Изборот на единствен лидер е невозможна мисија за Европа

Хенри Кисинџер своевремено го поставил прочуеното прашање: „Кој број да го завртам ако сакам да се јавам во Европа?“ Половина век подоцна, Европа сè уште е фрагментирана на интереси и надлежности. Не може да избере ни единствен лидер што би ја претставувал и на преговорите со Русија, на кои ќе се решава идната безбедносна архитектура на континентот. 

Наместо единствен претставник со широки овластувања, европските лидери на самитот во Даблин ја одредија групата „Е5“ да учествува на идните преговори со Русија и САД за крај на војната во Украина и за уредување на идните односи со Москва.

Групата Е5 ги опфаќа четирите големи земји од ЕУ – Германија, Франција, Полска и Италија, плус Обединетото Кралство. Со претставници на Европската комисија и на Европскиот совет, делегацијата се проширува на седум лица.

Потрагата по човек што ќе седне на преговарачката маса на следната рунда мировни преговори за Украина прерасна во политичка фрустрација во Брисел. Тоа од Европа го бараат и Вашингтон и Москва и Киев.

Кога Европа би можела да одреди едно лице кое ќе зборува во нејзино име, тоа би било поголемо достигнување отколку самото вклучување на Европејците во преговорите, изјави американскиот преговарач Џаред Кушнер.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги опиша лидерите на ЕУ како „пајаци во тегла“ за да објасни дека Москва сака да разговара со единствен претставник, а не со делегација со поделени ставови. Дури и украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Европа да одреди единствен преговарач.

Причината поради која Европа не може да избере единствен претставник е структурна. Постојат премногу европски засегнати страни со подеднакво важни, но многу различни интереси и надлежности, што ја прави консолидацијата на сите различни аспекти под една личност невозможна.

Комисијата не може да преговара за идната безбедносна архитектура на Европа - тоа треба да го одлучат членките на НАТО и националните престолнини. Но, подеднакво, НАТО, Париз и Берлин не можат да преговараат за санкциите на ЕУ или за пристапувањето на Украина во блокот - ова е во надлежност на Комисијата.

А, не е реална идејата дека „Е3“ — големите европски економски и воени сили: Германија, Франција и Обединетото Кралство — би им дозволиле на Европската комисија, Европскиот совет или НАТО да преговараат сè во нивно име.

Европа не е супердржава, изјави дипломат од Брисел.

Тој објаснува дека во контекст на разговорите за Украина, европските интереси опфаќаат многу членки на ЕУ, но и држави како Британија, Норвешка, па и Турција и Молдавија.

Кој може да вети присуство на војници на терен во име на остатокот од Европа? Кој може да понуди милијарди за финансирање? Тоа е тешко, вели дипломатот.

Решението договорено во Даблин е различни членови на петорката да бидат задолжени за различни прашања. Уште пред да седнат на преговарачката маса спроти Русија, Украина и САД, мировните пратеници ќе имаат голем проблем како да ја усогласат сопствената стратегија.

14 ноември 2026 - 10:04