Контроверзниот закон „Предлог 3003“ усвоен од Долниот дом на Парламентот му дозволува на министерот за внатрешни работи со административна одлука да вклучи поединец или компанија осомничени за „странско мешање и манипулација со информации“ во националната листа на санкции и веднаш да им ги замрзне средствата, имотот, економските ресурси, па дури и криптовалути.
Жалбата до управниот суд не го одложува автоматски дејството на одлуката.
Владејачкото мнозинство тврди дека целта на мерките е заштита на националните интереси на Полска од хибридни напади. Прописите наводно се насочени исклучиво кон организирани групи и субјекти поврзани со непријателски режими, како Русија или Белорусија, за кои се смета дека водат напредно информациско и кибернетско војување против Полска.
Законот ја вградува директивата на ЕУ во полското законодавство и драстично ги зголемува казните за прекршување или заобиколување на санкциите. Непочитувањето на прописите повлекува административни парични казни во износ до 20 милиони злоти (околу 4,5 милиони евра), а во екстремни случаи кривични санкции како затворска казна во траење до 12 години.
Опозицијата забележува дека законот поставува широка основа за реакција од Министерството за внатрешни работи, само врз „веројатност за користење финансиски средства“ или „дејствување во полза или во интерес на други земји кои се предмет на санкции“.
Кој ќе одлучи дека вие манипулирате со информации? Кои ќе бидат критериумите? И, ако некој службеник направи грешка, вашата сметка ќе остане замрзната, вашата компанија може да банкротира, а вие ќе поминете години борејќи се на суд за правда... Ова е законодавна бесмислица, коментира пратеничката Ева Зајачковска-Херник.
Таа истакнува дека можноста за изрекување санкции без судска согласност, и тоа врз основа на нејасни прописи, го ограничува основниот принцип на претпоставка за невиност. Пред таквото лице воопшто да стигне до постапка по жалба, тоа може да биде уништено од санкциите, со оглед на тоа што се предвидени сурови парични и затворски казни.
Европратеничката Ана Брилка предупредува дека правото да вклучува субјекти на листата за санкции создава реален ризик власта да ја злоупотреби, особено во предизборниот период.
Овој страв е оправдан бидејќи премиерот Туск и круговите блиски до владата гледаат руско влијание насекаде. Според нив, критиките кон ЕУ или кон климатската политика се дел од руска информациска војна. Се надевам дека претседателот Карол Навроцки ќе го почитува Уставот и ќе стави вето на овој предлог-закон, истакна Брилка.
******
Види и: Хаос во Полска по нападот на Туск врз Уставниот суд