Кога во март оваа година се појави известување за скорешно отварање на кафич во кој ќе можат да се играат друштвени игри, тоа ни се виде како искра радост во градското сивило. Секако, уште прв ден испитавме ситуација и сфативме дека не станува збор за шема во која со пијачката ќе може да се игра табланет (иако и тоа може), туку за екипа која е упатена во актуелните случувања во борд-гејминот, поседува добра почетна колекција и сака да ја сподели својата љубов кон друштвените игри. Имено, затоа што тие по дефиниција и треба да се играат во друштво!
На 13 април таму го одбележавме Меѓународниот ден на Скребл, со тестирање на рачно направен прототип на македонската верзија. Тој настан, како и последователните посети на местото, ни покажаа дека: 1) наспроти стереотипот дека „младите киснат на компјутер“ има и такви кои со радост киснат и над табла „Тикет ту рајд“ и 2) аналогната социјализација во градов ниту е мртва, ниту умира намера да умира, само ѝ треба соодветна поддршка.
А токму таква поддршка пружа „Само“. Еден од луѓето кои стои зад идејата, Борис Момиќ, за Букбокс одговара на прашања поврзани со местото, но и со актуелното производство на македонски друштвени игри во кое исто така учествува.
Како дојде до идејата за отворање на првото борд гејм кафе кај нас?
Идејата за ваков тип на локал (место) не е нова, а и не е до толку оригинална. Од друга страна, како се реализираше овој проект е една фантастична приказна. Јас и Дардан (другиот мастермајнд зад Само) со кого само неформално се познававме до тогаш, бевме споени од околностите и за навистина краток период го развивме и реализиравме целиот проект.
Јас доаѓам од „гејмерската“ средина, додека тој е ентузијаст со вистинска посветеност за развој на хобито, а по пат ни се приклучија Ана и други поддржувачи (shoutout to: Goblin Games Skopje).
Според она што го сведочев тие први денови, не моравте многу да се рекламирате, веднаш се создаде кружок друштвено-играчи, кои како едвај да чекале да се отвори едно вакво место. Може ли да се каже дека постои „заедница“ на борд гејм играчи во Македонија, или тоа се повеќе одделни групи кои сега преку САМО имаат шанса да се здружат во нешто поголемо?
Како некој што пораснал во оваа средина на друштвени игри, морам да признаам дека малкумина од нас веруваа дека постојат толку луѓе во градов кои го делат „нашиот“ интерес. Досега, се организирале борд гејмерски собири на неколку места во Скопје, на кои имало супер интерес. Но, тие луѓе немале повторна прилика да се дружат или играат заедно. Дефинитивно можам да кажам дека една од целите на САМО е да ги собере, да ги поддржи и до некаде да ги обучи овие новопечени гејмери.
Вие во екипата сепак не сте класични „кафанџии“, туку сте длабоко навлезени во светот на друштвените игри, не само со играње, туку и со креирање игри за светскиот пазар. Колку игри до сега сте изработиле и кои се тие?
Навистина, дел од нас, веќе некое време се бават со дизајнирање и издавање на друштвени игри. Пред околу 3-4 години во Скопје паралелно почнаа две фирми да издаваат игри, со помош на Kickstarter платформата за crowdfunding. Најголемиот дел од средставта за нашите игри доаѓаат од таму. Процесот од идеја до реализација на една игра е комплициран колку и луѓето кои работат во него. Ова хоби има огромен подем во светски рамки, па и професионалноста мора да биде таква. Луѓето кои се инволвирани еволуираа и созреаа во овие неколку години, и чест ми е што припаѓам во таков круг на креативци и ентузијасти.
Досега од македонските издавачи Archona Games и Final Frontier Games се издадени 7 игри, од кои 2 имаат доживеано експанзии, поради огромниот интерес за истите. Уште 2 се објавени за крајот на летово (по една од двете компании), а оваа есен на Кикстартер ќе се појават и Devanchi Games oд Струмица, со својата прва игра. Овие подвизи и те како влијаеа на зголемување на интересот за ова хоби во Македонија, и нè поставуваат како едни од водечките издавачки земји во регионот.
Огромната разлика помеѓу компјутерското гејмање и играњето друштвени игри е во физичкиот контакт помеѓу луѓето - да се видиш, да се запознаеш, да си ги измериш вештините, понекогаш и да се скараш, со еден збор, да се социјализираш. Дали го отворивте местото и со една ваква идеја, или тоа си дојде само-то?
Денес сме во златното доба на гејмингот. Со подемот на видео и мобилните игри, неминовно беше луѓето да сакаат да се вратат на друштвените игри. Ова биле првите игри кои ги играме како деца, но денеска друштвените се далеку од игри-за-деца. Откако табуата за игрите се срушија, местата како САМО ќе си дојдат сами.
Некои мислат дека „Само“ е акроним, нечиј самојед или повик само да се игра. Всушност повеќето погрешно го изговараат, бидејќи станува збор за „Сејм-о“, графити таг користен од страна на њујоршките графити уметници во 1980-тите. Може да ни кажеш нешто повеќе за изборот на името?
Точно е дека изборот на име и логото се инспирирани од графити тагот SAMO, но ние не сме кумовите. Предходните сопственици на локалот го имаа овој концепт, а ние доаѓајќи од креативните бранши (Дардан е ликовен уметник, Ана е графички дизајнер), паднавме на неговиот шарм и решивме да го задржиме како назив за нашето место.
Какви ти се искуствата до сега со гостите кои доаѓаат да играат? Дали обично доаѓаат во групи, луѓе кои веќе се познаваат, или се здружуваат на лице место? Има ли некои интересни анегдоти и приказни кои можеш да ги споделиш?
Можеби најубавата работа околу работата во вакво место е искуството со гостите кои најпрвин беа срамежливи и збунети, и за само 4 месеци прераснаа во искусна заедница која не престанува да расте. Се повеќе групи и поединици се „спојуваат“, а ваквите ситуации носат секакви непредвидени искуства. Од анегдоти, можам да набројам безброј, но ќе издвојам една.
Во првите денови во локалот, група од тројца играа Монопол подолго време. Не можејќи да ја завршат партијата го одредија победникот со симболично фрлање на сите пари од играта во воздух, проследено со нивно зграпчување. Тротоарот пред САМО беш полн со Monopoly-money. Откако пребројаа кој колку фатил (беше прогласен победник), прописно си ги собраа парите, и ги вратија на место. Дождот ги почека и почна да врне само што завршија со ритуалот.
Кои се најиграни игри во моментов во Само и што се очекува да се случи понатаму? Ќе се шири ли списокот на игри, и дали ќе се бара и поголемо место каде ќе може да ги собере сите заинтересирани? Можеби „експозитури“ низ Македонија?
Број еден хит ни е Jenga. Играта што предизвикува бука, смеа и нервози (кај соседните маси) во ист момент. Социјалните игри како Cards Against Humanity и What do you meme? се меѓу најбараните, тука е и Dixit и Monopoly. Нашата колекција веќе брои повеќе од 60 наслови, и секогаш ми е задоволство кога некој ќе се заинтересира да игра нова игра. Кај нас можат да се набават и лиценцираните македонски верзии на популарните Azul, Ticket to Ride (за која неодамна со Гоблин организиравме турнир) и спомнатата Dixit. Учествуваме со наши штандови и на поголемите музички фестивали и други настани. Плановите за поголемо место и ширење на овој концепт се во полн замав, но се додека не ги испитаме сите можни опции, сме презадоволни од САМО и од тоа што ни го овозможува.
* За оние кои до сега не го посетиле „Само“, локацијата е ул. Орце Николов до ресторанот „Бруклински“. За играње се плаќа симболична влезница, а резервации (особено потребни навечер) може да направите тука.
Замолница до Борис и другарите - не заборавајте да купувате лимони! („Саграда“ подобро се игра со џин-тоник:)
Прилог: список на сите игри кои не нè мрзеше да ги попишеме, ни испаднаа не над 60, туку над 70
Photosynthesis
Tokyo highway
Jaipur
Risk the game of strategic conquest
Sagrada
Azul
Cryptid
Galactic warlords battle for dominion
Mastermind
Codenames pictures
The mind
Level 8
Catan
7 Wonders
7 Wonders Duel
Dokmus
Wyspa Skye
Nmbr9
Sushi go party!
Family buisness
Small star empires
Dream home
A game of thrones the card game
Codenames pictures
Codenames marvel
Dixit
Dixit odyssey
Dixit anniversary
Anchient TerribleThings
AncientTerribleThings The Lost Charter
Mastermind
Batman Fluxx
Love letter Court the royal princess of Tempest
Paku Paku
Flip City
Drinking Games for people who never drink
[Except when they do]
Trunk of Drunk
Dobble
Jungle Speed
Jenga
Machi Koro
Rick and Morty Total Rickall
Splendor
Rise to Nobility
Arkham Horror
Villainous
Dead of Winter
Carcassonne
Robin hood and the merry men
Funkenschlag
Maze Racers
Magic Maze
Scotland Yard Ravensburger (NOT A PUZZLE)
Monopoly
Monopoly Game of Thrones
Operation Despicable Me 3
Scrabble Harry Potter
Cluedo Harry Potter
Quoridor
Minute Marvel
Minute Dungeon
Sheriff of Nottingham
Sheriff of Nottingham Merry Men
Colt Express
Colt Express Chevaux & Diligence
Catan Gallery Edition
Catan Extension
Cavern Tavern The Secret of the Five Realms
Ticket to Ride Europe
CAH Cards Against Humanity
Rone
Rone Awakening
A Game of Thrones Hand of the King
Skull Port
Werewolf
Илина Букбокс (список by Иван)