„Неброено пати повтореното тврдење дека амазонските шуми произведуваат 20% од кислородот на оваа планета е неразбирање на работите. Во реалноста, речиси цел употреблив кислород за дишење потекнува од океаните и го има доволно да ни трае милиони години. Постојат многу причини да бидеме загрижени и ужаснати од пожарите во Амазон, но недостатокот на кислород не е една од нив,“ пишува за PBS, Скот Денинг, научник кој со години се занимава со проучување на атмосферата.
Амазон продуцира околу 6% од кислородот кој со фотосинтеза го создаваат растенијата и дрвјата ширум светот. Но, практично целиот кислород создаден со фотосинтеза секојдневно е консумиран од живите организми и пожарите. Дрвјата во Амазон создаваат кислород но истовремено пуштаат мртви лисја, гранки, корени и друг отпад со кој се храни еден богат екосистем од организми, главно инсекти и микроби а тие го консумираат кислородот кој е создаден во процесот. Сума сумарум, кога ќе се пребие колку една шума создава а колку троши кислород, остатокот е близу нула.
Во една планетарна перспектива, уникатноста, па и бизарноста на нашето постоење не се должи на она што е живо, туку на она што умрело и се наоѓа длабоко под земја, како фосилни горива.
Живи сме заради една прекрасна грешка во равенката. Кога се пребива производството и трошењето на кислородот, останува еден апсолутно мал дел вишок кислород, кој изнесува околу 0.0001%. Изгледа безначаен но во текот на милиони и милиони години постоење на планетата, тој мал вишок се кумулирал во атмосферата и така се создал тој резервоар на драгоцен кислородот кој прави околу 21% од атмосферата и го овозможува сиот жив свет на неа. Дел од кислородот знае да се врати на површината и да се врзе со метали и така оксидацијата (р'ѓата) помага во регулацијата на нивото на тој елемент околу нас.
Оттука, не цел Амазон туку и сите можни дрвја, грмушки и растенија кои постојат, да речеме до последниот лист филадендрон во вашата дневна соба, некако одеднаш да ги уништиме, нивото на кислород во атмосферата ќе падне незабележливо, од 20,9 на 20,4 проценти. Истовремено, нивото на јаглерод диоксид ќе се качи од 400 на 900 (делови на милион), што е пониско од најужасното сценарио за емисии на штетни гасови до 2.100 година. Сето тоа ако изгори сè живо на планетава!
Под западна Вирџинија и Англија „спијат’ џунгли стари 300 милиони години, полни со црви големи колку крокодил и шкорпии колку кучиња. Под западен Текс лежи корален гребен од 260 милиони години стар океан полн со ајкули какви денес немаме видено. Под Саудиска Арабија кмишат тони и тони планктони кои убаво си живееле во времето на диносаурусите.
Тоа е тоа што денес го гориме на површината. Не го гориме само Амазон, ги гориме сите шуми кои постоеле во историјата на оваа планета. Со секоj дел CO2 кој оди нагоре кога гориме фосилни горива, атмосферскиот кислород се спушта во еквивалентна количина. Како резултат на тоа, кислородот го снемува побрзо од горење мртви горива отколку од горење живи дрвја и шуми. На тој начин, денешниот глуп човек инстантно го поништува капиталот од фотосинтезата создаван милиони години.