Пролетта 1944 година сојузниците се подготвувале за најголемата инвазија од море во историјата. Целта била да се отвори западен фронт против нацистичка Германија и да се започне ослободувањето на окупирана Европа. Илјадници војници, бродови и авиони требало истовремено да дејствуваат во воздух, на море и на копно. Но за сето тоа постоел еден проблем што не можеле да го контролираат – времето.
Филмот „Притисок“, режиран од Ентони Марас, ја започнува приказната со една катастрофална проба за инвазијата. На 27 и 28 април 1944 година, за време на вежбата Тигар, сојузничките сили симулирале десант на југозападниот брег на Англија. Поради лоша комуникација тие најпрвин биле погодени од пријателски оган, а потоа германски воени бродови го нападнале конвојот што ги превезувал војниците. Загинале околу 639 луѓе, меѓу кои и војници кои се удавиле или починале од хипотермија додека чекале спасување. Катастрофата покажала колку мала грешка може да има огромни последици.

Токму во таква атмосфера се одвива приказната за Џејмс Мартин Стаг, шкотски геофизичар препорачан од Черчил, кој бил поставен на чело на тимот што требало да го прогнозира времето за Денот Д. Од неговата проценка зависело кога ќе започне инвазијата, а со тоа потенцијално и колку животи ќе бидат загубени. За нештата да бидат под уште поголем притисок, неговата сопруга во тој момент била пред породување.
Стаг не бил единствениот метеоролог во приказната. Под него работеле три независни центри – американските воздухопловни сили, британската Метеоролошка служба и метеоролошкиот оддел на Кралската морнарица. Сите добивале исти податоци, но често доаѓале до различни заклучоци. Особено се издвојувал американскиот метеоролог Ирвинг П. Крик, кој бил многу пооптимистичен. Американскиот тим сметал дека можат релативно сигурно да го предвидат времето четири или пет дена однапред. Крик користел таканаречено аналогно прогнозирање – ги споредувал актуелните временски карти со карти од минатото и барал слични обрасци за да предвиди што ќе се случи.
Стаг бил многу повнимателен. Тој сметал дека атмосферските услови над Северна Европа се премногу непредвидливи за толку далечни и самоуверени прогнози. Наместо да се потпира главно на историски сличности, користел подлабоко разбирање на физиката на атмосферата и новите податоци од метеоролошките станици, бродовите и временските балони. Така дошол во расчекор со Крик, кој до тогаш бил „омилениот“ метеоролог на Ајзенхауер, но со еден детал - претходно требало да го предвидува времето главно во Северна Африка.
Во Северна Европа нештата биле многу понепредвидливи и историскти карти не вршеле многу работа. Освен тоа, за успешен десант биле потребни голем број услови истовремено: соодветен ветер, плима, облачност и видливост. Премногу силен ветер можел да ги направи морските операции опасни, додека лошата видливост би им отежнала на војниците да ги забележат и нападнат германските одбранбени позиции. Првично бил избран 5 јуни како датум за инвазијата. Но на 2 и 3 јуни прогнозите станувале сè полоши. Стаг предвидел силни ветрови, облачност, магла и лоша видливост, а следниот датум кога ќе се поклопеле коцките за успешна операција според него бил дури 18 јуни. Американската страна и понатаму била пооптимистична, но Стаг сметал дека условите не се соодветни.
На 4 јуни ситуацијата била исклучително напната. Илјадници војници веќе биле на пат кон Ла Манш, а флотата и авијацијата биле подготвени. Одложувањето значело огромен логистички проблем, а секое дополнително чекање можело да го открие планот пред Германците. Тогаш стигнале нови податоци. Метеоролозите забележале дека на 6 јуни може да се појави краток прекин во невремето: ветровите би ослабнале, а условите би станале доволно добри за десант. Времето нема да биде идеално, но би можело да биде доволно добро.
Во 4:15 часот наутро на 5 јуни, Ајзенхауер донел одлука. Инвазијата се одложува за еден ден, а не за две недели, како што бил првичниот совет. На 6 јуни 1944 година започнал Денот Д. Речиси 160.000 сојузнички војници тој ден се истовариле на плажите во Нормандија, со поддршка од илјадници авиони и бродови. До крајот на јуни, во Нормандија веќе имало повеќе од 850.000 сојузнички војници. Во август бил ослободен Париз, а во мај 1945 година војната во Европа завршила. Она што останува фасцинантно е фактот дека војската можела да подготви стотици илјади луѓе, илјадници бродови и авиони и детално да го испланира нападот, но на крајот морала да се потпре на нешто што не можела да контролира. Времето.