Кој сè ве шпионира по дома?

Осомничените не ги барајте само во паметните телефони и таблетите. Ниту пак меѓу комшиите кои можеби дремат со чаша на уво наслонета на вашиот заеднички ѕид. За паранојата да биде поголема, помислете на вашиот нов телевизор, или смарт звучници, па дури и машина за перење. 

Откриено е дека домашните уреди за секојдневна употреба ги шпионираат семејствата, односно собираат информации многу повеќе од што им се потребни за да функционираат. 

Истражувања на британска компанија за заштита на потрошувачи покажуваат дека стандардни домашни уреди собираат и споделуваат приватни информации со големи технолошки фирми како Гугл, Амазон, Фејсбук и Твитер.

Логично е да се претпостави дека ваквите гиганти и нивните деловни партнери ги користат добиените информации за да таргетираат луѓе со реклами.

Меѓу нив се, на пример, производите од семејството Гугл Нест, кои вклучуваат безбедносни камери, паметни звучници, камери со ѕвончиња, системи за контрола на греењето...

Патем, собираат повеќе информации ако сопственикот има смартфон на Андроид отколку Ајфон. Јасно, основниот бизнис на Гугл е адвертајзинг и маркетинг додека Ајфон се фокусира на продажба на хардвер.

Смарт звучниците Босе комуницираат со Мета, фирмата- мајка на Фејсбук. Најмногу софтвер за активно следење имале камерите Езвиз, кои споделуваат информации со маркетинг одделот на ТикТок и со платформата за дигитален маркетинг Пангл.  Истражувањата на „Which?“ сугерираат дека сите камери користат софтвер за следење од Гугл, додека Блинк и Ринг се поврзани и со својата родителска фирма Амазон.

Повеќето менија за смарт телевизори се преплавени со реклами, некои персонализирани врз основа на корисничките податоци. Следењето формално е опционално но ЛГ, Самсунг и Сони тоа го решаваат со една опција „Прифати сè“.

Тврдат дека ЛГ од своите машини за перење може да го извади името на клиентот, датумот на раѓање, меилот, контактите, прецизната локација...

Според Општите регулативи за заштита на податоците (GDPR), компаниите мора да бидат транспарентни за податоците што ги собираат и за тоа како се обработуваат. Собраните податоци, исто така, мора да бидат релевантни и ограничени на она што е функционално. Но тука стапува на сила „креативноста“ на компаните за широко дефинирање на она што е нивен „легитимен интерес.“

************

Види и:

Правосмукалка папарацо

Во слава на тегет усисивачот „Слобода“ - Чачак

7 септември 2023 - 16:38