Пробивањето на „четвртиот ѕид“ во древната керамика

На древните вазни и другите керамички садови речиси сите ликови гледаат во својот свет. Но понекогаш некој ќе се сврти право кон нас – и со еден поглед ја нарушува границата меѓу приказната и гледачот. Кои се оние ликови што се во профил, а кои се насликани фронтално?

На древните медитерански вазни и други садови најчест мотив е приказна за богови и херои, битки и митолошки сцени. Ликовите се движат едни околу други, разговараат, се борат, принесуваат дарови или едноставно стојат во некоја од добро познатите сцени. Но ако се загледаме малку подобро во нивните лица, се појавува еден необичен визуелен образец - повеќето се прикажани во профил. Гледаат кон некого или нешто во самиот насликан свет. Многу поретко некоја фигура е свртена директно кон нас, со лице поставено фронтално. И кога тоа ќе се случи, често станува збор за фигура која на некој начин отстапува од „нормалниот“ човечки свет: бог, чудовиште, сатир, горгона, фигура во екстатична состојба, па дури и човек што умира или е веќе мртов.

Ова не е само последица на тоа што на старите сликари им било полесно да цртаат профили. Напротив, фронталноста било доволно необична за да има посебна функција. Одговорот зошто е тоа така има врска со нешто што денес би го нарекле „четвртиот ѕид“. Кога гледаме филм, чувството е дека ликовите не знаат дека ги гледаме - ние сме невидливи набљудувачи на нивниот свет. Но ако некој од нив одеднаш погледне право во камерата (или кога актер ќе се обрати на публиката во театар), правилата се менуваат. Ликот како да станува свесен за нас. Невидливата граница меѓу неговиот и нашиот свет се отвора за момент.

Нешто слично може да се случи и на античката вазна. Фигурата што гледа фронтално не е само дел од сцената. Нејзиниот поглед се насочува кон просторот во кој се наоѓаме ние. Таа не гледа во некој друг лик, туку во оној што ја гледа вазната. Сликата така престанува да биде еднонасочна. Ние гледаме во неа, но таа, барем визуелно, ни го возвраќа погледот.

Особено впечатлив е примерот со Дионис на познатата Франсоа-вaза од 6 век пр.н.е. (слика горе), која денес се чува во Националниот археолошки музеј во Фиренца. Во една голема и сложена сцена со бројни фигури, речиси сите лица се прикажани странично. Дионис, меѓутоа, е прикажан фронтално. Тој не само што го носи својот голем сад над главата, со што визуелно ја нарушува границата на сцената, туку и неговото лице е свртено кон нас. Неговиот статус како бог на виното, екстазата и променетите состојби на свеста ја прави оваа одлука уште поинтересна: тој како да не е целосно затворен во истиот свет како останатите фигури.

Ако погледнеме пошироко, фронталноста во архајската уметност често се појавува токму кај ликови што се на некој начин „надвор од редот“. Горгоните се најочигледниот пример. Нивното лице е фронтално затоа што и нивната моќ е поврзана со погледот - особено на горгоната Медуза чиј поглед скаменува. Затоа нејзиното лице како визуелен знак има смисла токму тогаш кога е насочено кон нас. Фронтално се појавуваат и сатири, учесници на гозби, луѓе под дејство на алкохол, поразени или ранети борци, мртви и други фигури во состојби на силна физичка или психичка промена. Заедничкото можеби не е нивната улога, туку фактот дека сите се на некој начин поместени од нормалната состојба на контролирано, рационално и општествено прифатливо човечко однесување. Токму затоа фронталноста може да биде знак на друга состојба: екстаза, страв, болка, пијанство, смрт, чудовишност или божественост.

Можеби токму затоа некои од најстарите лица што нè гледаат од древната керамика и денес делуваат необично живо. Не затоа што се насликани реалистично — напротив, нивните лица се стилизирани според сосема поинакви правила од оние на современиот реализам — туку затоа што погледот е еден од најмоќните начини на воспоставување однос. Можеме да прикажеме човек без тој да нè гледа. Но штом неговите очи се насочат кон нас, веќе не гледаме само претстава на човек. Имаме чувство дека сме стапиле во контакт.

Оваа визуелна стратегија ни е совршено позната и денес. Ја гледаме не само на филм или во театар, туку и во фотографијата кога портретираниот директно го среќава нашиот поглед, во рекламата кога моделот нè гледа право в очи. Само што старите сликари го правеле тоа пред да постојат камера, филм или концептот на „четвртиот ѕид“. И можеби токму затоа нивните фронтални лица се толку добар потсетник дека односот меѓу сликата и гледачот не е измислен со современите медиуми.

Слушнато на подкастот Weird Studies

9 септември 2026 - 15:33