„Монополистите: опсесија, гнев и скандали позади омилената друштвена игра“ е книга на Мери Пајлон посветена на историјата на играта која ја знаат и оние кои никогаш не играат друштвени игри - Монопол. Оние пак кои знаат нешто повеќе за неа веруваат дека таа била измислена од невработен човек од Пенсилванија кој ја продал на компанијата „Паркер брадерс“ во текот на Големата депресија и од тогаш живеел среќно и богато.
Но оваа приказна не е баш точна. Најраната позната верзија е „Играта на наемодавачот“ (The Landlord's Game), дизајнирана од Елизабет Меги и прв пат патентирана во 1904. Меги била дизајнерка на игри, писателка феминистка и Џорџистка - следбеник на американскиот економист и социјален реформатор Хенри Џорџ. Тој промовирал таков систем во кој економските придобивки од почвата - вклучително и од сите природни ресурси - треба да им припаѓаат еднакво на сите членови на општеството. Џорџистите биле убедени дека решавањето на општествените и еколошките проблеми мора да биде базирано на принципи на права на поседување на земјата, а не на монополска позиционираност на поединци и групи моќници.
Играта која ја измислила Меги всушност требало да биде практична демонстрација на тогаш постоечкиот систем на зграбување и ограбување на земјиштата и природните ресурси, нешто што го сведочиме и денес. Таа била свесна дека каква и да е високопарна дискусија за економски теории со просечниот Американец не би имала ефект, па затоа одлучила да ги вгради Џорџистичките идеи во конкретна форма на игра, како начин за нивна полесна илустрација. Се надевала и дека таа би го инспирирала природниот инстинкт за правичност кај децата. Играта покажува извесни сличности со основните правила на друштвената игра „Зон Ал“ која ја играле домородните Американци од племето Киова, за која Меги можеби знаела.
Таа и нејзините колеги ја формирале Економик гејм компани за да ја објават играта, и пристапиле кон веќе постоечката и успешна Паркер Брадерс со овој и со уште еден предлог. Вториот предлог бил прифатен, но The Landlord Game била одбиена како прекомплицирана. Така, таа останала ограничена на помали левичарски гејмерски кругови, иако барем како идеја станала многу популарна поради еден социјалист - професор по економија. Тој од 1906-1915 ја користел во своите предавања, но студентите можеле да си направат свои табли и верзии, а такви се појавиле и помеѓу Квекерите во Атлантик Сити, каде била прилагодена на топографијата и топономијата на градот.
Токму од овој регион потекнувал Чарлс Дероу, продавач на греалки, кој со семејството почнал да прави верзија на „Наемодавачот“ и на она што денес го знаеме како „Монопол“, во домашни услови, со дизајни препознатливи за играта (на пример големата стрелка за „Оди“, црните локомотиви на железничките станици или чешмата на полето со водоводџиски работи). Дероу успеал да обезбеди авторски права во 1933 и да ја продаде на Паркер Брадерс. Тие пак од своја страна го промовирале како нејзин единствен креатор, иако подоцна се покажало дека не само Меги туку и низа други поединци додавале и одземале значајни елементи во неа.
Како продолжување на отпорот кон „капиталистичката“ верзија, во 1973 професор од Универзитетот во Сан Франциско, Ралф Анспач, направил „Анти-монополи“, за која Паркер брадерс го тужеле. Судењето траело цели десет години, а Анспач успеал да го задржи правото да си ја прави својата игра, по што напишал и книга „Монопол - измамата од милијарда долари“ во која ја раскажува вистинската историја на „Монопол“.