Когнитивниот начуник Том Стафорд од Шефилд вели дека за нашиот мозок, интернетот функционира како слот машина. Спремни сме бескрајно да кликаме линкови на истоветен начин на кој комарџиите маваат по копчето чекајќи ја добитната комбинација од лимуни, цреши или џокери. Затоа што некогаш сме ја осетиле наградата. Дури и да не е голем џек пот, чувството на добитништво го компензира и го прави вредно чекањето. Монотонија прекината со ненадејна доза допамин кој нè прави среќни.
Дали е тоа некој брејкинг њус кој го затекнуваме во моментот додека кмишиме наоколу по интернет или е тоа некое битно писмо до нас и не е толку важно, важно е дека знаеме дека емотивната награда е брза и моментална. По некое време кај корисникот на интернет се развива Павлов рефлекс, да речеме, кога ќе се види апдејт на некој сакан веб сајт.
Со други зборови, зависници сме од интернет затоа што тоа од нас го бара нашиот мозок.
Има уште една цака, која ја објаснува истражувачот Линда Стоун. Таа вели дека сте го кликнале овој текст затоа што ви недостасуваат лавови.
Компулсивното користење интернет, особено околу добиените меилови или коментари по форуми и сајтови е слично како архетипската ситуација кога нашиот предок се соочувал со предатор во саваната. Кога треба бргу да реши дали ќе бега или ќе се соочи со него. А одлуката е во рацете на автономниот нервен систем кој ги буди инстинктите за преживување во случаи на тн. хипер-возбуденост.
А дигиталната савана е полна со предатори пред кои треба да решиме дали ќе им избегаме или ќе ги конфронтираме. Истражувањата покажуваат дека дури 80 проценти од корисниците на интернет, несвесно го запираат дишењето кога ќе наидат на нешто важно во имеил сандаче или на сајт, слично како кога ловецот ќе насети нешто важно или страшно.