Претходно сме забележале за истиот уметник:
Коста Рурки и Мики Бургов
Нема нова песна (штета!), ама направил спот, еден видео мешап во кој не е секогаш јасно "где Дунав љуби небо", тоест каде престанува Коста а продолжува Мики. Освен кај делот со човекот кој цврсто се држи за пожарникарски скали и гледа право, за кој сме сигурни дека е нашиот. За да не навлегуваме во провизорни интерерпретации на поетиката на Бургов, го запрашавме самиот автор за што тој уствари пее во оваа песна. Еве што ни одговори во својот - како и секогаш, запирка фри - допис (тука)
2015-та, бурговијански календар
Знаете кога новата година започнува по грегоријански, кога по јулијански. По бурговијански, 2015-та може да почне. Тоа што е кокичето за пролетта, тоа е календарот на струмичкиот славеј за новите години. Овојпат, со многу џемсбондовски стил, трпеливо и професионално чека фотографите да го сликнат па да види што награда има освоено на MTV Movie Awards. Ќе забележите, во овој календар (а оригинал е), некои денови и месеци ги нема. Навидум невешт потег зад кој се крие еден суптилен филозофски став кон времето, животот и вредностите. Браво Бургов. Коста Бургов.(тука)
На Коста Бургов му се собрало во душата
Струмичкиот вокален раритет и фотошоп иноватор Коста Бургов ни е долгогодишен пријател и миленик со кого негуваме искрена и нежна коресподенција. За жал, сè поретко прави нови песни (последно правеше кукли со негов лик), но токму тоа е една од темите за кои сака да ви зборува. (тука)
Изјава на денот од Коста Бургов (тука)
Бургов за Шерон Тејт
Шерон Тејт веројатно ја памтат уште само Роман Полански, Чарлс Менсон и - Коста Бургов. Знам дека имате свој, ама мислам дека Бургов е мојот ангел од македонската музика. Чујте ја неговата последна ода за Тејт и ќе сфатите колку е тој надвор од сите валканици на оваа стварност. Ма сонце.
ПОСЕРИОЗЕН ОМАЖ НА НЕГОВОТО ТВОРЕШТВО, НАПИШАН ВО 2010-ТА ГОДИНА:
Рехабилитацијата на Коста Бургов
Иако со задоволство ја лансиравме неговата уникатна музичка кариера, Коста Бургов долго време беше ставен "ад акта" на нашата страница. Тој редовно не информираше за своите нови музички производи, ние редовно го игнориравме, ожалостени заради неговата наивност да ги прифати сите покани за гостувања по разни емисии во кои заради својата бескрајна добрина им дозволуваше на третокласни водители кои не му се ни до колено да тераат мајтап со него. Но, слушнавме пар негови песни и се озаривме ко некад. Едноставно, неговата музика те прави некако подобар. На Вагнер може да ти дојде да бомбардираш виетнамско село, на Коста Бургов не може да ти дојде ништо. Одиме со пар видеа:
______________________________________
НЕБЕСНА ЦАРИЦА
Мини серијалот го започнуваме со видео запис од најновата песна на господинот Коста Бургов. Откако ги опеа и овековечи Грејс Кели, Мерлин Монро, Натали Вуд и Сузана Ал Салкини, беше логично некогаш на ред да дојде и - Богородица. Во спотот, тој ги задоволува своите искрени верски потреби па се слика те покрај голема те покрај мала црква. Иако, останува во игра и драмската можност да се работи за една те иста црква, само Бургов е те помал те поголем од неа. Убедливо најдобар кадар: Кога Богородица е некаде зад планина а Коста пред жбуње клечи со подадени раце кон небесата! Естрадно -религиозни морници!
ЗАШТИТНИК ВО НОЌТА
Оваа песна ја одбравме затоа што:
а) во текстуална смисла претставува вистински носител на сите книжевни особености на авторот. Песната е љубовна, тој бара да е само негова но за возврат нуди да ја штити кога ќе падне темница. Најискрен стих: Твојот поглед е вистински.
б) во визуелна смисла, ова е преоден спот, клучен за да се разбере неговата постепена но незадржлива телесна трансформација.
ЖЕНА СО ДВЕ ЛИЦА
Трансформацијата е докрај реализирана! Како ретко кој во историјата, господинот Бургов успева да се ослободи од своето згодно но библијски трошно тело а да продолжи со својата овоземна мисија. Косачот се претвораше во дигитален запис, капетан Пикард едно време беше Борг а Коста Бургов стана - кукла!