Деновиве на интернет се појавија слики од една жена, која во маица за по дома, седи на својата ВЦ шоља. Не е тоа богзнае каква вест додека не се дознае „кој“ сликал, по што можеби ќе посакате да ѝ се вратите на метлата.
Фотографијата е една од 15-те скриншотови направени од пробна верзија на Roomba J7, робот-правосмукалка од iRobot.
За недозволеното објавување се „заслужни“ некои Венецуелци кои работат за Scale AI, ИТ-компанија за мануелно требење на податоци (data annotation) што компјутерот не може да ги протолкува сам. Тоа треба да го подобри процесот на машинско учење и усовршување на вештачката интелигенција.
„Таму некаде има група луѓе седнати - обично во простории што немаат прозорци - кои цел ден мрдаат со маус и кликаат одбележувајќи што е објект а што не е објект“, опишува асистент на програмата за управување со технологија при Универзитетот во Калифорнија.
Од iRobot уверуваат дека конкретната правосмукалка е дел од специјална серија, опремена со дополнителен хардвер и софтвер, и дека сличен испад не може да им приредат уредите кои луѓето си ги имаат купено од продавница. Сакаат да кажат дека сликањето било дел од процесот за усовршување на производот, и дека до правосмукалки способни да сторат вакво нешто имале пристап само тестери и соработници кои потпишале договор.
Притоа, договорите кои би требало да докажат дека луѓето биле свесни дека правосмукалката ги снима, не ги дале на увид.
Инцидентот предочува каква беља може да стори прибирањето на податоци кои производителите и компаниите за развој на вештачката интелигенција си ги споделуваат меѓусебно. Компанијата признава дека споделила околу 2 милиона фотографии со Scale AI, и уште безброј со други слични компании.
Процесот на снимање и требење слики има за цел да го унапреди „компјутерското гледање“ кај современите правосмукалки опремени со камери и ласерски сензори. Тоа пак би требало да овозможи подобро мапирање на просторот автоматско избегнување пречки како мебел и кабли.
„Разноликоста на домовите ни ја отежнува задачата. Мебелот не е стандардизиран а тешко е да се предвиди и што сè може да се најде на подот - понекогаш се чорапи а понекогаш се кабли - а каблите може да изгледаат различно во САД а различно во Кина“, вели одговорниот за истражување и развој во Роборок, Ву Ерки.
iRobot, најголемиот производител на робот-правосмукалки, неодамна беше купен од Амазон за 1,7 милијарди долари во договор кој сè уште не е финализиран.