Шеикот му се јавил на Нетанјаху од својата палата во Абу Даби и разговарале речиси еден час. Бин Зајед предупредил дека лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, планира голема операција против Израел. Изразил загриженост дека настанот за кој имал информации не само што ќе доведе до крвопролевање, туку и ќе го дестабилизира целиот регион и ќе ги поткопа постоечките договори.
Три високи странски извори биле запознати со содржината на разговорот, што за првпат го објавува израелскиот медиум Хаарец.
Владетелот на Емиратите му ја истакнал на Нетанјаху потребата да се подготви за заканата, да ја сфати сериозно, а во меѓувреме да понуди економско решение за Газа како и да го смири Западниот Брег за да се спречи ескалација.
На негово изненадување, Нетанјаху реагирал невообичаено смирено и му рекол, отприлика: Немај гајле.
Зајед подоцна и на шефот на ЦИА Вилијам Џ. Бернс му пренел дека е загрижен за ситуацијата и дека „таму нешто ќе експлодира“.
Емирот се надевал дека и покрај неговиот резервиран одговор, Нетанјаху ќе ја сфати пораката сериозно и ќе преземе акција. Не помислувал дека премиерот нема да ги информира првите луѓе на израелската одбрана: шефот на Шин Бет, шефот на Мосад, началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили - никој од нив не знаел за предупредувањето на бин Зајед.
Претходните месеци, тајните преговори меѓу Израел и Хамас оделе доста охрабрувачки: биле решени речиси сите спорни прашања освен за бројот на ослободени затвореници. Но и за тоа прашање бил најден компромис, меѓутоа, Нетанјаху постојано одложувал свикување на Комитетот за заложници и исчезнати лица, чија согласност е потребна за ослободување на затворениците. Можеби од страв дека договор со Хамас би ги налутил екстремистички партнери во неговата влада. Недела за недела, договор бил одложуван.
Сето тоа го прави Јахја Синвар и водството на Хамас многу нервозни и нетрпеливи па ги зачестуваат контактите со Иран и Хезболах. По некое време, Синвар комплетно ги прекинува контактите со луѓето од Израел кои го држеле каналот за комуникација.
Во септември 2023, преку човек од каналот, на Израел ја испратил оваа порака:
„Кажете им на Израелците дека ако нема напредок, подготвувам огромно изненадување за нив. Кажете им дека ги чека земјотрес.“
Овој се плашел и да го извести и да не го извести Израел, па пораката на лидерот на Хамас му ја пренел на шеикот од ОАЕ.
- Што му значи земјотрес? - ги прашал тој советниците.
- Војна! - му објасниле тие.
Затоа решил да му се јави на Нетанјаху. А овој решил да си ќути.
И потоа дојде седми октомври.