„Вештачката интелигенција ќе нè убие“ е новата ковид паника

Ако од некаде ни изгледа позната денешната хистерија околу итната опасност од вештачката интелигенција и нејзино забегување, тоа е затоа што за помалку од 10 години, четири пати видовме и преживеавме такви морални паники, водени од „најпрогресивните“ слоеви на човештвото. Сценариото секогаш беше исто: толку е итен проблемот што нема време за дебата.

Постојат неколку пристапи кон „проблемот“ на вештачката интелигенција. Еден од нив смета дека постојната законска регулатива, со одредени апдејти е доволна. Друг пристап бара сеопфатна владина регулација а третиот пристап е саморегулација од приватната ВИ индустрија.    

„Вештачката интелигенција не е една,“ аргументира Мајкл Линд и вели дека сеопфатната бирократска регулација би можела да ги задуши гранките во кои потенцијалот на вештачката интелигенција да наштети е минорен - во видео игрите, на пример.

Застапниците на сеопфатна владина регулација на вештачката интелигенција радо би ја бајпасирале демократијата. По нив, заканата е толку голема и толку итна што стандардните демократски процеси би одзеле премногу време. Тие веќе денес би промовирале технократски експерти во владини агенции со широки овластувања, бидејќи, нели, утре ќе биде предоцна и нема време за дебати.

Ако овој „аргумент од апокалипсата“ звучи познато, тоа е затоа што прогресивците го користеа четири пати во последната деценија за да воведат мерки за кои, ретроспективно гледано, дури и некои од нив сега признаваат дека биле екстремни претерани реакции, пишува Линд.

Мисли на четирите морални паники: Black Lives Matter, транс-родовиот радикализам, ковид-хистеријата и климатската апокалипса. 

Сите следеа исто сценарио. Бидејќи животи беа во прашање, немаше време за дебата: расистички полицајци масовно убиваат црни Американци, трансродови деца масовно се самоубиваат бидејќи општеството не ја прифаќа нивната самоидентификација, сите ќе загинеме од ковид ако не сме во карантин и полициски час, климатските промени ќе го збришат човештвото ако продолжиме да јадеме месо....

„Откако бевме сведоци на прогресивната апокалипса и нејзините последици четири пати за помалку од една деценија, оправдано е да бидеме сомничави кога сценариото за морална паника се игра во нова форма, во случајов: вештачката интелигенција ќе нè убие сите, ако не делуваме веднаш!“

Се чини, најизгубена е ЕУ. Нејзината регулаторна политика бара технологиите да се оценуваат врз основа на можни ризици, рангирани според потенцијалната опасност. Замислете дека, по развојот на парната машина од страна на Џејмс Ват, британската влада основала Министерство за пареа, задолжувајќи ги министрите и државните службеници да ги предвидат и да донесат правила за сите ризици што би можеле да произлезат од новите парни машини.

Дури и најбрилијантните умови во 1800 година не би можеле да предвидат многу од идните примени на новата технологија, а уште помалку однапред да донесат специфични правила за безбедноста на паробродите, парните локомотиви и слично.

При регулирањето на вештачката интелигенција, императив е да се избегне човечката глупост.

 

29 септември 2026 - 10:49