, започна со воени напади за да го сопре Милошевиќ, а притоа доби клучна поддршка од ОВК. Извидниците на ОВК ги лоцираа српските тенкови, а координатите им ги испраќаа на Зелените беретки, кои потоа ги испраќаа до американските воени авиони. Три месеци откако започнаа воените напади, Србија се предаде. Милошевиќ подоцна беше уапсен и испратен во Хаг, каде што умре во затвор, од срцев удар.
Во меѓувреме, во Косово, ОВК официјално беше распуштена, меѓутоа голем број од нејзините членови се приклучија на политичките партии. Партијата предводена од Хашим Тачи (политичкиот лидер на ОВК) ја освои власта. Во 2008-ма, Хашим Тачи стана првиот премиер на независно Косово. Две години подоцна, потпретседателот Џо Бајден го нарече него "Џорџ Вашингтон на Косово."
Денес, речиси 2 илјади луѓе остануваат исчезнати во Косово, земја која Хозе Пабло Барајбар (Перуанецот кој ја предводи Канцеларијата на О.Н. за исчезнати лица), мене ми ја опиша како една од земјите со "најмногу ексхумации на Земјата." ДНК технологијата им помогнала на истражувачите да идентификуваат стотици тела, најголем дел од нив закопани во масовни гробници. Меѓутоа, дури и во ера на софистицирана судска медицина, конечните докази можат да бидат недофатливи. (Во еден случај Србите запалиле стотици трупови во печка за олово.)
Дузина Срби се обвинети за воени злосторства од завршувањето на војната, меѓутоа тие не се единствените одговорни за насилството. Во Приштина кружеа гласини дека во летото 1999-та, војниците на ОВК со камиони пренесувале затвореници во тајни кампови во Албанија, каде биле измачувани а понекогаш и убивани. Меѓутоа, јавно, Косовците го прифатија "табуто на молчење," според зборовите на Веби Кајтази, новинар од Приштина. Луѓето кои ја водеа ОВК остана стравично присуство во земјата, претставувајќи закана за секој што ќе проговори, а етничките Срби станаа немоќен блок, кој сочинува едвај 2% од населението. За разлика од Аргентина, Јужна Африка и Сиера Леоне, Косово не успеа да воспостави комисија за вистината и помирување.
Задачата за пребројување на исчезнатите во најголем дел е оставена на странците. Еден од нив е Мајкл Монтгомери, американски радио новинар, кој помогна во откривањето на масакрот на 41 Албанец од страна на српските сили кај селото Чушка на 14-ти мај 1999. Тој започнал со собирање на проблематични стории кои ја вклучуваат ОВК. Повеќе извори му потврдуваат дека во деновите по поразот на Милошевиќ, ОВК ги транспортирала обвинетите предавници во затворски кампови во Албанија. Поранешен припадник на ОВК му раскажал како чувал седум затвореници во едно комбе. Возачот на ОВК добил наредба дека никој од нив не смее да биде повреден, кога затворениците стигнале во Албанија, тие биле однесени во куќа каде што ги чекале доктори. Возачот разбрал дека докторите ја проверуваат крвта на затворениците и нивното здравје. Неколку извори потврдиле дека оваа грижа имала злокобна позадина: ОВК ги вадела органите од затворениците и ги продавала на црниот пазар.
Монтгомери бил загрижен дека овие стории се пропаганда наметната од српската влада, заради што продолжи да бара дополнителни извори. Уште тројца сведоци изјавиле дека се сеќаваат дека носеле затвореници во жолта куќа во предградието на албанскиот град Бурел. Друг возач на ОВК му кажал на Монтгомери дека имало само две места "на кои носел луѓе, но никогаш не земал никого": жолтата куќа и фармата во близина на аеродромот во Тирана. За втората куќа тој се сеќава дека "имала многу силна миризба на лекарства." Возачот додал дека неколку пати ги чул другите возачи како зборуваат за "органи, бубрези и возење од куќата до аеродромот." Од крајот на 90-те, Истанбул (на мала оддалеченост од Тирана) е дестинација за трансплант туризам.
Кон крајот на 2002-ра, припадник на ОВК му кажал на Монтгомери дека групата направила "богатство" од тргување со органи, претежно бубрези. "Ц" како што Монтгомери го нарекува изворот, тврди дека ОВК добивала по 45.000 долари од тело. Најголем дел од пратките вклучувале делови од тела на "двајца или тројца Срби," иако Ц знаел и за еден случај во кој ОВК "сработела 5 Срби."
Кон крајот на 2002. и почетокот на 2003. Монтгомери со колега патува во Албанија, носејќи со себе мапа нацртана од неговите извори. Со неа стига до жолтата куќа и до фармата. Меѓутоа тој не затропува на нивните врати. Монтгомери смета дека му требаат посилни докази пред да се соочи со луѓето што живеат во нив. "Единствен начин на кој сметавме дека можеме ова да го објавиме е ако најдевме тела и тие да одговараа со исчезнатите луѓе," ми објасни.
Монтгомери одлучил да ја стави паузира целата истрага, меѓутоа не го заборава комплетно целиот случај. Тој испраќа меморандум до Канцеларијата на ОН за исчезнати лица во Косово, во кој наведува дека во 1999. и 2000. меѓу 100 и 300 затвореници се однесени во Албанија, каде еден дел се префрлени во "привремени болници" кои ваделе "органи од затворениците." ОН го препраќа меморандумот од судот во Хаг.
Главниот обвинител на Хаг тогаш беше Карла Дел Понте, неуморна 56-годишна адвокатка од италијанскиот регион во Швајцарија. Таа се приклучи кон Трибуналот во 1999-та, и осуди дузина Срби на воени злосторства против човештвото. Се сомневаше дека ОВК извршила значително помалку воени злосторства, ама големината не е важна.
Дел Понте го добива меморандумот од Монтгомери, додека се подготвува да го обвини Рамуш Харадинај, поранешен вратар кој се приклучи на ОВК, стана командант а потоа и премиер на Косово, додека беше под управа на ОН. Таа сакаше да го обвини Харадинај за "планирање, поттикнување, наредба, извршување или на кој било друг начин помагање и соучесништво" во малтретирањето на десетици затвореници. Обвинението исто така го наведе дека учествувал во "киднапирање луѓе кои подоцна биле најдени мртви." Во документите испратени до Дел Понте, Монтгомери го цитирал својот извор Ц според кој Харадинај "морал да знае" за трговијата со органи, делумно и затоа што брат му Даут бил близок со некој што сериозно бил вклучен во трговијата. (Во 2002-ра судот на ОН го обвини Даут, за учество во убиството на 4 политички ривали.)
Дел Понте не беше сама во својот поглед на ОВК. Балканскиот пратеник на претседателот Клинтон, Роберт Гелбард, ја нарече ОВК "терористичка организација," а организацијата регуларно беше обвинувана и за криминал. Кон крајот на 90-те, италијанската полиција уапси Албанци за шверцување на жени и марихуана со глисер преку Јадранското море; обвинетиот призна дека бил посредникот во зделките меѓу ОВК и мафијата. Претставник на Интерпол, кој во 2000-та се појави пред Конгресот, сведочеше дека ОВК "годишно помага да се префрлат 2 милијарди долари вредна дрога во Западна Европа." По војната критичарите обвинуваа дека голем број од членовите на ОВК продолжуваат да ги одржуваат силните врски со подземјето.
Дел Понте знаеше дека нема да биде лесно да осигури обвинение за воени злосторства против Харадинај. Бунтот знае да биде импровизиран, без наредби за борба или формални коминикеа. Во ОВК се почитуваше таинственоста. Обидувајќи се да го засили случајот, Дел Понте му дозволи на Монтгомери да придружува тим на ОН до мистериозната жолта куќа. Едно утро во 2004. Монтгомери, Барајбар (Перуанецот од ОН) и дузина луѓе од ОН и Трибуналот, во конвој од џипови стигнаа во предградието на Бурел. Како што налага протоколот тие со себе го земаа и Арбен Дила, албанскиот обвинител, кој ја исмеваше нивната експедиција. "Тука нема Срби. Ама и ако некој донел тука Срби и ги убил, тоа би било добра работа," и рекол Арбен на групата. (Подоцна ја негирал оваа изјава.)
Тие стигаат до жолтата куќа што Монтгомери ја виде пред една година, само сега беше бела. Барајбар откорнува тенок слој од свежа боја и под неа се појавува жолта.
Сопственикот неволно ги пуштил внатре. Барајбар, облекол заштитно одело и почнал да оди низ куќата. Во неа мирисало на застоено и кисело. Тој испрскал со Луминол - хемикалија која прави трагите крв да светат - и успеал да најде крвава дамка на подот во дневната соба. Сопственикот му објаснил на преведувачот, кој бил дел од контингентот на ОН, дека жена му дома се породила, а подоцна рекол дека крвта е од заклано животно. "Дали ти колеш пилиња во дневната соба," му се обратил Барајбар на Монтгомери. Освен тоа, дамката на подот имала коцкест ќош, како крвта да течела од ќошот на некој маса. "Дали ова е доказ за било што? Не, не е. Ама нешто покажува."
Едно време Барајбар излегол во дворот и забележал куп ѓубре во една грмушка. Ги раскопал остатоците од храна и пластика и почнал да вади газа, шприцови, ампули, инфузии, празно шише Транксен и празно пакување од Бускопан. Му се јавил на доктор во ОН, кој му кажал дека Транксен е лек за смирување, а Бускопан служи за опуштање на мускулите; и двата можат да се користат за смирување на пациентите. Барајбар го прашал сопственикот за лековите. Тој рекол дека медицинска сестра од време на време ја посетува куќата и им дава лекови. За Барајбар објаснувањето било "недоследно." Работите ги ставил во кеса, заедно со една ткаенина за која сметал дека "одговара на хируршка облека."
Во близина на имотот имало гробишта, и кога Барајбар отишол до нив, локалните жители му се спротивставиле и барајќи од него да замине. Истражувачите одлучија да се вратат во Приштина. Барајбар ја испрати кесата со материјалите во Хаг, и тимот на Дел Понте го анализираше материјалот. Иако сомнителен тој не беше доволно силен доказ за да го држи случајот, и не можеше да биде поврзан со Харадинај. Архиварите на Трибуналот ги ставија предметите од жолтата куќа на страна. Со тек на време некој ги фрлил.
Дел Понте продолжи со обвиненијата, но откри дека е екстремно тешко да најде сведоци. Косоварот кој сведочеше на судењето на Даут, беше убиен. Внатрешен документ на ОН покажува дека тој требало да даде "витално" сведоштво во "други случаи на воени злосторства." Друг сведок му рекол на судот дека "има личности чии имиња не се ни наоѓаат на списокот на сведоци, бидејќи биле убиени." Трибуналот има програма за заштита на сведоците, ама таа во најголем дел е неефективна. Иако јавните сведочења на заштитените сведоци се под псевдоним, обвинетите ги дознаваат нивните идентитети пред судењата, а за време на рочиштето тие седат само неколку стапки од нив. "Од кого сме заштитени?" еден сведок ме праша. "Сите во судот ме знаеа." Во април 2008-ма, судиите во Хаг го ослободија Харадинај, ама го забележаа нивното "силно чувство дека судењето било водено во атмосфера во која сведоците се чувствувале небезбедно." (Се нема појавено ниту еден доказ кој го поврзува Харадинај со трговијата со органи. Неговиот адвокат негираше дека клиентот направил или бил дел од каков било криминал, и дека е "лага и набедувања" да се каже дека ослободувањето на Харадинај е "помрачено од заплашување.")
Обвинението против Фатмир Лимај - поранешниот лидер на ОВК и близок соработник на премиерот Тачи - се развиваше на сличен начин. Во 2003. Лимај се предаде во еден ски ресорт во Словенија, каде што беше на одмор со Тачи. Лимај беше обвинет за контролата на затвореничкиот камп Лапушник во Косово, каде затворениците биле тепани, оставани да гладуваат и измачувани. Два од неговите заменици исто така беа обвинети.
Дел Понте немаше потреба да докаже дека Лимај замавнал со секира или пукал со пиштол - туку само дека знаел за злосторствата и ништо не направил за да ги спречи. Нејзиното обвинение било водено од правилото за "командна одговорност" кое постои од 15-от век. По Втората светска војна оваа доктрина беше искористена на судењата на јапонските и германските офицери.
Според внатрешен документ на Трибуналот од 2004-та, роднините и соработниците на Лимај започнале со кампања "за сериозно заплашување и попречување на потенцијалните сведоци." Двајца мажи се појавиле пред домот на еден сведок и го предупредиле да не сведочи, додавајќи "ако ја направиш таа грешка и отидеш таму, ти ќе бидеш мртов." Некој и се јавил на сопругата на вториот сведок и се заканил "Ќе бидеш ликвидирана." Третиот сведок се повлекол откако негов роднина слушнал група на луѓе во кафуле во Приштина, кои порачале дека секој што ќе сведочи против Лимај "ќе го запалиме него, неговото семејство и нивните куќи." Четвртиот сведок одбил да се сретне со истражувачот на Трибуналот, објаснувајќи дека "не сака да умре." Назим Блака, поранешен член на ОВК, ми рече "еве како се заврши случајот со Лимај." На 30-ти ноември 2005-та, Трибуналот го ослободи Лимај, иако судиите заведоа дека "контекст на страв, посебно во однос на сведоците кои живеат на Косово, е забележлив низ целото судење."
Блака вели дека учествувал во повеќе од дузина насилни акти во име на поранешни членови на ОВК, кои вклучувале убиства, киднапирање и заплашување на сведоци. Сега, како заштитен сведок, тој сведочи во два случаја, и двата завршиле со обвинение. "Многу е едноставно. Ние работевме во три линии. Убиј ги соработниците, убиј ги сведоците и убиј ги луѓето ДЛК (членови на Демократската лига на Косово, главните противници на партијата на Тачи и Лимај)." Во месеците по војната голем број од членовите на ДЛК беа убиени, еден беше убиен на кауч во својот дом, еден на улица во Приштина, сред бел ден.
Во документ објавен од 2005-та, германската тајна служба тврди дека Харадинај и другите косовски лидери се изолирале од криминалните истраги користејќи ги своите врски во косовската армија и тајните служби, како и низ подземјето на Балканот. Косовските лидери избегнувале "да си ги извалкаат рацете" дури и кога нивните луѓе нарачувале убиства или поткупувале функционери.
Мината година се сретнав со Лимај во Приштина. Тој отфрли какви било одговорност за малтретирање затвореници. Го прашав дали тој им наредил на неговите потчинети да ги заплашуваат сведоците, а тој, со мала насмевка ми одговори "Јас бев во Хаг. Ако некој тука направил нешто што било погрешно, тој човек мора да одговара." Откако Лимај беше ослободен, Косовците прославуваа на улиците на Приштина.
Во декември 2007. Дел Понте си замина од функцијата главен обвинител, велејќи дека е "време да се врати во нормалниот живот." Наскоро таа ги објави мемоарите "Мадам Обвинител," во која ги набројува своите успеси во прогонувањето на италијански мафијаши, извршители на геноцид во Руанда и српски генерали. Меѓутоа беше бесна што не успеала да ги докаже обвиненијата против ОВК. Истрагите за Лимај и Харадинај, биле "најфрустрирачкиот дел" од нејзиното време во Хаг, и доказ дека на Косово "моќните политички и воени фигури се заштитени со неказнивост." Таа ги искажа своите сомненија дека ОВК вршела трговија со органи на затворениците и го понуди сведоштвото на нејзиниот тим од посетата на жолтата куќа.
Дел Понте ми рече дека "меѓународната заедница" покажал "колебање предизвикано од страв во наметнувањето на закон" на Косово, додавајќи дека САД "не покажале никаква политичка волја за да ја откријат вистината." ОВК беше силен сојузник на САД за време на војната, меѓутоа Дел Понте смета дека е дволично што САД го игнорираат можниот криминал од лидерите на групата, ако се земе осудата од САД за српското однесување. Таа исто така исто така смета дека тоа што им се дозволи на извршителите на воени злосторства да земат водечки позиции во Косово ги поткопува шансите за стабилност на земјата.
По објавувањето на книгата на Дел Понте, Советот на Европа одлучи подлабоко да ја истражи трговијата со органи. Задачата ја доби Дик Марти, сенатор од Швајцарија кој ја претставува земјата во Советот, и кој низ целиот континент го истражуваше прекршувањето на човековите права. Неговиот тим го откри тајните затвори на ЦИА во Полска и Романија, и го откри убиството на политичките противници во Чеченија. Марти испрати неколку истражувачи на теренот. Експертите од регионот му рекоа да очекува сериозен предизвик, нагласувајќи му дека криминалните мрежи во Албанија и Косово веројатно "е потешко да се пробијат отколку Коза Ностра."
Додека тимовите на Марти се подготвуваа да почнат со работа, Хашим Тачи стана премиер на Косово. Во февруари 2008. еден месец откако дојде на власт, тој ја прогласи независноста на Косово. Пресреќните толпи започнаа огномети во Приштина, а џиновска жолта скулптура на која пишуваше "новороден" беше поставен на плоштадот. Тачи застана пред косовскиот парламент и прогласи "Од овој ден натаму, Косово е гордо, независно и слободно."
Не сите го гледаа Тачи во херојска смисла. Документ на германската тајна служба од 2005-та, тврдеше дека по војната Тачи управувал со добро организирана криминална империја чии лидери доаѓаат од долината Дреница во централно Косово. Групата од Дреница наводно ги координирала активностите со албанските гангстери низ Европа, кои вклучувале перење пари и одржување врски со шверцерите на оружје и дрога. Според германскиот извештај, групата вработувала и "професионален убиец".
Кратко откако Тачи стана премиер, Љутви Дервиши, уролог од Приштина, почна со иницијатива за отворање на клиника за трансплантации. На Косово на докторите им е потребна официјална дозвола за да прават вакви операции, па Дервиши му се обрати на еден свој поранешен соработник, Шаип Муја, хирург кој работеше како советник за здравство на Тачи. Муја потегна неколку врски, и во март 2008-ма, Дервиши ја отвори клиниката. За време на следните 8 месеци, таму се извршија речиси 30 трансплантации.
Тој октомври, еден млад Турчин кој се согласи да добие 20.000 долари за еден од своите бубрези, и пристигна во клиниката во Приштина. Бубрегот беше изваден од него и ставен во 74-годишен Израелец, кој за целата операција платил 90 илјади евра. Операцијата ја извршија Дервиши и турскиот хирург Јусуф Сомнез, познат во турскиот печат како др. Франкенштајн, заради неговата улога во црниот пазар со трговија на органи. (Купувањето на органи од волонтери е забрането во целиот свет освен во Иран.)
Турскиот донатор е пуштен од болница додека се уште бил зашеметен, и кога стига на аеродромот, полицајците почнале да го испрашуваат. Тој рекол дека донирал бубрег, меѓутоа полицајците биле сомничави и се упатиле кон клиниката, каде што го апсат Дервиши и син му. (Соменз избегал.) Клиниката беше затворена а Дервиши, син му и уште тројца (вклучувајќи го и Сомнез кој се уште е бегалец) се обвинети за трговија со луѓе и организиран криминал од страна на мисијата на ЕУ во Косово. Судењето е во тек, а наскоро се очекува пресудата. Според обвинението високи косовски функционери биле клучни во активностите на клиниката и ги поттикнувале здравствените власти да издадат лажни дозволи.
Два дена откако обвинителството го објави обвинението, Дик Марти, ги објави резултатите од истрагата. Марти тврдеше дека Тачи и групата од Дреница, вклучувајќи го и Фатмир Лимај, создале "застрашувачки моќна база во криминалните групации" кон крајот на 90. и спроведувале "насилна контрола" над трговијата со хероин во регионот. За време и по војната, Марти пишува, Тачи бил "босот" на "мрежа на нелегални активности" - во која биле вклучени и затворенички кампови во Албанија, каде што некои од затворениците подлежеле на злоупотреба, вклучувајќи и тортура, убиство и вадење на органи. Еден од "главните соработници," според Марти, бил Шаип Муја, хиругот кој станал советник за здравство на Тачи. Марти идентификувал четири локации, меѓу кои и куќата пред Бурел, кои служеле како "попатни станици" во трговијата со органи. На фармата во близина на аеродромот во Тирана, затворениците биле убивани "обично со истрел во главата," пред "да се оперира на нив."
Продажбата на органи во клиниката на Дервиши, пишува Марти, покажува дека Косовците продолжиле со трговијата на органи и по војната "но во други форми." Тој заклучува, "Знаците за соработка меѓу криминалната класа и високите политички и институционални носители на функции се премногу бројни и премногу сериозни за да бидат игнорирани." Тој признава дека српската кампања за етничко чистење на Косово била "ужасна," меѓутоа инсистира дека динамиката на насилство била многу "покомплексна" отколку што многумина претпоставуваат: "Не може и не треба да има една правда за победниците, а друга за поразените."
Неговите обвинувања имаа експлозивен ефект на Косово. Тачи го нарече извештајот на Марти "напад" на "Косово, албанскиот народ и на мене, но исто така и против САД, ОН и НАТО." Тачи се појави на албанската телевизија и се закани дека ќе го открие секој Косовар и Албанец кој му помагал на Марти, порачувајќи "овие личности ќе бидат посрамени."
Приватно, Тачи зборуваше многу посмирено. Тој им се доверуваше на пријателите дека нема да може да го погледне својот 11-годишен син во очи. Тој ги викна американскиот, францускиот, германскиот италијанскиот и британскиот пратеник на Косово. "Тој беше потресен," се присетува францускиот амбасадор Жан Франсоа Фито. Тачи понуди и да даде оставка ако тој претставува дипломатски проблем. Тие разговараа за извештајот на Марти. Иако беше базиран на темелна истрага, тој не понуди никаков убедлив детаљ од ниту еден злостор, ниту имиња на изворите, освен што ги идентификуваше како "изразени и независни" познавачи на ОВК. Дополнително, откритијата на Марти немаа никаква судска тежина. Амбасадорите му рекоа на Тачи дека освен ако не излезат некои цврсти докази, тој може да смета на нивната поддршка.
Минатата пролет бев на Балканот, и ја посетив српската канцеларија на Обвинителот за воени злосторства во Белград. Го заменив својот пасош за беџ за влез, и бев испратен по скалите на средба со Бруно Векариќ, заменик обвинителот. Векариќ, Србин кој почна со својата работа во 2003-та, помогна во осигурување на обвиненијата за воени злосторства против десетици луѓе - речиси сите од нив Срби. Тој ги следеше обвинувањата за трговија со органи сериозно како и сите други. Неговата цел, како што тој вели, е да открие "кој ги спровел овие монструозни дела, кој заробувал и убивал луѓе заради трговија со нивните органи." Тој не е единствениот српски функционер кој зборува како трговијата на органи од ОВК да е факт. Овие функционери тврдат дека проблемите со обезбедувањето на сведоци против Лимај и Харадинај, дополнето со фрлањето на доказите од жолтата куќа, се силен доказ дека станува збор за прикривање. Неодамна српски министер за правда изјави дека Трибуналот "плукна во лицето на српските жртви."
Векариќ, кој ме покани да го посетам, возбудено ме водеше низ големата сала за состаноци чии прозори беа покриени со венецијанери. На крајот од масата седеше маж со црна бејзбол капа која му ги засенуваше очите. Векариќ ме запозна со него и ми понуди да го интервјуирам, под услов да користам псевдоним за човекот кој беше во српската програма за заштитени сведоци.
Имаше 39 години, мустаќи и скршен нос, и рече да го викам Адриан. Половина беше Албанец, израснат во Швајцарија, каде станал дел од заедницата на албански иселеници. Во 1997-ма , се приклучува на ОВК. По влегувањето, заминува на подготовки со Француската легија на странци. Потоа пристигнува во Албанија. Кога стига таму се упатува кон границата со Косово, застанувајќи во камп во близина на Кукс. И Монтгомери и Марти го идентификуваат Кукс како локација на која ОВК трансформирала една напуштена фабрика во магацин за оружје, касарна и затвор.
"Се запознав со некои доктори и почнав да вежбам со нив. Ме учеа како да ги вадам органите, како да ги ставам на страна и како да ги пренесувам," рече Адриан, кој забележал дека еден од докторите е Дервиши, урологот од клиниката за трансплантација во Приштина.
Еден ден во пролетта 1998-ма, командантот на Адриан стапнува на нагазна мина додека е на патрола во Косово. Добива сериозни повреди. Адриан и петмина други, на носилки го носат до албанската граница, но по пат умира. На границата пристигнува комбе да го земе телото на командантот. И Адриан се качува, и патува до селото Хелшан, каде што ОВК има уште еден камп - неколку шатори и старо училиште. Адриан тука забележува двајца високи функционери на ОВК: Јакуп Красниќи и Сабит Гечи. Красниќи во тоа време е портпарол на ОВК а сега е претседател на косовскиот парламент. Гечи е шефот на војната полиција на ОВК.
Ова е клучен момент во приказната на Адриан. Во јули 2011. судот на Европската Унија го прогласи Гечи за виновен за воени злосторства, заради доказите за злоупотреба на затвореници во Кукс и во кампот во Кахан. Поранешните функционери на ОВК долго време го негираа постоењето на казнени кампови во Албанија, меѓутоа судењето на Гечи го докажа спротивното, и ја обележи една од најголемите пресуди против лидер на ОВК. Судиите ја донесоа својата пресуда откако 16 сведоци, најголемиот дел од нив поранешни затвореници, сведочеа за своите искуства.
Косовски Албанец кој ќе го викам Енвер, сведочеше за тоа како бил затворен во Кукс, заедно со неговиот брат. Тие биле обвинети дека се шпиони - обвиненија кои тие ги негираат. Една вечер стражарите го земале Енвер и брат му во собата за испрашување. Енвер изјави дека Гечи гледал како стражарите тепаат друг затвореник, удирајќи го со бејзбол палка обвиткана со гума, по што триеле сол на неговите рани. И самиот Гечи го тепал затвореникот. Гечи неколку пати со пиштол го удрил Енвер, по што им рекол на неговите луѓе да го тепаат со шипки; Енвер неколку пати се онесвестувал, а стражарите продолжувале со тепањето откако ќе му ја ставеле главата во кофа со вода. Во друга ситуација, стражарите во Кукс го облекле Енвер и брат му во панцири, и почнале да пукаат во нив со Калашников, се додека овие не се онесвестиле. Подоцна, стражар го застрелал братот на Енвер во колено. Енвер ги молел за помош, меѓутоа брат му цела ноќ крвавел и утредента умрел.
Откако ги поздравил Гечи и Красниќи во кампот во Хелшан, Адриан бил повикан во училишната зграда. Офицерите на ОВК го познавале и знаеле дека има медицинска подготовка. "Имаше по три училишни клупи во ред, кои формираа маса," објаснува Адриан. Тројца доктори, вклучувај го и Дервиши, стоеле околу масата. Стражарите на ОВК донеле еден млад маж - "19 или 20 години" - и го ставиле на клупите. "Не знаев ниту кој е, ниту која националност е," рече Адриан. Лицето на момчето било прекриено со свежи модрици.
Некој ја искинал маицата на момчето и го посипал со алкохол преку градите. Стражарите го фатиле за рацете и нозете. Адриан одеднаш сфаќа што се случува: ќе му ги вадат органите на затвореникот. Тој го фатил скалпелот и почнал да го сече момчето сред гради. Адриан се сеќава како тој викал на српски "Боже помози ми! Немојте то да ми радите!"
"Тогаш сфатив дека тој не е Албанец," ми кажува Адриан. Следно тој го пресекол градниот кош со бајонет. Додека двајцата доктори, стоејќи еден карши друг, ги кренаа ребрата на затвореникот, тој го отсекол неговото срце, кое уште пулсирало. Младиот Србин умрел.
Адриан рече дека го ставил срцето во кутија полна со течност за заштита. Кутијата ја ставил во мал ладилник кој го изнел надвор до едно зелено Волво 704 седан. Ладилникот го сместил во багажникот во местото за резервна гума. Целата процедура траела 45 минути, иако на Адриан му "изгледала како вечност." Пред да си замине од кампот, Гечи му честитал и го потчукнал по грбот.
6 месеци подоцна, Адриан добил наредба да собере мал ладилник од куќата пред Бурел - озогласената жолта куќа. Адриан тврди дека докторот, го пречекал на врата и му го дал ладилникот. Адриан возел до воениот аеродром во близина на Тирана, каде што чуварот му ја кренал рампата кон пистата. "Потоа видовме приватен авион. Имаше турско знаме на задниот дел." Сега разбирам зошто Векариќ беше толку нестрплив да се запознаам со Адриан: неговото сведоштво ги пополнување празнините што со години ги мачеа обвинителите и истражувачите.
Кога го прашав Адриан дали овие епизоди го расипаа неговиот поглед на ОВК, тој ми одговори дека "направил ѕид" во неговиот ум и продолжил да се бори за групата и за уште едно сепаратистичко движење. Но во 2002-ра, "имав проблем со мојата совест," ми објасни Адриан. Тој се откажал и од двете групи но останал во Косово. Кратко по ова, поранешен командант на ОВК во знак на одмазда го киднапирал, го претепал и го измачувал со струја. Откако се пожалил на полицаец на ОН, напаѓачот бил уапсен и осуден за напад. По ова, некој фрлил бомба во неговиот дом. Адриан почнува да се крие во неколку балкански држави, пред конечно да отиде во Белград и да побара заштита од српските власти.
Го прашав дали се чувствува како предавник.
"Не зборувам против албанскиот народ. Зборувам против луѓето кои извршуваат воени злосторства. Се откажав од се што имам во Швајцарија за да се борам за ОВК, не сум ниту предавник ниту шпион. Само сакам да станам добар човек. Доволно време ги криев овие работи. Не можам повеќе," одговара Адриан.
Тој признава дека се уште има некои тајни. "Има премногу работи, премногу стории, премногу убиства за кои никој никогаш не чул. Многу луѓе видоа многу работи. Ако секој од нив зборува како што јас зборувам, овие случаи ќе беа решени."
Сведоштвото на Адриан беше извонредно, меѓутоа изгледаше како да поврзува премногу точки. Според неговото сеќавање, тој учествувал во варварското убиство на Србин, бил пофален од озогласен воен криминалец, пренел сомнителен пакет од доктор во жолтата куќа, и својот пакет го однел во авион кој патува за Турција. И неговиот опис на операцијата изгледаше бизарен: зошто, на пример, Србинот не бил под седативи?
Одлучив да проверам колку е точна приказната на Адриан. ОВК навистина имаше камп во Хелшан, и во 2004-та обвинителите во судот (во Косово) поднесоа сведоштво од некој кој тврдеше дека ветеран на ОВК го претепал и го измачувал со електро-шокови, а иницијалите на човекот одговараа во вистинското име на Адриан. Истата оваа година, БиБиСи пренесе дека некој фрлил бомба во куќата на некој со исто име како и Адриан. Меѓутоа најголемиот дел од приказната беше тежок да се потврди. Дервиши, кој беше под обвинение, и Гечи, кој беше во затвор, одбија да зборуваат. Красниќи негираше дека го посетил Хелшан во 1998. и ми рече дека епизодата што ја опиша Адриан може да ја има "само во легенди и филмови."
Прем Шекар, хирург за трансплантација на срца во Медицинската школа на Харвард, ми рече дека приказната на Адриан била медицински неуверлива, почнувајќи од размачкувањето со алкохол. Трансплантацијата на срце бара вистински стерилна околина: "Ако земете срце кое е извадено во такво контаминирано сценарио, примателот ќе добие ужасна инфекција." Тој сосема ја отфрли идејата за отстранување на топло, пулсирачко срце. Типично, во срцето се инјектира раствор кој привремено ја сопира неговата работа, додека тоа уште е во самиот донатор, и со тоа се парализира органот. "Само откако срцето ќе се излади и ќе се стопира, тоа може да биде извадено," ми објасни Шекар. Тој исто така се сомневаше дека Адриан успеал да го исече градниот кош на Србинот. Во болници, објаснува Шекар, срцето со вади со помош на стерилна пила, која се користи за да се отвори градниот кош. Плус, срцето може да издржи меѓу четири и шест часа надвор од тело. Едноставно нема како да пренесеш срце од оддалечен камп во Албанија до болница во Турција, и потоа да ја комплетираш долгата операција, пред срцето да откаже. Операцијата што Адриан ја опиша, продолжува Шекар, би користела само како "екстремно примитивна форма на тортура."
Не успеав да го најдам наводниот командант на Адриан - оној што наводно стапна на мина - на листата на маченици на ОВК. Меѓутоа официјалниот датум на неговата смрт е мај 1999. една година подоцна од она што кажа Адриан. Потоа ги прегледав сите списоци со ветерани на ОВК, и името на Адриан не беше на нив. Тој ми рече дека властите во Косово "прават се што можат" за да го избришат неговото име од архивите.
Четири пати го интервјуирав Адриан - два пати во живо и два пати на Скајп - и разликите се трупаа. Дури и откако му кажав дека датумот на смртта на неговиот командант е 1999-та, тој инсистираше дека епизодата во Хелшан се случила во 1998-ма. "Видов многу мртви луѓе," ми одговори, отворајќи ја можноста дека можеби го помешал командантот со некој друг. Првенствено тој тврдеше дека го нема видено Дервиши, урологот, од средбата во Хелшан; еден месец подоцна, рече дека го видел Дервиши "подоцна, многу по крајот на војната" на прием во Косово.
Ми рече дека живеел со неговата сопруга во Белград; неговата поранешна сопруга е на Косово и е во роднински врски со "ВИП личност на многу високо ниво." Успеав да најдам еден од роднините на Адриан во Европа и и' се јавив за да ја прашам за семејните односи. (Адриан одби да ми го каже името на поранешната сопруга, или на кој било друг поранешен борец на ОВК кој би можел да ја потврди приказната.) Жената се изнасмеја, нарекувајќи го Адриан патолошки лажго кој никогаш не бил во ОВК, ама затоа бил во затвор во Германија за продавање дрога. Дознав дека Адријан имал и досие во Србија, кое вклучувало кражба на автомобил, заканување со секира на службено лице и лажење на полицијата.
Во меѓувреме, Адриан во Србија под покровителство на канцеларијата на Обвинителот за воени злосторства, ја споделуваше својата приказна и со други. Тој доби доста големо внимание од српската државна телевизија, која на 10-ти септември минатата година, емитуваше 90-минутиен документарец "Анатомија на криминал." Првите 20 минути беа одвоени за Адриан - со неговото лице замаглено а гласот изменет - опишувајќи како го отсекол срцето на еден млад Србин. Заменик обвинителот Векариќ исто така се појави, кажувајќи му водителот "апсолутно сме уверени дека тој го направил она што вели дека го направил."
Пораката на програмата беше јасна: како што српските лидери одговараат за воени злосторства, така и косовските лидери треба да одговараат за делата како оние опишани од Адриан. За неколку дена приказната на Адриан се рашири низ светот, АП, Телеграф и други медиуми објавија резиме од документарецот. А Франс прес, кои го цитираа Адриан како "крвта почна да се излива" додека го сечел градниот кош, текстот го најави со насловот "Стравотни детали од собирањето на органи на Косово за време на војната."
Во јули 2010-та, апелациониот суд во Хаг му даде на обвинителот уште една шанса да го гони Рамуш Харадинај, поранешниот командант на ОВК. Кратко по ова, Канцеларијата на обвинителот за воени злосторства во Белград ги извести обвинителите во Хаг дека имаат најдено сведок - еден од неговите подредени во ОВК - кој има директни сведоштва за делата на Харадинај. Тој ноември, обвинителот од Хаг, Пол Роџерс, долета во Белград за да се сретне со потенцијалниот сведок.
Роџерс на состанокот му пристапува крајно претпазливо: изгледа сосема невообичаено клучен сведок да се појави 5 години по обвинението. Тој исто така беше загрижен за можната субјективност на српската влада. Меѓутоа на сведокот му даде број, 81, и го ислуша. Летото 1998-ма, 81 тврди дека тројца мажи - Србин и двајца Роми - биле уапсени од ОВК, обвинети дека соработувале со Србија и биле фрлени во подрум во близина на селото Јабланице, во јужно Косово. Харадинај пристигнал да ги провери заробениците. За инспекцијата, трите затвореници биле изведени во дворот. Подофицер на Харадинај, со прекар Тогер, му го отсекол увото на Србинот, додека друг подофицер, со прекар Маџуп, ги претепал Ромите со бејзбол палка. Подоцна, 81 раскажува, Тогер му го исекол едното око на Србинот со нож.
Роџерс забележува некои недоследности во сведочењето на 81, меѓутоа луѓето често се мешаат кога се присетуваа на некои мачни сеќавања. Секако, сведочењата ги потврдија сомневањата што обвинителите во Хаг веќе долго време ги имаа за лидерите на ОВК. И во ноември 2011-та, 81 отиде во Хаг за да сведочи. Мина 10-часовно директно испрашување во судницата.
Адвокатот на Харадинај, Англичанецот Бен Емерсон, листаше низ купот претходни изјави на 81. "Во првото сведочење пред обвинителот изјавивте дека само едното уво на момчето било исечено и дека тоа го исекол Маџуп и дека било уво на еден од Ромите," изјави Емерсон. "Второто сведоштво што го дадовте беше дека само едното уво на момчето му било исечено, меѓутоа дека го исекол Тогер и дека било увото на Србинот... Сега велите дека две уши биле исечени - едното на Ром, другото на Србинот." Емерсон исто така рече "знам дека ви е тешко да се снајдете со различните верзии што ги дадовте - ама тоа е затоа што ги измислувате."
Во еден момент 81 го обвини лошиот превод за забуната. Емерсон извади копија на документ кој 81 претходно ја потпиша, потврдувајќи ја точноста на преводот. "Ова е театар," извика Емерсон. "Причината зошто не можете да ги усогласите е дека сите се измислени."
За време на последниот говор, Роџерс призна дека сведочењето на 81 беше катастрофа, и побара од судиите да "ги игнорираат овие докази," додека ја носат нивната пресуда. Емерсон, изјави дека 81 беше "толку лизгав од лигите на нечесноста, што на човек му доаѓа да си ги измие рацете."
Неколку дена подоцна Емерсон ми рече дека е сигурен дека 81 бил "активно учен" од тајните служби на Србија. Минатиот ноември, Харадинај беше прогласен за невин по втор пат; судиите ги наведоа "нестабилните" изјави на 81 како фактор.
Читајќи го сведочењето на 81, забележав неколку сличности меѓу него и Адриан. И двајцата дадоа неочекувано детални сведоштва за суровоста на ОВК. И двајцата минаа значително време во друштво на српските власти. И двајцата пораснаа во Швајцарија. Двајцата имаа досиеја во Србија. Во нивното сведоштво и двајцата ја истакнаа важноста на рангот и дека им салутирале на старешините на ОВК - сведоштва кои можат да му помогнат на обвинителот околу аргументот за "командна одговорност."
Исто така дознав за случајот од 2004-та во кој Адриан сведочеше дека бил киднапиран и малтретиран од поранешен припадник на ОВК. Во март 2007-ма, врховниот суд на Косово нареди повторно судење, со објаснување дека обвинувањата на "ниту еден начин не одговараат со доказите." Три години подоцна обвинителството ги повлекло обвиненијата. Во тоа време, целата работа се сметаше за уште еден пример како борците на ОВК избегнуваат одговорност. Сега изгледа како уште еден пример на лага на Адриан.
Многу прашања останаа. Дали српската Влада, нервозна што не може да најде уверливи докази за трговијата со органи, намерно ја подметнала лажната приказна? Кога и зошто, Адриан почнал да работи за Белград? Дали неговото криминално досие го прави подложен за искористување од српската Влада? И дали, ако бил подготвуван како српски сведок, тој излезе толку некомпетентен?
Потоа тука е улогата на Бруно Векариќ, обвинителот од канцеларијата во Белград. Во неговата земја, како што тој ми објасни, тој е критикуван затоа што мнозинството од обвинетите му се Срби и заради неговата соработка со Хаг. Дали Векариќ се надевал дека ќе го покаже својот патриотизам со тоа што ќе ја промовира приказната на Адриан? Кога го прашав Векариќ дали тој бил прелажан од Адриан или учествувал во неговата фантазија, Векариќ одговори: "Може е лажго. Меѓутоа оваа сторија за трговијата со органи сигурен сум дека е точна."
Кога последен пат зборував со Адриан, преку Скајп, побарав од него да ми потврди дали тој исто така е познат како 81. Тој ја стави капата на главата и ги покри очите. Се оттурна од масата, нешто промрмори, на српски, до девојката која го пазеше во собата. За кратко време таа се појави на екранот и рече "Тој повеќе не сака да зборува со тебе."
Форензичарските серии како "ЦСИ" се базираат на идејата дека секое убиство зад себе остава траги од докази, без разлика колку се бледи. Во реалноста, некои кривични дела се покажаа како невозможни за откривање. Заговорите се создаваат во мрачни соби, труповите се уништуваат во киселина, сведоците ги носат тајните во своите гробови.
Неколку водачи на ОВК преживеаа повеќекратни обвиненија. Откако Фатмир Лимај, беше ослободен во Хаг, Канцеларијата на ЕУ во Косово го обвини за измачување и злоупотреба на затвореници во друг затворски храм. Обвинителот го убеди поранешниот стражар, Агим Зогај, да зборува. Во кампот Зогај водел дневник со имињата на сите затвореници. Според извештајот на Коха Диторе, "плус" или "минус" знак пред името означува дали затвореникот е ослободен или егзекутиран - во некои случаи и по наредба на Лимај. Меѓутоа во септември 2011. еден месец по почетокот на судењето на Лимај, Зогај беше најден обесен во парк во Дуисбург, Германија - наводно самоубиство. Судиите го прогласија дневникот за недопустлив и го ослободија Лимај. Во ноември 2012-та, судиите ја променија одлуката за дневникот, и наскоро се очекува да започне ново судење. Лимај моментално е во куќен притвор во Приштина. Портпаролот на ЕУ, го оправда притворот на Лимај наведувајќи дека постои ризик дека тој би можел да се меша околу доказите.
Виш истражувач на воени злосторства на ЕУ, ми рече дека "одреден криминал во Косово останува неидентификуван." Сепак српските напори да ја промовираат приказната на Адриан имаа контра ефект: ваквата тактика само им ја олеснува работата на адвокатите на водачите на ОВК да протестираат што нивните клиенти се жртви на клевета. Мајкл Монтгомери изјави дека канцеларијата на Бруно Векариќ во Белград, во истрагата за трговија со органи "на сите можни начини заеба се што можеше."
Без разлика, човекот од ЕУ ми рече: "Со соодветно ниво на претпазливост, останувам убеден дека е може да се откријат најсуровите зло дела на организациите на косовските Албанци, ОВК и нивните соработници, дури и најкомплексните криминални планови за трговија со луѓе заради вадење на органи." Во август 2011-та, ЕУ формираше "специјална истражувачка единица" која треба еднаш за секогаш да ја реши сагата со трговијата на органи, вклучувајќи ја и можната улога на косовските лидери.
ЕУ, го постави американски обвинител, Клинт Вилијамсон, како одговорен за овој проект. Пред преземање на работата Вилијамсон го истражуваше материјалот собран од тимот на Дик Марти и заклучи дека е потребна комплетна детална истрага. Вилијамсон, како искусен дипломат добро го знае Косово, пред една деценија работеше во Хаг, помагајќи во составување на обвинението против Милошевиќ. Ќе биде тешко него да го преставиш како неискусен или приврзан.
Канцеларијата на Вилјамсон е во Брисел, е во еднолична зграда на ЕУ, која е заштитена со 24-часовен надзор и обезбедена мрежа за комуникации. Тој ми рече дека неуспехот на соодветно помирување во Косово, остави "мрачен облак" над Балканот. Својата истрага планира да ја заврши во 2014.
Судските досиеја покажуваат огромни пропусти во претходните обвиненија против водачите на ОВК. На пример, сведок во судењето против Сабит Гечи - командантот на воената полиција обвинет за злосторства во Кукс и Кахан - сведочеше дека еден високите советници на Тачи го однел до Кукс, меѓутоа судијата ја отфрли изјавата, велејќи дека советникот "не бил обвинет во ова судење." Зошто обвинителот ја истражил потенцијалната врска меѓу Тачи и Кукс?
Има и други можни траги. Поранешен затвореник во кампот во Кахан изјави дека таму стражарите "ни ставаа пиштол на глава и не тераа да тепаме, пукаме, па дури и да ги содомизираме другите затвореници." Тој додава "Нашите мачители беа исто Албанци како нас, ОВК, кои наводно требаа да се борат за нашата слобода." Затвореникот, кој се сеќава дека Лимај давал наредби, изјавил дека во еден момент Тачи дошол, ги видел затворениците, и "виде дека сме врзани повредени и оставени во гнасното место." Тачи и Лимај "знаеа точно што ни прават." Делови од неговото сведоштво се појавија и во Ле Монд, меѓутоа обвинителот изгледа не го начекал текстот. (Најмалку еден сведок го става Тачи во затворенички камп: Енвер, затвореникот обвинет за шпионирање се сеќава дека го видел Тачи во Кукс како носи цивилна облека.)
Во 2011-та и 2012-та, Вилијамсон отпатува во Албанија. Ми рече дека Албанија, а не Косово, ја смета за "најважната оперативна зона" за наводниот криминал на ОВК. Едно од местата кои се од посебен интерес е фармата покрај аеродромот - местото на кое според Марти, бубрезите биле вадени од затвореници кои биле застрелани во глава. (Сопственикот на фармата ги отфрла сите обвинувања; тој дури го тужеше Марти за клевета, меѓутоа неговата тужба беше одбиена.)
Вилијамсон признава дека шансите за откривање "жив доказ" се мали, бидејќи е пројдено многу време. Доколку лешовите требало да се преместат или некоја видео касета да биде уништена, тоа се случило пред многу години. Без физички доказ, Вилијамсон ќе мора речиси целосно да се потпира на сведоштва. Тој забележува: "Едно е кога луѓето зборуваат со Марти или со новинар. Сосема друго е кога треба да учествуваат во криминална истрага во која ќе треба да се појават во суд и да го вперат прстот кон некои многу моќни луѓе." Со ова кажано, Вилијамс мина неколку години работејќи во Департманот за Правда во Одделот за организиран криминал и рекет, и откри дека со правата комбинација на поттик, мерки за заштита и апелирање на совеста, "дури и најтврдокорните инсајдери ќе се претворат во сведоци."
Минатата година се сретнав со премиерот Тачи во неговата канцеларија, на вториот кат од 14-катна зграда во центарот на Приштина. Жан Франсоа Фито, францускиот амбасадор во Косово, ми рече дека Тачи е "Мик Џегер на ОВК," и Тачи навистина е допадлив, со чиста насмевка, внимателно исчешлана коса и одличен тен.
Во ОВК, Тачи бил познат како Змија - референца на неговите повеќекратни избегнувања на српските власти. Прекарот, изгледа, се уште одговара. "До почетокот на војната, Србите сакаа да ме затворат. Во војната, тие сакаа да ме убијат. По војната тие сакаа да ме компромитираат и да ја уништат мојата репутација." Тачи негира дека некогаш бил поврзан со некоја криминална организација и вели дека не е свесен дека имало некакво малтретирање на затвореници.
Во еден дел, разговорот се сврте на Сабит Гечи. Германските тајни служби тврдат дека Тачи одржувал "многу добри контакти" со него, меѓутоа Тачи го негира ова, велејќи "Да бидам искрен, тој не ми беше пријател." Додека зборевме за злосторствата на Гечи, лицето на Тачи почна да станува сиво, а насмевката ја снемаше, како да можеше да осети дека репутацијата му опаѓа. "ОВК беше голема и во такви организации секогаш им некој што ќе ги злоупотреби," ми рече Тачи. Беше речиси 17 часот, а голем број од неговите советници и помошници си отидоа дома. Тој пропадна во неговата црна кожна фотелја и го откопча најгорното копче на кошулата.
Ако Вилијамсон најде сигурни докази дека ОВК шверцувала органи на затвореници, Тачи рече "тоа би го оставило најлошото наследство за Косово и нашите луѓе." Меѓутоа "никогаш вакво нешто не се случило" со негово знаење. "Затоа и давам целосна поддршка на оваа акција. За вистината да може да преовлада."
Попладневното сонце полека се симнуваше низ собата. "И давам целосна поддршка на правдата. Јас ќе бидам на страна на правдата, без разлика кој е на другата страна," дополни Тачи.
Враќајќи ја бојата на лицето, Тачи, со насмевка рече "Единствените закони што ги прекршив беа законите на Милошевиќ. И се чувствувам горд заради тоа."