Штом САД најават дека не мислат вечно да чуваат некоја своја држава - клиент, работите таму почнуваат да се одвиваат многу брзо. Како што непријателот почнува да освојува дел по дел, владините војници почнуваат да ги симнуваат униформите и да фаќаат бежанија. На хартија, таа држава има многуилјадна, одлично вооружена и високо обучена војска, но во реалноста се работи за неколкумина лојални команданти, кои мораат да купуваат оружје од корумпирани офицери за набавки и да вадат кеш за артилериска поддршка. Постојат навистина обучени војници но и тие се командувани од неспособни роднини на политичари. Во такви услови, народот решава да остане лојален на фамилиите и клановите а не на корумпираната влада.
„Таа држава е Потемкиново село, создадена за да ги задоволи американските спонзори. Штом тие заминат, сето тоа се распаѓа,“ пишува Економист.
Тоа се виде во Јужен Виетнам во 1975 година, тоа се виде последниве недели во Авганистан. Се покажа дека двете држави се само шасија чија содржина е изедена од корупција, старата болест кон која се склони американските држави- клиенти (Економист потсетува и на случаите на Босна, Косово, Ирак и Хаити).
Корупцијата обично се дефинира како злоупотреба на моќта за приватни интереси. Нејзиниот наједноставен облик е мито, бакшиш, рушвет.
„Од извод од книга за родени, до извод од книга на умрени, и сè што постои во средина, за сè треба некого да подмитиш,“ објаснува поранешниот авганистански дипломат, Ахмет Катавазаи, кој беше избркан од служба затоа што посочи својата влада како извор за корупција.
Но, бакшишот e најмалата закана. Бидејќи секоја државна и локална служба носи повластици и шанси за подмитување, тие работни места почнуваат да се купуваат. Катавазаи вели дека со 100.000 евра во Авганистан се станувало регионален шеф на полиција.
Коруптивните мрежи постоеја и пред да дојдат Американците но тие, наместо да ги раскринкаат, само ги зајакнаа, плаќајќи им на локалните богови на војната за да има мир.
„Оние кои се долу во системот им даваат пари на они што се погоре и тоа оди до врвот. Од друга страна, од врвот надолу се праќа заштита на тие кои даваат пари, баш како што функционира класичната мафија,“ се вели во еден извштај на Транспаренси од 2015 година.
Посебен проблем е што амриканскиот интервенционизам е предводен од армиски лица кои се упатени на краткорочни цели и праќање оптимистички извештаи. Секој воен командант е заинтересиран само за она што ќе се случува во неговата 9 месечна смена, а така не се искоренува корупција.
„Кај и да е, Америка повторно ќе реши да спасува некоја јадна земја. Ако не научат дека само со долари не се гради вистинска држава, повторно ќе создадат уште една лажна“, се порачува во анализата