Замислете дека пишувате реченица и одеднаш сфаќате дека ниту еден постоечки збор не го кажува точно она што сакате да го кажете. Можете да ја преформулирате реченицата, да употребите споредба или метафора. А можете и да направите нешто многу поинтересно: да измислите збор.
Ако тој збор е создаден за конкретна ситуација, конкретен текст или конкретна потреба и не станува дел од вообичаениот речник, лингвистиката има име за него: оказионализам. Терминот потекнува од латинското occasio, „прилика“, „можност“ - нешто што се создава или се случува по повод одредена прилика. Во лингвистичка смисла, оказионализмот е нова или необична лексичка единица создадена за конкретен контекст, често со експресивна, стилска, хумористична или поетска функција.
Тука е ред да се направи една важна разлика со формирањето на неологизмите. Ако некој денес создаде збор за нов феномен, а потоа зборот почнат да го употребуваат и други луѓе, се појавува во медиумите, во разговорниот јазик и постепено влегува во речниците, зборуваме за неологизам. Оказионализмот, пак, обично нема таква амбиција. Тој може да биде создаден само за една реченица, една песна, еден роман, една реклама или една шега. Неологизмот има амбиција да опстане - оказионализмот не.
Но границата не е секогаш остра. Оказионализмот може да почне да се повторува, да го преземат други говорители и постепено да се влегува во оптек. Тогаш она што некогаш било авторска јазична досетка може да стане вистински збор. Затоа историјата на јазикот е полна со зборови кои некогаш звучеле чудно, а денес ни изгледаат сосема обично.
Ако некој, на пример, во разговор каже дека детето му „интернетува“ по цел ден, веројатно веднаш ќе разбереме што сака да каже. Зборот можеби не е дел од стандардниот речник, но нашиот мозок лесно ја препознава неговата конструкција, бидејќи некако легнува на вообичаените македонски конструкции на глаголи (слет-ува, пиш-ува итн.).
Еден од најпознатите примери во англискиот јазик се оказионализмите на Луис Керол или оние на Шекспир. Но една од најчудните приказни се однесува на Џојс и неговата употреба на „кварк“. Тој го употребил во својот роман „Финегановото бдеење“, како дел од една намерно необична и јазично разиграна реченица. Децении подоцна, физичарот Мари Гел-Ман (подоцна и нобеловец) барал име за нов тип елементарни честички. Се сетил на Џојсовиот збор и го презел како научен термин. Денес кварк е еден од основните поими во физиката на елементарните честички.