Кога денес зборуваме за 1991 година во Македонија, речиси неизбежно мислиме на 8 септември. Референдумот, независноста, распадот на Југославија, неизвесноста за тоа што следува. Годината во колективното паметење има јасен политички центар: еден датум околу кој како да се собира целата приказна. Но ако наместо политичкиот календар го погледнеме културниот, 1991 изгледа малку поинаку. Не затоа што културните настани биле некаква паралелна реалност, одвоена од политиката, туку затоа што тие покажуваат колку бавни се културните процеси во споредба со политичките пресврти. Држава може да се прогласи за независна со декларација, референдум и уставни процедури, но културниот живот не се „ресетира“ на 8 септември.
На пример, летото 1991 се одржало 31-то „Охридско лето“. Фестивалот веќе имал три децении историја, а неговото издание во 1991 не било некаква скромна културна свеченост во година на големи политички промени. Напротив, програмата продолжила со она што веќе било воспоставено како негов модел – голема меѓународна фестивалска манифестација. Фестивалот летото 1991 (значи само неколку месеци пред прогласувањето независност) го отворил претседателот Киро Глигоров, а првата претстава во таа фестивалска година била „Кармина Бурана“ од Карл Орф, изведена од ансамблите на Македонскиот народен театар.
И во Струга културниот календар тоа лето не запрел. Струшките вечери на поезијата продолжиле да функционираат како една од најзначајните книжевни манифестации во земјата, а Златниот венец во 1991 му бил доделен на Јосиф Бродски.
Во Скопје, пак, продолжил и Скопскиот џез фестивал. Универзална сала за 1991 бележи четири фестивалски вечери и околу 6.000 посетители. За жал, детални информации за ова издание (и сите постари од 1995-та) не се достапни, па единствено што успеавме да го ископаме е дека таа година на сцената се качил американскиот блузер Џими Докинс. Во текот на годината истата таа Универзална била домаќин на 55 настани и околу 82.000 посетители – од драмски претстави и концерти до детски програми, хуманитарни настани и други приредби.
Во театарот, на 26-тиот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1991 се појавиле претстави од македонските театри, меѓу нив „Ричард Трети“ на Македонскиот народен театар, „Чија си“ на Драмски театар, „Крчма на патот за Европа“ од Велешкиот театар, како и продукции на Театарот на народностите и Театарот за деца и младинци.
И во ликовната уметност 1991 не изгледа како година на чекање. Архивските записи бележат изложби на Венко Цветков, Трајче Јанчевски, Благоја Дрнков, изложба на тема „Сликарството и традицијата“, Второ биенале на младите, нова постојана поставка на Музејот на современата уметност, како и изложби во Битола и други места. Во Даут-пашиниот амам била поставена и изложбата „Purgatory / Чистилиште“ на италијанскиот уметник Маури Формигони.
Во 1991 е снимен „Тетовирање“ на Столе Попов, филм кој денес веќе има статус на македонска филмска класика. Филмот зборува за последните години на еден систем, за институционалната моќ, за понижувањето и за човекот фатен во бирократскиот механизам. Во годината во која тој систем политички се распаѓа, македонската кинематографија создава дело кое, гледано од денешна дистанца, изгледа речиси како негово културно посмртно писмо.
Но најинтересно е што во 1991 не се појавуваат само последните продукти на еден стар систем. Се појавуваат никулци на нова, свежа, урбана култура. Прекрасната иницијатива - меморискиот архив на алтернативно Скопје на сајтот арно.мк прикажува густа мапа на клубови, свирки, собиралишта и музичка инфраструктура, која допрва може и да се дополнува. Зи-зи топ, Њу Ејџ, Багдад кафе, Пони, Балет и некои што ги имавме заборавено како Бутлег или Вулкан. Клупите на плоштад кај „Лондон“, Коцка, плоштатчето кај Соборен храм. Имиња на места врзани за нашата и за младоста на нашата држава, во која денес живеат помалку млади од тогаш, заминати на некои поинакви и можеби подобри места.
За среќа, културата во Македонија е уште жива и жилава - да видиме што ќе покажат архивите по уште 35.