Си биле Ајнштајн, Павлов и Маркс...

Интелектуални вицеви

Има хумор кој не функционира во различни култури, за кој треба да имате инсајдерско знаење за да го сфатите. Но таков има и кај различните професии - од историчари на уметност до компјутерски гикови - и тој служи како добра проверка на вашата општа култура.

Двајца физичари си кажуваат вицеви и се кинат од смеење, вие стоите покрај нив и ништо не разбирате, а кога ќе побарате да ви објаснат тие превртуваат со очите. Овој вид интелектуален хумор отсекогаш бил некаква елитна ниша за забава на „посветените", а во добата на интернет тој станува уште поголем предизвик, како контрапункт на поплавата од често неумесни, површни и несмешни изливи на хумор по социјалните мрежи и форумите.

Кратките гегови, финти, афоризми и вицеви покриваат различни дисциплини - од природни науки, филозофија, уметност до религија. Има такви за кои треба само основна логика, и други за кои треба попродлабочено знаење за спомнати ликови или нивни откритија и ставови. Понекогаш постоечки стандарден виц од типот „си биле Англичанец, Француз и Германец" само ги заменува националните одредници со инженери, хемичари или сликари. Вметнување на ваков хумор во ТВ шоу, филм или серија чест е сигнал за тоа на која целна група таа би сакала да се обрати - на таква која ќе го сфати вицот.

Еве избор од такви, highbrow jokes, или интелектуални вицеви, кои нам ни се смешни и кои се преводливи, а главно ги преземавме од Reddit. Во коментарите може да оставите ваши.

***
Што прават дислексичар, агностик и инсомничар по цела ноќ?
Бдеат и се прашуваат дали навистина има гоб.

Koлкумина марксисти се потребни да сменат сијалица? Ниеден. Сијалицата сама го содржи семето на сопствената револуција.

Павлов си пие пиво во кафана. Телефонот му ѕвони. Скока и вика: „Леле, заборавив да го нахранам кучето!"

Колкумина надреалисти се потребни за да сменат сијалица?
Риба.

Кога чув дека кислородот и магнезиумот се фатиле си реков OMg.

Што му рекол домородец на антропологот-постмодернист: „Може да збориме малку за мене, за промена?"

Будистички монах влегува во „Седмица" и вика: „Направете ми еден со сè".

Некој студент патувајќи со воз го здогледува Ајнштајн како седи до него. Возбуден, прашува: „Извинете професоре, дали Велес запира на овој воз?".

Стар Римјанин влегува во бар, крева два прста и вели: „Пет пива за мене".

Колку Фројд-исти се потребни за да сменат сијалица? Двајца: едниот да ја менува, другиот да го држи ку...скалата де!

Жан-Пол Сартр седи во француско бистро, и фаќа белешки за неговата „Битие и ништожност". Му нарачува на келнерот: „Едно кафе, ве молам, без шлаг". Келнерот: „Извинете, ни снема шлаг. Може без млеко?".

Инженер, хемичар и економист се заглавени на пуст остров. Почнуваат да смислуваат план како да се спасат.
Инженерот: Може да исечеме гранки, да направиме сплав и некако да испловиме.
Хемичарот: Со добри материјали може да направиме голем оган и да сигнализираме на некој авион.
Економистот: Да речеме дека имаме брод..

„Што се добива кога ќе се вкрсти виц со реторичко прашање?"

9 јули 2013 - 11:05