
Тврдењето на претседателот Доналд Трамп дека неговиот украински колега, Володимир Зеленски, ја „почнал“ војната со Русија, неговите домашни непријатели го третираат како една од најеретичните надворешнополитички изјави досега на актуелниот претседател. Тука се вклучуваат вообичаените сомнежи за Русијагејт, кои повторно се извадија за да сугерираат дека Кремљ му го хакирал мозокот на Трамп.
Ми се причини дека сонувам кога ги слушнав коментарите на претседателот бидејќи од мојот мал простор на интернет, уште од 2014 година се обидувам да ја предупредам американската јавност за претстојната прокси војна и да ја едуцирам за нејзините вистински причини откако таа војна избувна.
Се разбира, неговите зборови не беа буквално точни; Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Но, тие се втемелени во една фундаментална вистина која им беше ускратена на Американците од тимот на Викторија Нуланд на двоецот Обама-Бајден и нивниот „Моќен Вурлицер“ (термин кој се користи за опис на улогата на ЦИА во обликувањето на јавното мислење - н.з.), кој со години психолошки маваше по Американците со немилосрдно повторуваната фраза за „неиспровоцираната руска инвазија на Украина“; за да се измамат милијарди долари, пари за кои Зеленски сега признава дека главно исчезнале.
На секој што е способен да види надвор од антируските сеанси на западните корпоративни медиуми му е јасно дека оваа војна еден од најпровоцираните конфликти во поновата историја - и дека Украина никогаш нема да излезе како победник. Ниту една суверена, нуклеарна сила не би дозволила непријателски странски воен сојуз да ѝ се паркира на границите додека ја контролира владата на нејзиниот сосед до степен рачно да ги избира нејзините лидери. Ако Русија или Кина се обидоа да инсталираат ракетни системи на јужната граница на САД кои би можеле да го погодат Вашингтон или организираа државен удар за да инсталираат марионетски водач во Мексико Сити, американската војска веднаш ќе испратеше Б-52 да спржи сè, од Тихуана до Теотихуакан. А токму тоа се очекуваше да го прифати Русија.
Само два дена откако Зеленски беше избран за претседател со помош на американски советници, корпорацијата RAND, поврзана со Пентагон, објави труд во кој концизно ја опиша агендата на колективниот Запад за Украина после Мајдан, со отворен наслов: „Преголемо проширување и дебалансирање на Русија“.
Меркел и Оланд подоцна признаа дека Договорите од Минск биле само итрина на Западот да ѝ купат време на Украина да изгради своја војска за претстојната војна со Русија. На конференцијата за безбедност во Минхен во 2022 година, Зеленски го артикулираше најтешкиот кошмар на Русија, повикувајќи ги западните сили кои го контролираа, веднаш да ја примат неговата земја во НАТО, потег што сите, од поранешниот директор на ЦИА, Вилијам Барнс до поранешниот американски амбасадор во Русија, Џек Метлок, го опишаа како речиси сигурен рецепт за војна. Иако никогаш немаа намера да ја исполнат желбата на Зеленски, неговите барања беа проследени со громогласни аплаузи од Берлин, Брисел и Лондон.
Дотогаш, русофонските Украинци кои во голем број гласаа за Зеленски со надеж за мир, беа лишени од нивните национални права; нивните локални медиуми беа забранувани со охрабрување на Вашингтон а во Донбас секој ден луѓе гинеа од немилосрдното гранатирање на украинската војска. Во февруари 2022 година, набљудувачите на ОБСЕ документираа рекорден број прекршувања на примирјето, главно од Украинците. До 18-ти тој месец, како што забележа Аарон Мате, САД ги повлекоа своите набљудувачи на ОБСЕ, а Украина го отфрли обновувањето на преговорите со сепаратистите од Донбас. Пет дена подоцна, реалноста ги удри по глава во форма на руска специјална воена операција.
Откако Американците почнаа да сфаќаат дека руската инвазија на Украина беше една од најпровоцираните војни во нашево време, остатокот од смислените наративи за херојската битка на „Проектот Украина“ за слобода и демократија, испаруваат речиси исто толку брзо како и средствата на УСАИД во Киев. Со својата ерес, Трамп конечно им даде шанса на Американците да ја препознаат криминалната манипулација на која беа изложени.