Најбогатите еден процент од светската популација се одговорни за иста количина емисии на јаглерод како и најсиромашните две третини или пет милијарди луѓе во светот, порачува анализа објавена од непрофитната организација Оксфам Интернешнл.
Иако борбата против климатската криза е заеднички предизвик, не сите се подеднакво одговорни за неа и владините политики мора да бидат соодветно приспособени, изјави Макс Лосон, коавтор на извештајот.
„Колку сте побогати, толку е полесно да ги намалите вашите и лични и инвестициски емисии“, вели тој. „Не ви треба тој трет автомобил, или четвртиот одмор, не мора да инвестирате во цементната индустрија“.
„Климатска еднаквост: планета за 99%“, се заснова на истражување на Институтот за животна средина во Стокхолм кое ги испитувало емисиите поврзани со потрошувачката на различни приходни групи.
Меѓу клучните наоди на оваа студија е дека најбогатите еден процент на глобално ниво - 77 милиони луѓе - биле одговорни за 16 проценти од глобалните емисии поврзани со нивната потрошувачка. Тоа е еднакво на учеството на долните по приход 66 отсто од глобалното население, или 5,11 милијарди луѓе.
Прагот да се биде во оние топ 1 процент бил прилагоден на секој земја по паритетот на куповна моќ. На пример во САД прагот би бил 140.000 долари, додека кенискиот еквивалент би бил околу 40.000 долари.
Анализи на конкретни земји даваат прилично остри разлики. На пример, во Франција, најбогатите еден процент за една година испуштаат јаглерод колку најсиромашните 50 проценти за 10 години.
Уште поконкретен пример, милијардерот и најбогат човек во Франција Бернар Арно (основач на Луј Витон) има 1.270 пати поголем јаглероден отпечаток од просечниот Французин.
„Додека не видиме политики кои ќе бараат најголем товар да понесат оние кои се најодговорни за проблемот, дотогаш ќе немаме вистински политики за климата,“ порачува Лосон.