Познати се трите противници на Македонија на СП 2026, ако го помине баражот

Во „Центарот Кенеди“ во Вашингтон, денеска беа извлечени групите за Мундијалот кој стартува на 11 јуни.

Ако македонската фудбалска репрезентација успее во бараж полуфиналето да ја изненади Данска, а потоа во финале да го совлада подобриот од дуелот меѓу Република Ирска и Чешка, на деби Светското првенство ќе се најде во А група со кодомаќинот Мексико, Јужна Африка и Јужна Кореја.

Но, за тоа ќе треба да почекаме уште скоро четири месеци, бидејќи бараж натпреварите се закажани за периодот 26-31 март, а Македонија се падна да игра на гости и во полуфинале и во евентуалното финале. 

Мундијалот се отвора со мечот меѓу Мексико и Јужна Африка во Мексико Сити на стадионот „Ацтека“. 

Во „Центарот Кенеди“ во Вашингтон денеска репрезентациите од четирите шешири ги извлекуваа НФЛ-играчот Том Брејди, Шекил О‘ Нил, бејзбол-играчот Арон Џаџ и НХЛ-легендата Вејн Гретцки.

5 декември 2025 - 21:50