Нетанјаху во неделата одржал тајна средба со претседателот на ОАЕ, Мохамед бин Зајед, на аеродромот во Абу Даби и, според извори на „Хаарец“, го молел јавно да го негира извештајот дека преку приватна телефонска линија разговарале за заканата од голем терористички напад на Хамас.
На разговорот во септември, Нетанјаху одговорил дека „ситуацијата е под контрола“ и решил да не реагира (за што детално пишувавме во статијата „Нетанјаху бил предупреден за седми октомври. Не мрднал со прст“).
Кабинетот на израелскиот премиер објави дека извештајот за „целосна лага“ и се закани со тужба против весникот „Хаарец“ и новинарите Шломи Елдар и Рут Јувал.
Од друга страна, официјален претставник на Емиратите се воздржа од директен коментар на извештајот и одмерено соопшти дека „шефовите на држави не дискутираат за такви прашања на тоа ниво“.
Во меѓувреме на површина излегоа и нови информации дека Нетанјаху за терористичкиот напад бил предупреден и од Египет. „Вол Стрит журнал“ во неделата објави дека шефот на египетската разузнавачка служба, Абас Камел, му се јавил на Нетанјаху неколку дена пред нападот на 7 октомври, откако претходните две египетски предупредувања биле игнорирани.
Уште во јуни 2023 година Египет го известил Израел дека „ситуацијата во Газа е нестабилна“ и го повикал да ги обнови преговорите со Хамас. Египетски претставници продолжиле да го предупредуваат Израел сè до 48 часа пред нападот, но немале конкретни информации за времето или обемот на плановите на Хамас.
Во саботата The Atlantic објави дека Камел тајно отпатувал во Израел на 26 септември 2023 година – 11 дена пред нападот – за да предупреди дека „Хамас се подготвува за голем напад“ и препорачал економски отстапки за да се избегне конфликт. Порталот се повикува на израелски, египетски, арапски, американски и европски претставници запознаени со посетата.
Нетанјаху возврати дека не се сретнал со Камел. Се закани дека ќе ги тужи за клевета порталите кои водат „подла и лажна кампања“ за да му ја префрлат вината за неуспесите на израелските служби за безбедност.