Вработените на аеродромот во Гетеборг се обучени да реагираат во вакви ситуации. Лажицата би била откриена со детекторите за метал и девојката би била тргната на страна за да разговара со вработените насамо. Ова е како последна шанса да се пушти алармот.
Нема податоци за девојки и девојчиња што ги носат надвор од земјата за присилен брак, но една национална СОС линија минатата година добила 139 повици за присилен брак или брак со малолетници.
Активистите сега се обидуваат да ги натераат и другите градови да го следат Гетеборг и да ја усвојат иницијативата за да се заштитат девојчињата.
Идејата е од британската добротворна организација Карма Нирвана, според кои тактиката веќе спасила многу девојки во Британија од присилен брак.
Од таму велат дека да се сокрие лажица во гаќи е безбеден начин девојките да ги известат властите, што често е тешко да се направи ако се опкружени со семејство. Советот е дел од една поголема кампања за справување со насилството во име на „одбрана на честа” во Гетеборг, инаку град со популација од милион луѓе. Школите и социјалните работници имаат насоки да бидат екстра-внимателни во време на одмори, кога има поголеми шанси девојчињата да ги носат надвор од земјата.
„Ова го правиме затоа што ризиците од присилен брак и женско обрежување се зголемуваат за време на школските распусти, особено за време на летото,” вели Катарина Идегард, одговорна за справување со ваквиот тип на насилство на ниво на Гетеборг.
Присилниот брак и женското обрежување се нелегални во Шведска, дури и ако се изведат во странство и се казнуваат со затвор.
Во 2016-та, еден татко беше осуден дека ја присилил ќерка му да се омажи против нејзина волја, откако ја измамил да отиде на пат во Авганистан.
Во друг случај, во 2014-та, 14-годишно девојче чиј татко ја однел во Етиопија да се омажи за постар роднина, било спасено откако побарало помош од советник од нејзиното школо преку Фејсбук.
Идегард вели дека едно истражување од 2015-та открило дека до 38.000 девојки и жени кои живеат во моментов во Шведска, е можно да биле подложени на женско обрежување. Жртвите вклучуваат жени родени во Сомалија, Еритреа, Етиопија, Египет и Гамбија.