- Доналд Трамп оцени дека војната со Иран „всушност е завршена“. Поморската блокада ќе продолжи сè додека не се постигне официјален договор со Техеран за нуклеарната закана и за сообраќајот низ Ормускиот проток.
- „Во овој момент, преземањето воени дејствија не изгледа како нешто неопходно – но ние сме целосно подготвени и вооружени, спремни да реагираме доколку се појави причина за тоа“, изјави Трамп.
- По разговорите во Овалната соба со катарскиот премиер, Трамп истакна дека САД немаат причини да ја ескалираат војната, бидејќи нивите сојузници се добро заштитени.
- „Израел, како и целиот Блиски Исток, се заштитени од иранската опасност и закани... Ќе се погрижиме интересите на Америка во секое време да бидат заштитени. По завршувањето на овој воен ангажман, американскиот народ, а и светот, ќе бидат многу побезбедни и посигурни“, изјави Трамп.
- Републиканскиот конгресмен Томас Маси ја почна постапката за отповикување на секретарот за одбрана Пит Хегсет поради „злоупотребување на овластувањата“ и „свесно спроведување незаконски наредби“ во врска со војната против Иран.
- Три од осумте точки наведени во барањето на Маси го обвинуваат Хегсет за кршење на воените овластувања за Иран. Конгресменот тврди дека војната е неуставна бидејќи администрацијата на Трамп го почнала конфликтот без одобрение од Конгресот и продолжила со воените дејствија иако законодавниот дом побарал Пентагон да ги прекине.
- Во другите точки е обвинет за злоупотреби кои предизвикале цивилни жртви, напади врз бродови осомничени дека транспортираат дрога, одмазда против сенаторот Марк Кели, грабнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и воените операции во Јемен.
- „Отповикувањето на Хегсет е најдобриот потег што можете да го направите во моментов, за да се дистанцирате од неуспешната политика на оваа војна во Иран“, им порача Маси на републиканците во Конгресот.
- Дури и ако Претставничкиот дом го отповика Хегсет, за негово разрешување од функцијата ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Сенатот, кој во овој состав до 3 јануари е под контрола на републиканците.
- Михал Оксињски, 24-годишниот Полјак осомничен за убиство на шест лица во Краков во саботата, денеска почина во болница по три неуспешни хируршки операции.
- Пукајќи од возило во движење, Оксињски смртно застрела шест лица – четворица Полјаци, Британец и Австријка, и рани уште 15, вклучувајќи петмина странци. Беше ранет по бркотница и престрелка со полицијата.
- Обвинителството смета дека Оксињски е одговорен и за убиството на своите родители и 21-годишната сестра. Нивните тела со прострелни рани беа откриени во семејниот дом во градот Островјец Свјентокшиски.
- Во автомобилот на напаѓачот биле пронајдени две пушки, два пиштоли и околу 500 парчиња муниција. При нападот испукал „десетици, а можеби дури и неколку стотици“ куршуми.
- Од март годинава имал дозвола за носење огнено оружје и посетувал стрелачки клуб заедно со својот татко, но немал криминално досие и не ѝ бил познат на полицијата.
- „Засега немаме доволно информации за да утврдиме мотив“, изјави портпаролот на Националното обвинителство, Пшемислав Новак.