„Волшебникот од Оз“ - ужасните нешта што го следеле снимањето на филмот

Зад шарениот и романтичен свет на Оз, оној од 1939 со Џуди Гарланд, стоеле токсична шминка, вистинско лавовско крзно, азбестен „снег“ и неколку сериозни несреќи.

Денес „Волшебникот од Оз“ од 1939 година изгледа како една од најневините и најволшебни приказни на класичниот Холивуд. Но зад жолтата патека, Смарагдниот град и шарениот свет на Оз се криеле услови за работа кои од денешна перспектива звучат речиси неверојатно. На снимањето во студиото Метро-Голдвин-Мејер актерите биле изложени на огромна жештина, опасни материјали, тешки костими и пиротехнички ефекти што понекогаш сериозно им го загрозувале здравјето. 

Костимот на Плашливиот Лав, на пример, кој го носел Берт Лар, бил направен од вистинско лавовско крзно. Во времето кога филмот бил сниман немало синтетички материјали со кои би можел да се постигне доволно убедлив изглед. Дополнителен проблем било тоа што заради континуитетот во снимањето било невозможно да се најдат две лавовски кожи со сосема иста боја и шара, па Лар во текот на снимањето главно морал да го носи истиот костим.

Тој бил тежок, а условите во кои се снимало биле уште потешки. Техниколорското осветлување било толку силно и жешко што, според директорот на фотографија Харолд Росон, и актерите со многу полесни костими понекогаш се онесвестувале и морале да бидат изнесени од сцената. Лар секојдневно толку се потел што костимот морал да се суши во индустриска сушара преку ноќ. Денес истиот костим има иронична вредност. Во 2014 година бил продаден на аукција за три милиони долари.

Уште посериозни биле проблемите со шминката на Лимениот човек. Бади Ебсен првично бил избран за улогата, но алуминиумската пудра што ја користеле за неговата шминка предизвикала тешка реакција. Една ноќ тој се разбудил со силни грчеви во рацете, нозете и телото и со сериозни проблеми со дишењето. Бил пренесен во болница, каде што две недели поминал во кислороден шатор. Неговата кожа дури добила синкава боја.

Наместо да покаже разбирање, студиото било незадоволно што актерот не може веднаш да се врати на работа. Кога станало јасно дека тоа не е можно, Ебсен бил заменет со Џек Хејли. Шминката во меѓувреме била променета, но ниту Хејли не поминал без последици: добил сериозна инфекција на окото.

Проблемите со шминката не биле ограничени на Лимениот човек. Реј Болџер, кој го играл Плашилото, по завршувањето на снимањето ја отстранил гумената протеза од лицето и открил лузни околу устата и брадата, предизвикани од материјалот. Маската не била порозна, па актерот имал чувство дека не може нормално да се поти или да „дише низ кожата“.

Актерите што ги играле Лимениот човек, Плашилото и Плашливиот Лав имале уште едно, прилично бизарно искуство. Не смееле да ручаат во мензата на студиото додека биле во своите маски и шминка, затоа што на останатите вработени им било непријатно да ги гледаат такви додека јадат.

Но најсериозната несреќа ја доживеала токму Маргарет Хамилтон.

Во сцената во која Злобната Вештерка исчезнува во облак од чад, било предвидено Хамилтон да се спушти преку скриен механизам во сцената додека околу неа се појавуваат пламените јазици. Пиротехничарите, меѓутоа, го активирале огнот пред актерката да успее безбедно да се повлече. Пламенот ѝ ја зафатил метлата и шапката, а Хамилтон претрпела сериозни изгореници на брадата, носот, десниот образ и челото. Ѝ изгореле трепките и веѓата околу десното око, а тешко ѝ биле повредени и горната усна и очниот капак. Кога погледнала кон раката, видела дека и таму кожата ѝ била изгорена. Пријател морал да ја изнесе од студиото. Подоцна таа со неверување зборувала за тоа што студиото не ѝ обезбедило ниту автомобил со кој би можела веднаш да си замине.

За закрепнување ѝ биле потребни шест недели. Кога конечно се вратила, нервите во раката сè уште биле толку изложени што не можела повторно да стави шминка таму и морала да носи зелена ракавица. Размислувала да го тужи студиото, но се откажала затоа што, како што подоцна објаснила, едноставно сакала повторно да работи.

А опасноста не завршила со нејзината несреќа. Кога Хамилтон се вратила на снимањето, од неа било побарано да учествува во уште една сцена со оган. Таа, како самохрана мајка, одбила. Нејзината дублерка, Бети Данко, прифатила да ја направи сцената. И таа била повредена.

А потоа тука е и снегот. Во една од најпознатите сцени, Глинда Добрата Вештерка предизвикува „снег“ кој ја буди Дороти од полето со афион. За да се постигне ефектот, продукцијата користела хризотилен азбест. Во триесеттите години азбестот сè уште се користел во различни производи и декорации и опасностите од неговото вдишување не биле сфатени на начинот на кој ги разбираме денес. Така, зад една од најубавите и најневини сцени во филмот стои материјал кој денес го знаеме како канцероген.

Како „капак“ не се, тогаш шеснаесетгодишната Џуди Гарланд била втората најслабо платена од десетте главни актери — повеќе заработувала само од кучето Тери, кое го играло Тото. Но експлоатацијата била многу поширока од платата. Гарланд била тинејџерка кога студиото почнало да ја контролира тежината и изгледот, ѝ биле давани стимуланси за да може да издржи долги работни часови, а потоа седативи и апчиња за спиење за да може да се одмори доволно брзо за повторно да работи. Подоцнежните сведоштва опишуваат циклус на „апери“ и „даунери“ кој бил дел од нејзиниот живот уште во периодот на снимањето на филмот.

Има една особено страшна реченица од нејзиното подоцнежно сведоштво: студиото им давало апчиња за да можат таа и Мики Руни да останат будни и да работат, а потоа им давале апчиња за спиење и по само неколку часа повторно стимуланси, за да можат да продолжат. Гарланд подоцна опишувала дека така можеле да работат и по 72 часа.  Сето ова подоцна ќе има тешки последици врз нејзиниот живот

Сите овие детали се особено впечатливи токму затоа што резултатот бил филм кој денес го доживуваме како чиста филмска магија. „Волшебникот од Оз“ станал една од најтрајните продукции на класичниот Холивуд, но неговата шарена површина го крие фактот дека создавањето на таа магија било дел од една филмска индустрија во која безбедноста на актерите имала многу помала вредност од завршувањето на сцената.

Слушнато на подкастот What Went Wrong

4 септември 2026 - 11:25