Перверзиите што веќе станаа мејнстрим

Сексуалните фантазии и неконвенционалните интереси по кревети одамна не се тема што се споменува исклучиво зад затворени врати. Благодарение на популарната култура, социјалните мрежи и поголемата отвореност во разговорите за сексуалноста, практиките што некогаш се сметале за табу денес предизвикуваат сè поголема љубопитност. И луѓето веќе си пробуваат.

Си пробуваат до тој степен, што некои - до пред некоја година табу - теми веќе стануваат и досадни.

Во англискиот јазик за ваквите интереси се користи терминот kink, можеби во превод - перверзија, кој опфаќа широк спектар сексуални фантазии и однесувања надвор од конвенционалните интимни практики. Како што забележува истражувачот Џастин Лемилер, особено во последната деценија овие теми станале значително поприсутни во јавноста, делумно благодарение на популарноста на книгите и филмовите „Педесет нијанси сиво“.

Во разговор за HuffPost, сексуални терапевти и експерти за интимни односи издвојуваат пет типа на фантазии за кои нивните клиенти покажуваат особена заинтересираност. Притоа нагласуваат дека љубопитноста не подразбира нужно желба фантазијата да се оствари - за многумина, таа останува дел од имагинацијата.

Една од најпознатите категории е БДСМ, кратенка што опфаќа дисциплина, доминација, потчинување, садизам и мазохизам. Се работи за различни практики во кои партнерите доброволно истражуваат односи на моќ, контрола и препуштање. Секс-терапевти објаснуваат дека привлечноста не е исклучиво физичка, туку може да произлегува и од чувството на доверба, ранливост и психолошка поврзаност. Клучни се однапред договорените граници и јасната согласност на сите учесници.

Втората категорија е играњето улоги, односно преземањето различни идентитети или измислени сценарија во интимниот живот. Фантазиите можат да вклучуваат непознати личности, авторитетни фигури или историски ликови. Според Мареј, ваквата игра им овозможува на партнерите да излезат од секојдневната рутина, да ја развијат креативноста и полесно да изразат желби за кои вообичаено се срамат да зборуваат.

Потоа, воајеризмот и егзибиционизмот, две поврзани, но различни фантазии. Првата подразбира сексуална возбуда од набљудување други луѓе во интимни ситуации, а втората од сознанието дека некој нè набљудува. Експертите посочуваат дека привлечноста често произлегува од чувството на посакуваност и возбудата поврзана со нарушувањето на вообичаените општествени правила. Сепак, разликата меѓу фантазија и нарушување на приватноста е суштинска: секое набљудување или изложување мора да се случува со знаење и согласност на сите вклучени.

Контрола на оргазам е практика во која достигнувањето на сексуалниот врв намерно се одложува. Секс-терапевтката Џенет Брито објаснува дека продолженото исчекување може да ја засили возбудата, додека партнерската варијанта вклучува и елементи на доверба, контрола и доброволно препуштање. За некои луѓе, психолошката динамика е подеднакво важна како и физичкото доживување.

Последната категорија е таканаречената инстинктивна игра (primal play), која се темели на спонтано, телесно и помалку воздржано изразување на сексуалноста. Може да вклучува преправено „борење“, физичка доминација и други однапред договорени облици на интензивен контакт. Една едукаторка за секс, Мајиша Батл забележува дека дел од нејзините клиенти ги препознаваат ваквите желби, но не знаат како да ги објаснат на партнерот. Самото именување на фантазијата им помага полесно да разговараат за неа.

Заедничко за овие интереси не е нужно желбата за нешто екстремно, туку можноста за истражување на интимноста надвор од вообичаените обрасци. Експертите потсетуваат дека сексуалните фантазии се индивидуални, дека не мора да се претворат во реалност и дека нивното постоење само по себе не кажува ништо негативно за личноста.

Најважни остануваат отворената комуникација, заемната почит и слободната, информирана согласност, без притисок партнерите да испробуваат нешто што не им одговара.

13 ноември 2026 - 00:00