Експерименталните сончеви колектори поставени десетина метри под површината на морето близу островот Веиџоу успеале да генерираат струја од сончевите зраци.
Тоа само по себе е голем успех, затоа што била тестирана нова технологија. Панелите не биле изработени од силициум, како оние на копното или на површината на морето, туку од перовскит – минерал составен од калциум, титаниум и кислород. Ќелиите базирани на перовскит ги користат сините и зелените фреквентни бранови на сончевата светлина кои продираат под вода кога зраците се прекршуваат на површината.
Уште повпечатливо е што максималната ефикасност на претворање на енергијата на сончевите зраци во употреблива електрична струја на тестирањето достигнала високи 35%. Овој резултат го надминува „Шокли-Квајсеровиот лимит“ – теоретската граница на фотоволтаична ефикасност, која е поставена на 33%.
Резултатите се земаат со доза на резервираност, бидејќи се добиени од симулирани услови. Тестот траел само два часа и панелите имале мала површина од 115 квадратни сантиметри, при што биле генерирани 324 миливат-часови енергија – доволно за напојување на мала ЛЕД-светилка во текот на неколку часа. Кога биле поставени на длабочина од 2 метри, генерирале енергија од 1.416 миливат-часови, што е околу половина од капацитетот на „АА“ батерија.

Сепак, тестот потврдил дека револуционерната технологија може да функционира и да биде ефикасна.
Со вакви панели не мора да се напојуваат фабрики или домови, но може да бидат незаменливи за одржување на подводна опрема подолго време без да се потпира на енергија од батерии. Океанските сензори, камерите и комуникациската опрема можат да функционираат на големи длабочини, но мора да бидат извлечени кога ќе им се потрошат батериите. Според кинеските истражувачи, соларните панели базирани на перовскит би можеле да функционираат под вода 5,5 години.
Успеавме да потврдиме дека соларните ќелии може да функционираат и кога се под површината на водата. Тоа значително го проширува опсегот на примена, забележува авторот на студијата, Вен Хуа Џанг, професор по наука за материјали на Универзитетот Јунан.
Следниот предизвик е да се утврди до која длабочина може да се користат овие соларни панели и како се менува нивната ефикасност.