
Меѓу погодените за кои пишува Д Сандеј Тајмс е 52-годишниот Џејмс Тебс, кој во ноември останал без работа во лондонска дизајнерска агенција каде заработувал 80.000 фунти годишно. Во кариерата работел на првата апликација за мобилни телефони на Virgin Media, како и на проекти за компании како British Petrol. Девет месеци и повеќе од 100 аплицирања подоцна, неговиот последен платен ангажман бил како статист - глумел викинг во филмска продукција.
„На 52 години се прашувам дали компаниите едноставно ме гледаат и си мислат: ‘Па, стар е, зошто да инвестираме во него?’“, вели Тебс.
Во коментари на социјални мрежи, на информацијата дека има 100 апликации, му викаат: „Само 100?“
Неговиот случај доаѓа во време кога британскиот пазар на труд навистина е под притисок - според најновите податоци на британската Канцеларија за национална статистика, во периодот мај-јули 2026 година имало околу 707.000 слободни работни места, 19.000 помалку отколку една година претходно. На секое слободно место имало околу 2,5 невработени лица.
Сепак, сликата за повозрасните работници е посложена, затоа што во групата од 50 до 64 години, стапката на вработеност во 2026 година изнесувала 72,2 отсто, а невработеноста 2,9 отсто - речиси идентично со групата од 35 до 49 години.
За дел од искусните професионалци проблемот не е недостатокот на знаење, туку начинот на кој знаењето се проценува. Регрутерите предупредуваат дека автоматизираните системи за селекција на кандидати можат да ги филтрираат биографиите според клучни зборови, а возраста може да стане фактор за несвесни или свесни предрасуди. Во Британија, возраста е заштитена карактеристика со Закон за еднаквост, а дискриминацијата е забранета и при регрутирање.
Последиците не се само финансиски. 44-годишниот Крис Грин, кој претходно заработувал повеќе од 100.000 фунти годишно, по отказот поминал низ период во кој му се нарушила самодовербата и започнал терапија. Подоцна основал сопствена компанија и почнал да работи како „fractional“ директор - обезбедува експертиза на повеќе компании со скратено работно време.
И други искусни професионалци прибегнуваат кон слични решенија - консултантски услуги, проектна работа и самовработување. Некои дури намерно ги скратуваат своите биографии и бришат постари позиции за да не изгледаат „премногу искусни“ или „премногу стари“.
Во меѓувреме, бројките покажуваат дека проблемот не исчезнува како што се доближуваш до пензија. Во 2026 година околу 585.000 луѓе на возраст од 50 до 64 години биле економски неактивни, но изјавиле дека би сакале или би биле подготвени да работат.
За генерацијата која изгради кариера во свет во кој искуството се сметаше за капитал, новата реалност може да биде особено тешка: токму она што некогаш било најголемата професионална предност - годините искуство - денес понекогаш се доживува како трошок.