Аргентинскиот претседател Милеи во обраќање до јавноста повторно го истакна барањето за суверенитет над Малвините, кои на остатокот од светот се познати како Фолкландски Острови - британска прекуморска територија оддалечена 300 милји од брегот на Аргентина.
Малвините се аргентински, историски и правно... за тоа нема дискусија, изјави Милеи за овој оддалечен архипелаг во Јужниот Атлантик, кој Британија во 1833 година ѝ го одзеде на тогаш младата независна Аргентина.
Милеи не се закани со инвазија, како суровата десничарска воена хунта во 1982 година, што доведе до војна со Британија. Но, прифаќањето на каузата за Малвините претставува своевиден пресврт за овој горд либертаријанец.
Како отворен обожавател на британската премиерка Маргарет Тачер, тој досега го минимизираше значењето на Фолкландската војна. Дури и го поддржуваше британскиот став дека жителите на островите – нешто повеќе од 3.000 луѓе – треба самите да одлучуваат за својата иднина, со надеж дека „еден ден можеби ќе одлучат да гласаат за нас“, забележува Тим Блек за Spiked.
Делумно, пресвртот е поради внатрешни фактори. Рејтингот на Милеи опадна во текот на изминатата година. Драстичните кратења на државните расходи ја спуштија енормната инфлација на ниво со кое полесно се управува, но невработеноста сè уште расте во услови на продолжени економски тешкотии. Со оглед на тоа што до изборите има нешто повеќе од една година, се чини дека Милеи се сврте кон популарна кауза која поттикнува национално единство.

Постои и материјален аспект - огромните, неискористени нафтени полиња во водите околу островите. Всушност, Милеи се обрати до нацијата за да најави санкции против компаниите што планираат да вршат дупчење на нафтеното поле Си Лајон – израелската компанија Navitas и нејзиниот британски партнер Rockhopper. Може да се претпостави дека главната причина за тоа е желбата во овој потфат да бидат вклучени и аргентински компании.
Геополитичкиот контекст најмногу ја охрабри владата на Милеи. Сличните изјави на неговите претходници беа игнорирани. Ова е време на сè понасилно преструктуирање на глобалната моќ и распаѓање на долгогодишните повоени сојузи и институции.
Особено е значајно слабеењето на НАТО. Вашингтон долго време е незадоволен од слабите вложувања на европските сојузници во сопствените воени и одбранбени капацитети. Пукнатините во овој сојуз стар со децении прераснаа во длабок раскол, особено по руската инвазија на Украина и пред сè по конфликтот на САД и Израел со Иран. Во двата случаи, Белата куќа сметаше дека Европа не дава соодветен придонес.
Во април, само нешто повеќе од еден месец по американскиот ангажман во Иран, интерно писмо од Пентагон укажа дека Белата куќа размислува да го повлече своето официјално признавање на британската управа над Фолкландските Острови. Ова недвосмислено испрати порака до Милеи, сојузник на Трамп. Претходно, секое истакнување на аргентинската правна, воена или каква било друга власт во однос на Фолкландските Острови, носеше ризик од нарушување на односите со САД.

Потоа, само неколку дена пред Милеи да ѝ се обрати на нацијата, Трамп за GB News изјави дека Британија „не била тука да помогне“ во врска со Иран. Притоа изрази сомневања дека Британија денес не би била способна да ги одбрани островите на начинот на кој можела во 1982 година. Јасно се разбира на што алудираше Доналд – дека Обединетото Кралство ќе мора да го брани своето право на Фолкландските Острови без поддршка од САД.
И Милеи во своето обраќање го допре прашањето дали слабата и дезориентирана британска држава сè уште има средства или волја да ги брани овие оддалечени острови. На крајот на краиштата, општо познато е дека воената моќ на Британија е на најниско ниво во историјата. Нејзината армија е ослабена, а морнарицата намалена. Во март Британија мораше да се потпре на француските поморски сили за да ја одбрани својата воздухопловна база на Кипар од напад со дрон на Хезболах. Нема знаци дека новата влада е посветена на запирање на овој воен пад.
Но, слабоста на Британија е и интелектуална и идеолошка. Политичката класа е проткаена со идентитетска идеологија и има слаб осет за национален интерес, претпочитајќи да се потпира на глобалистичките институции, пишува Тим Блек.
Впрочем, Милеи веќе беше сведок на обидот на Британија да се откаже од својот суверенитет над уште една од своите прекуморски територии: островите Чагос во Индискиот Океан. На најголемиот од овие острови, Диего Гарсија, се наоѓа клучна заедничка воздухопловна база на Обединетото Кралство и САД. Ниту тоа не ја спречи британската влада да се обиде да им ги препушти островите на Маврициус – близок сојузник на Кина – и притоа да им плати милијарди за таа „услуга“, а сето тоа наводно во име на почитувањето на „меѓународното право“.

Уште подлабоко, денес британската јавност е изразено рамнодушна кон статусот на острови оддалечени илјадници милји. Во анкетата на YouGov од 2023 година, на прашањето колку би биле вознемирени ако Фокландските Острови повеќе не се британски, речиси половина одговорија дека „Не би им пречело ниту едното ниту другото“. Меѓу младите, оваа рамнодушност е широко распространета, што и не изненадува со оглед на тоа што тие израснале во културна и образовна клима во која доминираат антизападното расположение и идеологијата на деколонизација. Според неодамнешна анкета на Telegraph, само 10% од лицата на возраст меѓу 18 и 24 години сакаат Фокландските Острови да останат британски.
Сето ова не значи дека Аргентина навистина се подготвува да ги оствари своите претензии кон Фолкландските Острови. Фокусот на Милеи засега е исклучиво насочен кон дозволите за експлоатација на нафта. Покрај тоа, островите денес се многу подобро подготвени за одбрана отколку во 1982 година. Располагаат со гарнизон од 1.500 војници, поддржан од најсовремен систем за противвоздушна одбрана, неколку борбени авиони и мали поморски сили. А Аргентина е воено многу, многу послаба отколку што беше за време на владеењето на хунтата.