Џејми Рид е 42-годишна квир жена од Сент Луис, по политички афинитети блиска до Берни Сандерс. Живее со транс-маж со кого имаат две деца од претходните бракови и три згрижени деца кои сакаат да ги посвојат.
Сето тоа ја одредило и нејзината професионална кариера во која секогаш била советник за ранливи популации: деца без родители, сексуални малцинства, сиромаштија....
Во 2018 се вработила во Трансџендер центарот на Универзитетот од Вашингтон во детската болница во Сент Луис, центар создаден една година порано.
„Главната премиса на центарот беше дека што порано почне третман на дете со родова дисфорија, толку помалку страдања ќе има подоцна. Бев убедена дека зад таквиот консензус стои дебела аргументација и докази“.
За 4 години колку што работела пред да даде отказ, таму минале околу илјада деца со родова несигурност, а на голем дел од нив им била препишана хормонска терапија што носи промени кои неповратно го менуваат животот, вклучително стерилитет.
Заминала лани во ноември, кога веќе не можела да учествува во она што се случува таму и кога ѝ станало јасно дека здравствениот систем веќе не се држи до геслото „не нанесувај штета.“
Иако сите нејзини блиски ја советувале да ја заборави темата бидејќи е јасно колку тоа може да биде погрешно протолкувано и ќе ѝ наштети на нејзиниот личен и професионален живот, сепак решила да проговори бидејќи „она што им се случува на децата е поважно од мојот комфор а тоа што се случува таму е и морално и медицински ужасно.“
Веднаш штом влегла во Центарот ѝ станало јасно дека во него не постојат никакви протоколи за работа и дека лекарите ко-директори се единствениот авторитет.
На почетокот, популацијата на пациенти била онаа најчестата: прилично младо момче кое сака да биде девојче. Одеднаш во целиот западен свет, почнува да се случува драматичен пораст на нова популација, тинејџерки без претходна историја на родови проблеми, кои одеднаш се декларираат како трансџендери и инсистираат на итен третман со тестостерон. На нејзиниот почеток во Центарот имало 10 такви случи месечно а на заминување и до 70.
„Ова ме загрижуваше, но не чувствував дека сум во позиција да звучам алармантно. Постоеше тим од осуммина, а само уште едно лице ги постави прашањата што ги имав. Секој што покрена сомнеж ризикуваше да биде наречен трансфоб“.
Девојчињата кои доаѓале имале многу коморбидитети: депресија, анксиозност, АДХД, пореметена исхрана, дебелина... Многу биле дијагностицирани со аутизам или имале слични симптоми. Лански извештај од британски трансџендер центар покажува дека една третина од таквите пациенти се во некој дел од аутистичниот спектар.
Младите пациенти често пријавувале пореметувања за кои никој не верувал дека ги имаат. Тврделе дека имаат туретов синдром (а немале) дека имаат тикови (немале), дека во себе имаат повеќе личности (ама немале)...
Ваквото лажно авто-дијгностицирање, лекарите приватно го сметале како манифестација на социјална зараза но официјално пријавените проблеми ги третирале како автентични и вродени.
За да се започне транзицијата, било потребно само да се добие поддршка од терапевт - кој обично Центарот го препорачувал - притоа Центарот и ги советувал пациентите што да му пишат. После тоа се чекало само зелено светло од ендокринолог за да препише тестостерон. И тоа е тоа!
Кога женско зема тестостерон, за само неколку месеци се јавуваат длабоки и трајни ефекти на хормонот. Гласот станува подебел, никнува брада, телесните масти се прераспределуваат. Сексуалниот интерес експлодира, агресијата се зголемува, а расположението може да биде непредвидливо.
На пациентите им било кажано за некои несакани ефекти, вклучително и стерилитет.
„Дојдов до уверување дека тинејџерите едноставно не се способни целосно да сфатат што значи да се донесе одлука да станат неплодни додека сè уште се малолетни“, пишува Рид.
Но, центарот ги минимизирал негативните ефекти и ја нагласувал потребата од промена. На нивниот веб сајт пишува.
„Ако не се третира, родовата дисфорија носи голем број последици, од само-повредување до самоубиство. Но кога ќе ја отстраниш дисфоријата и на детето ќе му дозволиш да биде тоа што е, таквите проблеми ги снемува. Студии покажуваат дека овие деца често завршуваат психолошки функционални исто или подобро од другите.“
Само што, забележува Рид, не постојат веродостојни студии кои тоа го покажуваат.
„Напротив, искуството на многумина пациенти од Центарот покажува колку лажни се овие тврдења“.
Навистина постојат ретки случаи кога бебиња се раѓаат со нетипични гениталии и тие бараат особена деликатност во третманот. Но центрите како што е овој во кој работела Рид самите создаваат цели орди на деца со атипични гениталии, а повеќето од нив уште немале секс. Немаат претстава што ќе бидат како возрасни. А за трајно да се трансформираат доволен е само еден-два кратки муабети со терапевт.
Земање моќни дози на тестостерон или естроген, доволни да го измамат телото да го имитира спротивниот пол, влијае врз целиот организам.
„Се сомневам дека на оние родители кои даваат согласно нивните ќерки да добијат тестостерон, им е јасно дека со тоа веројатно ги пријавуваат и за лекарства за притисок, холестерол, апнеа или дијабетес.“
Целото сведоштво на Рид е драматично и потресно, особено во поглед на запоставување на ментално болните пациенти, скусената моќ на родителите (во Мисури доволно е само еден родител да даде согласност) и слично.
А проблемот таму е масовен. За само 15 години, од една џендер педијатриска клиника, САД стигнаа до преку 100 такви.
„Докторите со кои работев, за третманите на нашите пациенти често велеа дека „Го градиме авионот додека летаме во него.“ Никој не треба да биде патник во таков авион“, пишува Џејми Рид.