Букбокс друштвени игри: „Војна против теророт“ (2006)

Во оваа нова подрубрика нема да го следиме стандардниот совет „пишувај за она што го знаеш“, затоа што за светот на друштвените игри сме во процес на учење. Но ако советот е „пишувај за она што го сакаш“, тогаш сме на свое. 

Покрај сите можни поделби на луѓе, Битлси-Стоунси, Мајкрософт-Линукс, СДСМ-ВМРО, штипска или велешка пастрмајлија, една во последно време ни е особено интересна. Луѓе што сакаат и играат друштвени игри наспроти такви за кои е незамисливо возрасни луѓе да седат на астал и да кршат глава околу заземање фиктивни територии, размена на камили или градење железнички пруги. Со игнорирани телефони, полни бешики и стоплени пива, оти редот не смее да трпи. 

Оние првите во Скопје знаат да се собираат во борд-гејм кафето „Само“ (види Букбокс интервју со еден од сопствениците тука) или секоја сабота на денска дружба во кафе-книжарницата „Буква“. Играчници и друштва секако има и во други места низ Македонија, а во тоа предничи Струмица. Ако може да се зборува за играчка „заедница“, таа на Фејсбук може да се најде под Board Games MK каде може да се разменат, купат и искоментираат игри или да се најдат потребните +3-5-7 души за некоја поголема игра. 

Идејата ни е следна - низ оваа подрубрика на Букбокс познавачи или просто љубители да споделат впечатоци за одредена игра, за оние кои како нас не се по читањето упатства, гледањето долги видеа или скролањето „чаршафи“ од коментари на сајтовите за друштвени игри, да знаат отприлика за што станува збор, што да очекуваат ако ја играат и дали да ја купат. Слично како со серија или книга, ама подобро - серии гледаат и коментираат многумина, ама ако некој седнал и ja изиграл „Кампања за Северна Африка“ (ниво на комплексност според сајтот Борд Гејм Гик 4.74 од 5), преживеал и седнал да напише за тоа - епа треба да му се даде кредит.


Отвораме со еден прилично нетипичен претставник на друштвените игри, кој е сепак одличен пример за тоа дека низ овој медиум може да се промовира нешто многу повеќе отколку само лежерно поминато време и малку натпреварувачки адреналин. „Војна против теророт“ (War on Terror) и визуелно, а и стратешки, неодоливо потсетува на „Ризико“ - една од двете игри, заедно со „Не лути се човече“, кои ја имаат играно и луѓе што не се по играњето, само затоа што немале што друго да прават на плажа кај Канео кога било преладно да се плива. Но овој „Ризико“ е со твист. 

Целта на реалната војна против тероризмот е - нели - ослободување на светот од ваквата напаст. Само најсилните држави (во играта: империи) се подготвени да се соочат со моќниот непријател, па оттаму секој стартува со своја. Иако почнува мирно, играта набргу заличува на вести на Си-ен-ен: империите се шират низ планетата грабајќи што повеќе територија и ресурси (особено нафта), позиционирајќи се на стратешки најдобрите граници. Кешот со кој располагате може да го трошите градејќи населби и градови (слично како во „Катан“), или да ги трошите на екстра империски карти кои содржат различни гео-стратешки опции. Ако си велите „уште нуклеарки фалат“ - да, и нив ги има, и тие некаде при средината на играта стануваат битен елемент на психолошки и реален притисок. 

Но најголем предизвик се терористите кои можат да бидат инсталирани на која и да е територија, па уништени, за потоа да искрснат на сосема десето место. За играчот да победи, некако „логично“ е туркан кон тоа да финансира терористички ќелии и да руши империи, но притоа жртва на целиот тој хаос може да стане и самиот. Сите асоцијации на реални „империи“ се намерни и дозволени.

(дел од играта е размена на тајни пораки и формирање сојузи помеѓу играчите)

Издавач на играта е Terrorbull Games, кои на својот официјален сајт велат:

„Ние сме на мисија повторно да ја откриеме и да ја воскреснеме заборавената традиција на користењето друштвени игри за покренување на дилеми од реалниот живот. Игрите порано биле алатки за разбирање, призма низ која се поставувале прашања за светот - забавна алатка но сепак алатка. Сега сите тие се за тргување со овци или заведување принцези“.

Во својот манифест тие потсетуваат дека Монопол почнала како анти-капиталистички протест (за тоа пишувавме тука). Дека „Змии и скали“ (Snakes&Ladders) првично се користела за подучување кармичка етика, а дека најстарата игра на светот била подготовка за задгробниот живот. Забавата не значи отсуство на промисленост. Темите со кои тие се занимаваат не се лесни, туку провоцираат, соочуваат. Освен „Војна против теророт“ нивниот каталог содржи и игра наречена „Кокошкините заповеди“  (The Hen Commandments, игра на зборови со десетте заповеди), или „Кранч“, во која играчот е во улога на извршен директор на банка кој се одликува со стереотипни особини за оваа професија: алчност, желба за профит и склоност кон експлоатација. Целта е да се натрупа што поголемо богатство пред системот да се сруши. Слободно можеле да стават и македонски политичар.

Ако после ова посакате да ја купите „Војна против теророт“ за жал тоа веќе не е можно - на сајтот пишува дека изданието е исцрпено. Но малку подетално копање по сајтови со коментари открива дека во времето кога е издадена неа ја следеле големи контроверзи поради пристапот и темата. Внимавајте - годината е 2006, само пет години по падот на кулите-близначки, кога администрацијата на Буш тврди дека води вистинска војна против терористите на Блискиот Исток.

Оттаму, не е ни чудно што не ѝ било дозволено да учествува на саеми на друштвени игри (Есен, Германија, 2007) рамо до рамо со семејни и политички коректни игри (меѓу кои, иронично, „Г-дин Џек“, игра за сериски убиец кој касапи проститутки). Како да била прогласена за најопасна игра на светот, што може маркетиншки ѝ додало на популарноста кај одредена ниша играчи, но други пак останале ускратени за тоа да дознаат за нејзиното постоење. Сигурно не помогнал многу ни фактот што еден од елементите е вистинска маскирна капа со болдиран црвен натпис ЗЛО, која треба да ја носи играчот кој ќе се најде во таква (не)завидна ситуација да се поти под неа половина час среде преполна кафана, со жалопојка на рипит: „Абе мора ли?“.

Дали е ова игра со која некој би требало да биде воведен во светот на друштвените игри? Зошто да не? Под два услова: да има доволно смисол за хумор и да нема алергија на синтентичка балаклава. 

Илина, Букбокс

15 март 2023 - 18:56