Во август 1965 година, кога веќе бил една од најголемите ѕвезди на џезот, Џон Колтрејн настапил на џез-фестивалот Даунбит во Чикаго. Со својот квартет и младиот експериментален саксофонист Арчи Шеп, тој извел серија остри, слободни импровизации, далеку од однапред утврдените композиции. Музиката била толку гласна, агресивна и неочекувана што голем дел од публиката го напуштил концертот. Критичарот на самиот фестивал настапот го оценил како крајно невкусна демонстрација на „музикантство“.
На прв поглед, тоа било чуден развој за музичар кој само неколку години претходно забрзано станувал џез-ѕвезда. Откако го напуштил составот на Мајлс Дејвис, Колтрејн со албумот „Џајент степс“ од 1960 година создал сосема нов хармонски јазик. Со својата верзија на „Мај фејворит тингс“ постигнал и радиохит, а во 1965 година го објавил „Лав суприм“, својата најизразена музичка и духовна визија. Веќе бил гигант на жанрот, со десетици композиции што влегле во стандардниот џез-репертоар.
Сепак, токму тогаш започнал свесно да се оддалечува од она што му носело популарност - сакал да впива нови влијанија, да соработува со помлади музичари и да истражува непознати територии. На стогодишнината од неговото раѓање (23.09.), таа потрага добива нов документарен запис преку серија досега необјавени снимки од неговите настапи во клубови.
„Лентите на Тибери“ се така наречени според саксофонистот Френк Тибери, кој ги направил истите. Првично тие не биле наменети за објавување, туку тој ги користел како материјал за сопствено изучување на Колтрејновата техника. Носел со себе голем Magnavox TR-100 во клубовите, а микрофонот го криел во ракавот од палтото. На секои 30 минути, во темнината, морал да ја менува лентата. Следејќи го квартетот на Колтрејн од 1960 до 1964 година – непосредно пред снимањето на „Лав суприм“ – Тибери собрал околу 80 ленти и повеќе од 60 часа музика.
Подоцна снимките ги споделувал со одбрани колеги и студенти. Саксофонистот Џо Ловано, кој свирел со Тибери во 1970-тите, се сеќава дека бил восхитен од нив. На снимките можело да се слушне како Колтрејн една иста тема ја развива 35 минути или повеќе, следејќи ја мелодијата каде што ќе го одведе импровизацијата. Особено важно е што музичарите од квартетот знаеле дека Тибери снима. Пијанистот Мекој Тајнер, долгогодишниот соработник на Колтрејн, му кажал на Ловано дека групата ги одобрувала снимките затоа што знаела дека се прават со едукативна цел и заради самата музика.
Денес Тибери има 97 години и, веројатно чувствувајќи дека му се ближи крајот, неодамна ги предал снимките на неговата тогашна издавачка куќа Импулс!, со цел да се зачува овој дел од музичката историја. Од 26 часа материјал биле избрани и ремастерирани 11 композиции за компилацијата „Д Тибери Тејпс“ која ќе излезе на 6 ноември. Снимките не се „исчистени“ до степен да се изгуби нивната атмосфера. Се слуша шумот од лентата, разговорите на публиката, извиците и реакциите во клубот. Меѓу највпечатливите моменти се наоѓаат поспори и помелодични верзии на „Џајент степс“, како и 33-минутна продолжена верзија на „Резолушн“.
Види претходно: Кога Колтрејн свирел зборови