Студенти од Принстон бараа името на Вудро Вилсон да се симне од Факултетот за надворешна политика и од еден од студентските кампуси. Студенти од Јејл бараа нивен студентски дом повеќе да не го носи името на Џон Калхун. Оние во Мисури пак, бараа отстранување на Томас Џеферсон од нивниот студентски простор. А веројатно најголем публицитет доби движењето за бришење на Ендру Џексон од банкнотата од 20 долари.
Освен клучната борба за слободата на говорот версус сè поагресивната политичка коректност, студентското движење во САД денес се бави и со таа тема: битка со старите американски икони.
Оние што бараат отстранување на историските личности од горенаведениот калибар се повикуваат на нивни потези и ставови кои се во спротивност со денешниот национален консензус. Особено во однос на расното прашање. Оние пак, кои ги бранат се повикуваат на други нивни потези и ставови кои биле клучни за изградба на денешната држава а за контроверзните ставови велат дека треба да се гледаат во историскиот контекст.
Во секој случај, стариот начин на обележување и комеморација е готов. Некои го нарекуваат "ерата на мермерот", епоха која својот врв го имаше во првите децении од минатиот век кога американските државници со еден идеализиран имиџ беа главен симбол на националното единство и прогресот.
Тие години се изградени повеќето од денешните иконични сцени на САД: Меморијалниот центар на Линколн (1922), на Џеферсон (1943), планината Рашмор (1941), Ендру Џекосн на 20-ката (1928), Јејл го зема Калхун за име на студентски кварт (1932) а Принстон му даде две почести на Вудро Вилсон како знак на "вечно сеќавање".
А очигледно ништо не е вечно. Според денешните стандарди Вудро Вилсон е тежок расист а контроверзите на Џеферсон околу робовите е одамна позната. На вториов, историската позлата први му ја симнаа малцинствата, тоест црнците кои почнаа со негово бојкотирање. Таквото движење против закостените икони на американското општество доведоа и до некои поинклузивни споменици, каков што е Меморијалот на американско-јапонскиот патриотизам од Втората Светска Војна.
Клучен чекор е да се обмисли што понатаму. Ако мермерните споменици веќе не ја одразуваат посакуваната слика за себе, тогаш како и во што ќе се втиснуваат вредностите кои сакаат да се емитираат во иднината.
Сегашниот тренд е малку чуден. Имено, наместо "паднатите" политичари и државници, имињата на некои студентски објекти ги заземаа донатори. Богаташи кои помогнале нешто да се изгради или реновира.
На прв поглед ок, личи како заслужена награда за нивниот филантропски гест. Но, замислете како перверзно ќе звучи македонски студентски дом кога би го носел името на некој овдешен крајно сомнителен тајкун.