
Зад привидната едноставност можат да стојат редовни козметички третмани, дерматолошки процедури и естетски интервенции, чија заедничка цел е да создадат впечаток дека за убавина не е потребен никаков труд.
Нели она, „без напор“, effortless. Затоа и цели индустрии се базираат на митот за Французинката.
Поврзаноста меѓу убавината и богатството, секако, не е нова. Како што забележува Елен Атланта во анализа за Dazed Beauty, низ историјата идеалите за убавина се менувале заедно со општествените привилегии. Во ренесансата, бледата кожа била симбол на висок статус, бидејќи покажувала дека некој не мора да работи на сонце. Денес, исончаниот тен може да асоцира на скапи одмори и слободно време.
Се менува она што го сметаме за убаво, но врската со парите останува - разликата е во тоа што современите стандарди подразбираат сè подолг список на процедури. Прво беше само фризер, маникир и педикир, можеби и шминка. Сега има уште - ботокс, филери, ласерски третмани и суптилни хируршки корекции, a oсобено ценети станаа интервенциите што не се забележуваат. Лицето треба да изгледа младо и свежо, но по можност никој да не може да утврди зошто.
Не случајно на интернет стана популарна фразата „Не си грда, само си сиромашна“. Зад хуморот стои непријатното сознание дека многу од физичките карактеристики што ги славиме како природна убавина можат да се постигнат, подобрат или одржуваат со доволно пари. Ова има последици што го надминуваат прашањето на суетата - истражувањата покажуваат дека физички привлечните луѓе често се доживуваат како поспособни, посамоуверени и подоверливи, а таквите претпоставки можат да влијаат и врз професионалните можности. Убавината, на тој начин, може да функционира како уште една општествена предност.
Професорката Рут Холидеј од Универзитетот во Лидс посочува дека вложувањето во изгледот понекогаш е особено важно за луѓето од помалку привилегирани средини. За нив, естетските третмани можат да претставуваат обид за подобрување на сопствената положба, но и сериозен финансиски товар. Едни се задолжуваат за интервенции, други бираат поевтини клиники, понекогаш изложувајќи се на дополнителни здравствени ризици.
Постои и уште една класна поделба, многу посуптилна. Дискретните корекции често се поврзуваат со елеганција и добар вкус, додека видливите филери или поизразените естетски зафати лесно стануваат предмет на потсмев. Истата индустрија што нè убедува дека треба да го подобриме изгледот истовремено нè учи дека вложениот труд не смее да се забележи.
Тука лежи најголемата иронија на современите стандарди за убавина: Не е доволно да изгледаме добро; пожелно е да изгледаме како тоа да ни доаѓа сосема природно. А колку повеќе пари се потребни за да се постигне тој впечаток, толку полесно природната убавина станува привилегија што се продава како нешто со кое едноставно сме родени.