
Една од теориите што се применуваат во психологијата на просторот е позната како prospect-refuge теорија, според која луѓето често претпочитаат места од кои имаат добар преглед на околината, додека зад себе чувствуваат одредена заштита. Затоа работната маса свртена кон ѕид, со врата зад грбот, знае да биде понепријатна од маса поставена со поглед кон влезот. Сличен ефект може да има и гарнитурата поставена среде просторија, непосредно пред главниот премин. Понекогаш е доволно да се промени распоредот или зад софата да се постави ниска полица.
Друг интересен феномен е ефектот на Дидро, именуван по францускиот филозоф Дени Дидро. На Дидро во еден момент му поклониле луксузна, црвена наметка и бил воодушевен. Поточно, бил воодушевен сè додека не ја облекол и во работната соба. Одеднаш, почнал да забележува колку скромно изгледаат останатите предмети во неговиот дом и постепено ги заменувал - за да ги личи со наметката. Може и ви се случило: Ќе заштедите за скапа гарнитура и одеднаш во нејзино присуство и завесите што сте ги бирале со ќеиф се глупи, тепихот е некако стар, масата што намерно ја биравте да личи старинска сега е ѓубре... Наместо целосно преуредување, пробајте со комбинација од различни материјали и текстури - тоа може да помогне старите и новите предмети да изгледаат усогласено.

Важна е и акустиката - минималистичките ентериери со големи стаклени површини, голи подови и малку текстил понекогаш создаваат непријатно ехо. Звуците од чекори, поместување столови или секојдневни активности стануваат поизразени, што може да придонесе за чувство на замор. Теписите, завесите и тапацираниот мебел помагаат во апсорпцијата на звукот и создаваат помирна атмосфера.
Природните материјали се уште еден начин да се внесе пријатност - теоријата за обновување на вниманието ја истражува способноста на природните средини да помогнат во менталното закрепнување по активности што бараат концентрација. Иако тоа не значи дека дрвена маса може да замени прошетка во природа, дрвото, природните ткаенини, растенијата и органските форми можат да придонесат за потопла и визуелно побогата домашна атмосфера.

Понекогаш проблемот знае да биде и во предметите што ги чуваме од навика или обврска. Ефектот на поседување објаснува зошто им припишуваме поголема вредност на работите само затоа што се наши, додека заблудата за веќе вложените средства нè тера да задржуваме нешто затоа што некогаш сме платиле многу за него. Едноставно прашање може да помогне: кога денес би го виделе истиот предмет во продавница, дали повторно би го купиле?
Конечно, и распоредот влијае врз доживувањето на големината на просторот - во малите станови често го туркаме целиот мебел до ѕидовите, оставајќи празна средина. Но малото оддалечување на софата од ѕидот, мебел со видливи ногарки и слободни патеки за движење можат да создадат подобро чувство на просторност.