САД ќе се подмачкаат со запленета иранска нафта

Администрацијата на Трамп наскоро ќе може да ја амортизира кризата со горивото со нафта од непријателот против кој војува. Три супертанкери со иранска сурова нафта се приближуваат до Мексиканскиот Залив и наскоро ќе истоварат 6 милиони барели во вредност од 600 милиони долари. САД се повикуваат на закон од пред два века, според кој нафтата е воен плен.

Танкерите беа запленети од американската воена морнарица во Индискиот Океан откако Трамп ја воведе блокадата на Ормускиот проток. „Тифани“ и „Маџестик Икс“, кои беа запленети во април сега се близу брегот на Бразил, а „Ленор“, преземен во јуни, премина околу ’Ртот Добра Надеж.

Додека пловат кон брегот на САД, нивниот товар добива на цена, бидејќи барелот нафта ја надмина границата од 100 долари и сè уште се качува. Вкупниот капацитет на супертанкерите е околу 6 милиони барели.

Трамп воведе поморска блокада на Иран во април, запирајќи ги сите бродови што излегуваат од Персискиот Залив или пловат кон иранските пристаништа, дури и ако се во Индискиот Океан или Пацификот. По краткото примирје Трамп ја укина блокадата, но повторно ја воведе и ја заостри неколку недели подоцна. Ова не влијаеше врз запленетите ирански супертанкери, кои ја продолжија бавната пловидба кон САД.

Правната основа на која се повикува администрацијата на Трамп за конфискацијата на товарот е Законот за награди, кој влече корени од Средниот век. За разлика од законите за граѓански конфискации, Законот за награди не бара од владата специфичен налог ниту какво било докази дека се прекршени закони. Министерството за одбрана едноставно има право да заплени непријателски брод во услови на војна.

Законот за плен од 1812 година последен пат бил применет за време на Шпанско-американската војна. На него се повикал и претседателот Абрахам Линколн за време на Граѓанската војна за да ги блокира пристаништата на Конфедерацијата.

Се очекува танкерите со иранска нафта да пристигнат на брегот на Тексас, каде што се главните рафинерии. Товарот ќе биде во надлежност на канцеларијата на федералниот обвинител за Јужниот округ на Тексас, со седиште во Хјустон. Обвинителот Арон Рајц изјави за „Блумберг“ дека Канцеларијата е подготвена да ги застапува САД во судските постапки за пленот.

Нашите интереси за национална безбедност може да бараат од американската војска да заплени пловни објекти или товар што го поддржуваат непријателот за време на воен конфликт. Законот за плен е древна гранка на поморското право – веќе кодифицирана во законските прописи, но која сега ја оживуваме – и ги утврдува правилата за тоа како запленетиот поморски имот се прогласува за легален плен, дали се враќа или како се отуѓува, објаснува Рајц.

30 септември 2026 - 08:49