Јакните на Џенсен Хуанг го издадоа пред време

Дали сме изненадени што типот со Том Форд кожна јакна од 9000 долари ја изневеруваше жена му?

пишува: Ема Чајлдс, The Cut

 

Извршниот директор на Нвидиа, Џенсен Хуанг минатиов викенд призна дека имал вонбрачна афера со деловна жена осомничена дека тајно работела како кинески шпион. Њујорк тајмс објави дека жената, Алис Хуанг (исто презиме, ама не се роднини - уште тоа фалеше!), била регрутирана од кинеското Министерство за државна безбедност за да собира информации за чиповите за вештачка интелигенција на Нвидиа. Џенсен, близок пријател на Доналд Трамп, во моментов е под истрага од сопствената компанија, а повикан е и во Конгресот на седница зад затворени врати следната недела.

Иако меѓународна заводлива шпионска стапица, насочена кон близок сојузник на Трамп кој раководи со компанија вредна четири билиони (да, билиони, како trillion) долари, можеби звучи неверојатно, еден детаљ уште одамна навестуваше дека нешто не е во ред: слабоста на Џенсен кон исклучително скапите кожни јакни.

Меѓу технолошките гикови од Силициумската долина, кои обично носат елеци од Патагонија, Хуанг е познат како вистински љубител на луксузни кожни јакни. Тие за него се она што беа црните ролки за Стив Џобс - со кожна јакна се појави и на насловната страница на Тајм во 2021 година. Ги носи и на сцената за време на презентациите на Нвидиа, често придружувајќи ги своите настапи со помалку или повеќе извештачен гест на кренат палец кон публиката.

Хуанг собира кожни јакни од Том Форд, луксузниот моден дизајнер чие име е синоним за сексапил. Кожна моторџиска јакна од 9.000 долари едноставно не е облека што ја носи маж кој, по долг ден поминат во создавање на револуцијата на вештачката интелигенција, верно се враќа дома кај сопругата и децата. Тоа е маж во средовечна криза, со активен профил на Раја (ексклузивна дејтинг апликација) и Харли-Дејвидсон во гаража.

Да ме прашаше некој пред неколку години, ќе му кажев дека Хуанг очигледно е човек што пие вино со љубовницата среде бел ден. (Њујорк тајмс откри фотографија од 2023 година на која изгледа дека Џенсен го прави токму тоа, на ручек со Алис во Шангај.)

Како неговите скапи кожни јакни, тесни околу бицепсите, да не се доволно навредливи сами по себе, Хуанг вината за својата навика да ги носи ја префрла на сопругата со која е во брак 40 години, Лори Хуанг, и на ќерка им. Тој тврди дека тие му ја избираат облеката. Претпоставувам дека идејата била да му создадат кул и бунтовен имиџ, а не да изгледа како разведен татко во ноќен клуб кој им купува текила на девојки во раните дваесетти години. Освен тоа, тешко е да се поверува во неговото објаснување. Сакате да ми кажете дека две жени го избрале овој стајлинг?

Ако Лори и Џенсен сепак се разведат по сето ова (иако, да се разбереме, не соопштиле никакви нови информации за статусот на нивниот брак), таа би можела да добие една од најголемите бракоразводни спогодби во историјата.

Се надевам дека нејзините адвокати ќе ја земат предвид и колекцијата кожни јакни на Џенсен при пресметувањето на неговото богатство, особено моделот на Том Форд од колекцијата пролет 2023, со релјефна текстура што имитира крокодилска кожа, чија малопродажна цена изнесува 8.900 долари.

12 ноември 2026 - 11:05