Тејлор Свифт доби необична почест која не се наоѓа на списокот на вообичаени музички награди: по неа е именуван цел род австралиски растителни стеници. Родот го добил името Свифтифилус, а во него засега се вклучени четири видови, со имиња што се директни упатувања на пејачката и нејзината музика.
Новите имиња се објавени во научна студија во списанието Insect Systematics & Evolution (со импакт фактор!) на 9 септември 2026 година. Студијата всушност опишува 12 видови растителни стеници кои претходно не биле формално препознаени како посебни видови, а четири од нив припаѓаат на новиот род.
Имињата се прилично јасна игра со светот на Свифт. Swiftiephylus taylorae е именуван по самата Тејлор Свифт. Swiftiephylus amator е инспириран од албумот Lover, Swiftiephylus intrepidus од Fearless, а Swiftiephylus poetorum е референца на The Tortured Poets Department. И самото име на родот е спој од „свифти“, како што се нарекуваат обожавателите на Свифт, и „филус“, елемент што често се користи во научните имиња на инсекти од оваа група.
За имињата се погрижила Сара Шредер, докторантка по ентомологија на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд и долгогодишна обожавателка на Свифт. Таа сакала имињата да имаат лично значење, но истовремено необичната приказна да привлече внимание кон нешто многу посериозно – огромната, а сè уште недоволно истражена разновидност на инсектите.
И самите инсекти имаат нешто што потсетува на естетиката на Свифт. Телата им се бледожолти со црвеникави детали, комбинација што на Шредер ѝ асоцирала на русата коса и црвениот кармин на пејачката. Но бојата можеби има и практична функција: инсектите живеат на австралиски дрвја и грмушки, чии црвеникави и портокалови цветни делови можат да им обезбедат извесна камуфлажа.
Терминот „новооткриени“ сепак бара мало појаснување. Примероците биле собрани во Австралија помеѓу 1995 и 2004 година. Со други зборови, тие со децении чекале некој научно да ги „открие“. Ново е тоа што сега се идентификувани, опишани и официјално признати како посебни видови.
Тука особено се гледа важноста на музејските збирки. Истражувачите подоцна повторно ги проучувале примероците од голем проект за проучување на биодиверзитетот, во кој учествувале Американскиот музеј за природна историја и австралиски истражувачки институции. Биле анализирани 593 примероци на растителни стеници од збирките на Американскиот музеј за природна историја и Австралискиот музеј. Со споредување на нивните физички карактеристики и еволутивните односи, научниците утврдиле дека меѓу нив има видови кои никогаш претходно не биле формално опишани.
Приказната со Тејлор Свифт секако е забавниот дел, но научната страна е многу поважна. Еден вид не може вистински да се следи, проучува или заштитува ако не е идентификуван и именуван. А бидејќи огромен број инсекти сè уште не се научно опишани, таксономијата – науката за идентификација, именување и класификација на организмите – е клучна за разбирање на биодиверзитетот.