Референдумот беше објавен во март оваа година.
А за време на изборната кампања кон крајот на 2024 година, Криструн Фростадотир, идната премиерка и лидерка на проевропските социјалдемократи, беше непоколеблива дека прашањето за ЕУ е надвор од дискусија. Таа тврдеше дека Исланд треба да се фокусира на решавање на сопствените проблеми (инфлација и зголемување на каматните стапки), наместо да ја дели нацијата околу прашањето за ЕУ. Катрин Гунарсдотир, сегашната министерка за надворешни работи и лидерка на Реформата, ја помина изборната кампања избегнувајќи да одговара на прашања за ЕУ, а третата партија во владата, Народната партија, беше жестоко против сè што има врска со членството во ЕУ.
Сепак, во текот на првите неколку месеци од 2025 година, прашањето за ЕУ доминираше во исландската политика, иако мнозинството пратеници се спротивставија на членството. Владата инсистираше дека референдумот нема да ги праша гласачите за нивното мислење за членството во ЕУ, туку ќе биде само прашање дали Исланд треба да ги продолжи преговорите за пристапување. Тие го прикажаа тоа како шанса да видат што може да ни понуди ЕУ - поглед во кутијата со подароци од Брисел - при што секоја конечна одлука за членство би била одложена за иден датум.
Дополнително, министрите посочија на геополитичката нестабилност предизвикана од претседателствата на Доналд Трамп и Путин. Ни беше кажано дека живееме во несигурен свет каде што нашите соседи во Гренланд се под закана од САД и дека веќе не можеме целосно да се потпреме на НАТО за нашата одбрана.
Владата се повикуваше на стравовите на луѓето и нивната природна љубопитност. Ги замоли да не бидат толку нељубезни што ќе ги лишат другите од тоа да видат што се нуди од ЕУ. Сигурен сум дека Гунарсдотир, министерката за надворешни работи, ги поставила работите сосема поинаку на нејзините бројни состаноци со претставници во Брисел. Владата успеа да организира многу посети и интервенции од претставници на ЕУ, кои низ насмевки им кажуваа на Исланѓаните дека ќе бидат добредојдени доколку гласаат „За“ на референдумот.

Во 2015 година, две години откако станав премиер на коалициска влада, ја информирав ЕУ дека Исланд формално ја повлекува својата апликација за членство. Мојата влада одлучи дека Исланд повеќе не треба да се смета за земја-кандидат во никаков капацитет.
Ова резултираше со гнев кај најзакоравените еврофили на Исланд и тие почнаа да тврдат дека апликацијата не е целосно повлечена а на веб страницата на ЕУ, Исланд сè уште беше прикажан како земја-кандидат. За да ги разјаснам работите, напишав ново писмо во кое ги потврдувам нашите намери и отидов во Брисел за лично да се сретнам со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Објаснив дека ја повлековме нашата апликација и дека очекувам ЕУ да го признае тоа. Потврдив дека гледаме на ЕУ како на пријател и сојузник и би сакале да ја продолжиме нашата меѓусебно корисна соработка - на крајот на краиштата, Исланд долго време е членка на Европската економска зона и има пристап до единствениот пазар на ЕУ. Јункер и Туск ја разбраа пораката, и тоа беше тоа.
Продолживме да го користиме нашиот суверенитет за да ја обновиме економијата, а Исланд доживеа извонредно брз и значаен пресврт. Мерките што ги преземавме беа можни само затоа што не бевме обврзани со членството во ЕУ. Бевме слободни да донесуваме свои одлуки врз основа на нашите околности и потреби. Од 2013-та па наваму, Исланд уживаше речиси постојан раст на БДП и куповната моќ, додека ЕУ мака мачеше.
Сегашната власт беше избрана во декември 2024 година, главно врз основа на платформа за справување со инфлацијата и зголемените каматните стапки (главно како резултат на постојано зголемување на јавните расходи). Не можејќи да ги реши овие проблеми и соочувајќи се со внатрешни тешкотии, владата бараше излез. Од почетокот на 2025 година па наваму, таа секогаш се гледаше кон ЕУ за одговори. До почетокот на оваа година, членството во ЕУ ѝ се чинеше на нашата владејачка класа како единствено решение.
По објавувањето на референдумот, министрите тврдеа дека ЕУ може да ни понуди пониски каматни стапки и економска стабилност. Ни кажуваа колку е поевтина шолја кафе во Унгарија отколку во Исланд (без да се земе предвид дека платите во Исланд се многу пати повисоки). Слушавме многу за цената на пицата, хамбургерите и пилешките врапови, големиот избор на сирења во Франција и можноста ЕУ да финансира разни инфраструктурни проекти.
Поголемиот дел од исландскиот естаблишмент, мејнстрим медиумите и академската интелигенција се про-ЕУ, и го почувствувавме тоа за време на кампањата за референдум. „Дебатата“ беше очајно еднострана. Дискусијата за рибарството беше ограничена на можноста ЕУ да го ослободи Исланд од идните договори - за да му овозможи да контролира малку од она што моментално го има целосно под контрола.
Левичарските застапници за членство претпоставија дека никој нема да се секира за рибарството затоа што е познато колку се тие против рибарските тајкуни. Но членството во ЕУ ќе им беше од корист токму ним, веројатно ќе ги продадеа своите компании, заедно со квотите, на европски рибарски компании. Членството во ЕУ наместо нив, ќе ги погодеше вработените во компаниите (чии плати моментално се три пати повисоки од нивните колеги во ЕУ). А градовите што се потпираат на рибарската индустрија ќе страдаа.
Можеби најизненадувачката работа за проевропската страна беше фактот дека младите гласачи со големо мнозинство гласаа „Не“. Младите луѓе очигледно сакаат да имаат иста шанса како и нивните постари максимално да ја искористат независноста на својата држава. Тие се исто така уморни од траекторијата на ЕУ кон цензура, како на интернет, така и во приватни разговори.
На крајот, референдумот не се фокусираше на рибарството, странското мешање, ксенофобијата или стравот од непознатото. Исланѓаните едноставно ја искажаа својата континуирана вера во националниот суверенитет. Тие сакаат да бидат слободни да се управуваат сами. Тие сакаат да продолжат да работат со ЕУ преку заемно корисниот договор за слободна трговија на ЕЕА, но исто така сакаат да соработуваат и да тргуваат со остатокот од светот.
Некои од проевропската страна, на резултатите од референдумот реагираа со напад кон гласачите. Слушнавме теории за тоа како „лековерната раја“ била заведена а еден од нив изјави дека сега е потврдено дека Исланѓаните се глупави.
Кога Исланѓаните се бореа за независност од Данска пред повеќе од еден век, бевме една од најмалите и најсиромашните нации во Европа. Сепак, верувавме дека треба да бидеме независни и способни да ја преземеме одговорноста за сопствената судбина. Светот не беше - и никогаш не бил - безбедно и предвидливо место. Но, ние ја искористивме шансата. Се соочивме со многу предизвици, но преживеавме и напредувавме. Сега ќе продолжиме по тој суверен пат. Ќе го прифатиме и лошото и доброто - но по наши услови.
Давид Гунлаусон, поранешен премиер на Исланд
