Случајот на Фел ја проширува низата скандали со лажни дипломи на најугледните универзитети во Ирска и Британија. Пред само три месеци трагично почина Џејсон Ардеј - најмладиот црн професор во Кембриџ, неколку дена откако поднесе оставка од престижната позиција поради сомневања за академски плагијат и фотошопирање на биографијата. Кембриџ не ги проверил неговите квалификации пред да го ангажира.
Универзитет Голвеј, еден од најугледните во Ирска, во 2018 година беше принуден да им ги врати школарините на студенти кои се жалеле на нестандарден квалитет на курсевите по новинарство. Во обид да ја надмине кризата и да го поврати угледот, Голвеј за раководител на Катедрата по новинарство го ангажирал – „докторот“ Том Фел.
На својот онлајн профил, кој во меѓувреме е отстранет, професорот Фел како истражувачки интереси ги наведувал „довербата, транспарентноста, информациските нарушувања, проверката на факти и манипулацијата со онлајн содржини“.
Неговите академски квалификации, пред да бидат оспорени, му помогнаа да изгради репутација на почитуван медиумски експерт. Во 2023 година доби Фулбрајтова стипендија, финансирана од Владата на САД, и беше ангажиран како советник на меѓународни организации. Годинава беше вклучен во жирито за доделување на Ирските новинарски награди.
Има објавено бројни трудови на теми поврзани со новинарството, етиката и дезинформациите. Во текст од 2025 година за кризата со кредибилитетот во ББЦ, се заложи за „ригорозна проверка на фактите и за јасно разграничување помеѓу потврдените докази и тврдењата без основа“.
На веб-страницата на Универзитетот Голвеј и во информативните брошури е претставен како „доктор Том Фел“. Оваа титула е наведена во официјален документ доставен до Комитетот за медиуми, комуникации, култура и спорт на Парламентот во Даблин. Во неговата биографија е наведено дека од 2022 година добил потврда за докторат по новинарство од Универзитетот Сити во Лондон, (денешен „Сити Сент Џорџ“) каде што претходно работел како виш предавач. Катедрата за новинарство на овој универзитет се смета за најпрестижна во Британија.

Но, поранешен универзитетски колега тврди дека Фел ги прекинал студиите пред да се стекне со диплома.
Том се запиша на докторски студии преку постапката „докторирање врз основа на претходни објавени трудови“. Сепак, тој не ги заврши студиите. Неколку години подоцна го напушти Универзитетот и не продолжи со докторатот. Според тоа, тој никогаш не се стекнал со таа титула, објаснува поранешен висок академски претставник од Универзитетот.
Иако докторандите на „Сити Сент Џорџ“ имаат обврска да ги достават своите завршени тези во библиотеката, каде што се јавно достапни, не постои никаков запис за теза од Фел. Во разговор со новинар од „Прајм тајм“ тој не можел да одговори ни кој бил насловот на неговата докторска теза.
Не можам точно да се сетам. Темата беше поврзана со медиумите и демократијата. Мислам дека беше нешто како „улогата на новинарството во времиња на промени... во демократија што се развива, или нешто слично на тоа, вели професорот.
Тој додава дека докторатот не бил во традиционална форма, туку збирка од научни студии на која работел пет или шест години.
Оваа форма е позната како „докторат врз основа на претходни публикации“. Вклучува пократка теза од типичен докторат, но според прописите на Универзитетот, „мора да ги исполнува истите стандарди за академска извонредност како и докторатот стекнат на кој било друг начин“.
******
Види и: За смртта на професорот кого Кембриџ нејќеше да го провери