Европската политичка класа не работи во интерес на Европа, тврди Фази. Нејзината лојалност е внимателно негувана за да му служи на американскиот хегемон – повеќе како претепана сопруга отколку како рамноправен партнер. Така континентот се трансформира од сојузник во ресурс: економски исцрпен, политички заробен и воено подготвен. Крајниот израз на оваа стратегија би била контролирана ескалација која ја чува Америка како безбедно засолниште, додека Европа ги трпи и конвенционалното исцрпување и нуклеарниот ризик.
Фази потсетува на хипотезата на независниот коментатор Матијас Форсгрен дека американската стратегија сега е да се „украинизира“ Европа: кога ќе снема украински мажи, да бидат заменети со Европејци. Сценариото е слично, а целта е идентична. Украина - сиромашна земја, цврсто контролирана и изолирана од Русија преку пропаганда, да биде искористена како „материјал“ за првата линија на фронтот. Во Украина, тоа беше постигнато преку „шок-терапијата“ на ММФ, деиндустријализацијата и долготрајната кампања што ја претвори земјата во антируски проект. Во Европа, средствата се поинакви: енергетски шок, губење на евтините руски ресурси, фискален притисок, повторно вооружување на НАТО и информациска војна.
За ова да успее, мора да пораснат невработеноста и очајот, а мора да се испровоцира или исценира некаков вид напад од страна на Русија. Ако се следи докрај, траекторија води кон нуклеарен конфликт, во кој САД би останале надвор од последиците.
Професорот Ола Тунандер од Институтот за мировни истражувања во Осло, во трудот „Од американска хоризонтална ескалација до руска доминација во ескалацијата“, опишува како САД постигнале доминација во ескалацијата кон крајот на Студената војна преку супериорност во офанзивните подморници. Со нив Вашингтон ја поткопал доверливоста на советската способност да возврати ако САД удрат први. Штом таа способност за втор удар станала сомнителна, почнала да се урива логиката на доктрината за „заемно загарантирано уништување“, па Советскиот Сојуз бил принуден да се повлече.
Денес односот е променет. Русија распореди хиперсонични ракети - „Авангард“, „Циркон“, „Кинжал“ и „Орешник“ - кои летаат со екстремни брзини и маневрираат во лет, што ги прави исклучително тешки за пресретнување од сегашната одбрана на САД и НАТО. Секој потег што ризикува вертикална ескалација сега носи поголема неизвесност за Вашингтон отколку за Москва.

Затоа е развиена нова стратегија. САД ја префрлаат конфронтацијата на посредник: Европа со нуклеарно оружје, доведена во акутен очај. Таквиот очај би можел да биде предизвикан ако руски хиперсонични ракети уништат клучни европски фабрики, ако десетици илјади европски војници загинат во Украина или ако руските сили се приближат до Киев или до полската граница. Во тој момент самата Европа би станала страната со најсилен непосреден поттик за ескалација, додека САД би ја задржале дистанцата и можноста за негирање.
Европа нема доволно конвенционални воени ресурси за да предизвика каква било ескалација: Проценките од претставниците на НАТО и европските разузнавачки служби покажуваат дека сериозната конвенционална подготвеност против Русија е малку веројатна барем до средината на идната деценија. Во таква конвенционална немоќ, нуклеарното оружје би можело да наметне како единственото достапно „брзо решение“.
Тунандер исто така објаснува дека американскиот „нуклеарен чадор“ не значи дека САД се подготвени да ја нападнат руската територија за да ги спасат своите сојузници од НАТО и со тоа да ризикуваат уништување на американските градови. Тактичкото нуклеарно оружје на САД е планирано за употреба на европска почва, за географски ограничена нуклеарна престрелка. Без Варшавскиот пакт како погодна цел и без доминацијата на САД за ескалација, чадорот ефикасно престана да постои. Во случај на сериозна конфронтација, САД би имале силен поттик да им ги препуштат и борбените дејства и нуклеарниот ризик на Европејците.
Стратегијата има за цел да ја доведе Москва во позиција во која единствените алтернативи би биле стратешко повлекување или уништување на Европа како продолжена рака на САД, дури и по цена на штетата што европското нуклеарно оружје би ѝ ја нанело на Русија. Американската територија би останала надвор од дофат. Разумно е да се очекува дека Русија би попуштила под таков притисок. Сепак, овој метод го зголемува ризикот од нуклеарна војна предизвикана по грешка, пишува Форсгрен.
Практичниот ефект е тоа што целиот европски континент се доведува во состојба на крајна напнатост, во која и најмал потег може да предизвика експлозија.