Мозок не е проблем, мозок нема

Случајот на еден Французин скоро една деценија ги фрла во депресија научниците кои беа уверени дека нешто знаат за биолошката основа на човековата свест. Имено, нему му недостасуваат 90% од мозокот и живее нормален живот. А не е пратеник. Добро де, работи во администрација.

Случајот на тогаш 44 годишниот Французин за првпат е опишан во еден медицински часопис во 2007 година. Отишол на доктор заради банални проблеми со ногата а кога му ја снимиле главата, лекарите се шокирале кога утврдиле дека му недостасуваат 90 проценти од мозокот. Практично, од тој орган, неговиот сопственик има само тенка шасија полна со течност. А скенот му изгледа вака:

Науката реши да го крие неговиот идентитет (веројатно затоа што им треба жив; да го кажат, ќе го умрат луѓе од заебавање). Докторите веруваат дека внатрешноста на неговиот мозок во долг рок постепено еродирала од собирање на течност, состојба позната какко хидроцефалус. Тоа му била дијагнозата уште како бебе но дренот му бил изваден кога наполнил 14 години.

Без оглед на недостатокот од материјал, тој не е ретардиран, има нешто помал квоциент на интелигенција (75) а во социјална смисла е комплетно функционален: работи (државно, нормално), женет е (со таков квоциент, нормално) и има две деца.

Претходно невролози наголемо се надмудруваа во кој регион во внатрешноста на мозокот е сместен делот за свеста и овој случај комплетно ги снеможува. Бидејќи човекот ниту има региони ниту има внатрешност.

По една теорија која пробува да ја спаси честа на науката, свеста не е нешто со кое човек се раѓа туку нешто што се учи, така што таа нема постојана локација во мозокот. Во случајов на Французинот, тоа значи дека преостанатите 10% неврони научиле да ги обавуваат сите функции, вклучувајќи ја и таа да бидат свесниза тоа што го прават.

 

14 јули 2016 - 20:01