пишува: Дино Граматиков
Добредојде во вториот прилог за друштвени игри на Букбокс. Денес одиме еден чекор поблиску до ова мистериозно хоби. Минатиот пат ја спомнавме навидум невидливата поделба на гикови кои играат игри и покрај тоа што начукале години и сериозни луѓе кои имаат попаметна работа во животот. А дури и да сака човек да се олабави со нешто ново, кој има време да се занимава со избор од илјадници игри, учење правила и организирање 3-4 души кои исто така немаат време за глупости. Да беше табла или партија карти па ајде некако.
А можеби има и полесен начин?
Замисли да имаше куса листа едноставни игри што може да се пробаат на брзина за да види човек што толку се прави галама? На пример, нешто за двајца, со партнерот – за со пијалок после работа. Уште и да не боли глава од правила и да се учи за пет минути, таман.
Еве десетина предлози за сите вкусови, со мала забелешка – сите игри се дуел, т.е. компетитивни, во кои едниот победува а другиот губи. Кооперативните ќе ги оставиме за некоја следна прилика:
Battle Line (Schotten Totten)
Прво па машко – игра со Ацо Македонецот на насловна и правила кои потсетуваат на покер. Шпил во шест бои со карти од еден до десет и девет бојни полиња на кои може да се наредат до три карти со цел да се добие битката. Во секоја битка победува посилната комбинација, почнувајќи од три во низа (7, 8, 9), па три исти (9, 9, 9) и така натаму. За да биде уште поинтересно има и т.н. тактички карти со Ацо, Дариус и тактички потези кои ја прават играта непредвидлива. Брза и напната игра, или т.н. тепачка во телефонска говорница, што би рекле Англичаните. Верзијата со Ацо не се наоѓа лесно (вреди да се потруди човек), но затоа во последно време е пошироко достапна верзијата под името Schotten Totten.
Memoir ‘44
Игра со минијатурни војници, тенкови и артилерија со тематика од Втората светска војна, или што би рекле - партизани и Германци. Една од наједноставните воени игри со минијатури, доволно лесна и брза за да може да се игра во паб со пиво и грицки за саат време. Потезите ги одредуваат картите кои се влечат од шпил, а битките се решаваат со коцки. Играва е класика, една од првите игри во мојата колекција која бележи дваесетина години и се уште е на второ место на мојата лична топ листа.
Santorini
Играва може да се нарече 3-Д шах на табла 5x5. Се натпреварувате кој ќе качи еден од двајцата ѕидари на врвот на зградата. Може да ја играат и деца од шестгодишна возраст нагоре, а кога ќе се совладаат стандардните стратегии во игра влегуваат и карти со посебни моќи за градење и движење. Тоа гарантира разноликост за подолго време и приспособување на играта за играчи на различно ниво на умешност. Прилично заразна игра со едноставна и визуелно пријатна естетика.
Arboretum
Живописна игра со редење дрвја во градината едно по едно. Арно ама, победува само оној кој ги има највредните дрвја во рака на крај на играта, иако понекогаш тој вид дрво се наоѓа во противничката градина. Изгледа многу убаво на маса но крие деликатни стратегии кои донекаде потсетуваат на Battle Line од погоре, со додатната предност дека може да се игра со тројца или четворица. Би ја препорачал како втор чекор по една од останатите на листава.
Jaipur
Дуел игра од 20-тина минути во која се натпреварувате кој прв ќе ги купи највредните скапоцени добра - злато, сребро, дијаманти, свила и зачини од пазарот кој се наоѓа во средина. Една од оние кои сосема лесно може да се играат на плажа со ладен пијалок, но доволно заразна да мора да се оладите во вода по три-четири партии.
Splendor Duel (слика најгоре)
Сплендор е една од најпопуларните и наједноставни игри на листава. Првото издание се продаде во милиони копии и е познато по тоа што луѓе очајуваат по форуми затоа што играва ја подариле на своите баби и дедовци кои потоа се навлекле на неа и не сакаат да слушнат за ниту една друга. Нешто како модерен табланет.
Во првото издание може да играат четворица одеднаш, а најновото дуел издание е уште подобра верзија исклучиво за двајца. Екстремно заразна игра во која се тркате кој прв ќе собере одреден број поени, скапоцени камења или круни. Со секоја освоена карта играта се забрзува и полесно се освојуваат следните карти, механизам кој популарно е наречен engine building.