Која е Трамповата елитна дипломатка во Атина?

Американска амбасадорка во Атина е Кимберли Гилфојл. Иако беше во брак со калифорнискиот гувернер Гавин Њусом, стана битно име во МАГА откако се вери со Трамп помладиот. Со себе често носи еден грчки лобист, но ако не ѝ се оди по ќеиф, знае да ги потсети Грците како падна романската влада и да им даде до знаење дека на Американците тоа им се може и во Атина. 

Американската амбасадорка во Грција – поранешна вереница на Доналд Трамп Јуниор – последната пролет често патувала до главниот град на Бугарија со две задачи: да ги убеди сојузниците од источниот раб на Европа да купуваат американски природен гас (во вредност од милијарди долари) но и да разгласи дека бугарската влада треба да соработува со грчката градежна компанија „Актор Груп“ (оние што градеа тунели и патишта кај нас).

Таа компанија е нов играч во бизнисот со гас и е во тазе партнерство со грчка енергетска компанија (поддржана од државата) за увоз на течен природен гас од САД.

„Нема сомнеж дека ова е еден вид официјален став на американската влада“, пренесува Волстрит Журнал лице запознаено со разговорите.

За време на посетите, до 57-годишната амбасадорка толку често седел извесен Христос Марафацос што некои функционери мислеле дека тој е нејзиниот шеф на кабинет. А 39 годишниот Марафацос е главен лобист на „Актор.

Гилфојл, пак, е поранешна обвинителка и екс водителка на „Фокс њуз“ која стана битна фигура во МАГА а патуваше низ Балканот за да ѝ помогне на Европа да се ослободи од зависноста од руските енергенси преку „вертикален гасен коридор“, замислен да го прима американскиот течен природен гас во Грција.

Но, ги збунувала државните функционери во овој регион со упорното промовирање на конкретна грчка компанија и на Марафацос, инаку почетник и во дипломатијата и во енергетскиот сектор.

Неговото претходно искуство вклучува коосновање на компанија за дистрибуција на свежи производи во Вашингтон, како и бизниси кои се движат од консултации за недвижности до создавање на „врвно доживување со целосно потопување во атмосферата“ (immersive experience) на Акропол во IMAX 3D формат. 

Поранешни службеници на Стејт департментот кои со години се занимавале со гасниот коридор, никогаш не се сретнале со раководството на „Актор“, ниту пак слушнале таа компанија да се спомнува како потенцијален партнер.

Робин Брукс, дипломатка со 21-годишно искуство и Директорка за Балканот и Централна Европа во Советот за национална безбедност за време на Бајден, вели дека тоа што американски амбасадор промовира странска компанија е „апсолутно проблематично“. Според неа, носењето регистриран лобист на средби со странски претставници „го доведува во прашање тоа дали средбата ги унапредува американските интереси или служи за остварување некаков приватен интерес“.

Но, во одбрана на Гилфојл застана и државниот секретар Марко Рубио кој ја нарече „исклучително ефикасен застапник на агендата на претседателот“ и истакна дека и тој и Трамп многу ја ценат нејзината работа.

Адвокатите на Актор пак, објаснуваат дека таа компанија е атрактивна за „унапредување на интересите на САД“ затоа што, за разлика од нејзините конкуренти, нема врски со рускиот гас. 

Заедничката компанија на Актор и грчката државна енергетска компанија ДЕПА (во однос 60:40) потпишаа меморандуми за разбирање и комерцијални договори со компании за гас во Бугарија, Украина, Босна и Херцеговина и Романија а со Албанија имаат договор вреден 6 милијарди долари.

Инаку, Гилфојл своевремено (2001-2006) беше во брак со гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, редовно постира видеа за своите речиси два милиона следбеници на Инстаграм а средбите со регионалните лидери ги комбинира со посети на европски модни ревии и уметнички гала-настани, облечена во фустани украсени со џиџи-миџи кристали.

Со помладиот Трамп се имаа верено, купено вила на Флорида од 10 милиони долари но подоцна, кога почнаа да се појавуваат фотографии од него во друштво на богатата шемаџика од Палм Бич, атрактивната 39-годишна Бетина Андерсон, Доналд Трамп сосема неочекувано објави дека ја поставува Гилфојл за амбасадорка во Атина. 

Бисерната насмевка на Гилфојл знае веднаш да исчезне кога треба: на една мартовска вечера во Атина на која присуствувале грчки и американски функционери, таа пред сите други влегла во отворена конфронтација со грчкиот министер за енергетика, Ставрос Папаставру. Му рекла да се сети како паднала романската влада и пред сите присутни рекла дека тоа „можеме да го направиме со која било земја што сакаме“.

„Можеме и овде“, рекла амбасадорката во Атина. 

26 септември 2026 - 18:42