Кога и да го видиш насловот, знаеш што ќе пишува: помалку голо е посекси од многу кратко, природниот изглед е попривлечен од контурирање, фармерки и некоја едноставна маица со малку црвен кармин и спремна си за излегување... Животот е фасцинантен кога си Французинка.
Французинката, најчесто шик без никаков напор, е една од најупорните тропи во модерниот свет. Откако Брижит Бардо се прошета по платното на „...And God Created Woman“, сите Вогови, Инту д Глосови и Харперс Базари обавезно мора во неделните или месечните публикации да извадат и по некоја статија од тип „Баш тоа едно парче што секоја Парижанка го има во плакар“, или „Како да имаш коса како Французинка“, или „Како ништо да не правиш како Французинка“, или што и да е веќе. Дури и Њујорк Тајмс имаше статија која ги истражуваше дневните навики на Французинките (Грациозно стареење на француски начин).
До толку е експлоатирана темата, што пристапот на магазините веќе преминува во хумористичен, а авторите и читателите се запрашуваат и дали воопшто тој класичен лик на Французинката постои. Дали е можеби едно медиумско пакетче составен од приказна врз приказна, додека ликот не стане општоприфатен факт?
Во секое време, Французинката е Бардо, Кетрин Денев, Франсоаз Арди, Џејн Биркин и нејзините ќерки. Додај ја тука уредничката на Вог Париз, Карин Ротфелд и Коко Шанел која е влезена во историја не толку како млада жена, туку како возрасна елеганција. И самите карактери им се добро развиени во поп-културата: Бардо е дивата, Денев – ледената, Биркин е безгрижната, Ротфелд е опасната. Но секоја од нив се принесува грижливо како доказ за постоењето на типичната Французинка.
Таа е интелектуалка, интересна, малку романтична – но не ги одобрува стварите многу лесно, а не се ни смее пречесто. Ќе трчка со балетанки од Шанел, или боса ако е на одмор. Има свој парфем. Јаде сирења без размислување и цела вечер ќе лигави една чаша вино затоа што е мајстор за умереност. Скоро секогаш е бела, хетеро и слаба, и можеш убаво да ја замислиш само ако тенденциозно ги игнорираш сите други Французинки чија што дневна рутина не вклчува возење точак покрај Сена во мини сукња и багети под мишка.
А сепак, влијанието на Французинката е опипливо. Таа заработува за да си купи што ќе ѝ текне. Гарант има и нешто со порастот на продажбата на розе-то. Полека, опсесијата се претвори во бизнис, а кога се работи за бизнис, Французинката е и тоа како вистинска. Ако му залепиш француска варијанта на името на твојот бренд, особено за американски пазар, продажбата ќе цвета.
Пример: Една Џозефин Естер Менцер, ќерка на унгарски емигранти, родена во Квинс, кога го основа својот бренд, решава да искористи една малце пофранцуска варијанта на нејзиниот прекар од детството. Ова е во 1946-та. Дали компанијата би ги држела MAC, DKNY, Too Faced и слични, и дали во 2016-та би заработила 11.26 милијарди долари доколку би се викала Естер Менцер?
Тешко. Па затоа се одлучиле за Estée Lauder.
Виолет, на пример, е јутјуберка што им помага на Есте Лодер да работат козметика, притоа правејќи туторијали на Јутјуб и создавајќи дигитална содржина за брендот за скоро 100.000 следачи на Инстаграм. Таа вели дека француската филозофија за шминка – нема пудра, хаотична коса, маскара и црвен кармин што е истовремено и руменило – е основа на нејзиниот пристап, но разноликоста на техниките и луѓето што ги сретнала во Њујорк многу ѝ влијае на стилот. За американската публика, таа нуди нешто магично, но достапно. Странско но познато.
Кога странците зборуваат за „Французинката“, често се спомнуваат тие Французинки од ’50-ти, ’60-ти и ’70-ти. Новиот француски бран ни ја даде Ана Карина со совршените шишки, мачкасто нашминкани очи и шарени хеланки. Па Џејн Биркин со фармерките со висок струк, ситните маички и сламени ташни. А иронијата е во тоа што баш овие две, а и многу други нивни колешки – воопшто не се Французинки. Карина на пример е од Данска, Биркин е родена во Англија.
Александра Пинел, 27-годишна девојка порасната во Париз, која сега живее во Њујорк, ги истакнува правилата за облекување како Парижанка:
„Не носи тренерки надвор од дома, никогаш. Немој да носиш премногу бои или шарена облека, не ја фарбај косата во луди нијанси. Се преферира природен изглед, и неутрални нијанси (црно, сиво, маслинесто зелено). Ако носиш фармерки, немој и тексас јакна.“
И додава дека, иако познава Американки што не ни размислуваат што облекле на себе, никогаш нема запознаено Французинка што не обрнува внимание на стилот. „Тоа е дел од културата,“ вели таа. „Имам пријателка која е детски кардиолог и секој ден е во бел мантил, но кога ќе ја видам во кафич, носи цветен фустан и шишките ги носи на страна.
„Сите Французинки носат шминка. Не излегуваат од дома без шминка, само што е минимална, и никогаш нема да ти признаат.“ Ова Пинел го вика намерна негрижа – да се потрудиш да делува дека воопшто не си се потрудила. Во средно со другарките си ги бушавеле косите („Мора да делува како да доаѓаш од секс“), ги сечеле фармерките и ги разголувале рамениците, божем малку.
Трендот оди до таму, што не е само Есте Лодер, туку на сите што започнуваат модни брендови повеќе им се допаѓа како звучат на француски (или барем со француски шмек), наместо било како поинаку. Во 2015-та на Fashionista имаше и статија, „Зошто има толку многу лажни француски брендови во модата?“ Денес ги имаме La Garçonne, Agent Provocateur, и Journelle, меѓу другите, а нивните сопственици признаваат дека причините се движат од шлепање на француската култура и историја, до едноставно – дека има се допаднало како тоа звучи.
Еден од нив, Être Cécile е можеби и најблиску до целиов овој муабет – го користи Французинка-лудилото, а истовремено признава дека е смешно - самиот слоган на брендот е presque Parisienne, што се преведува како „Скоро Парижанка“ (како третата книга од овде!).
А една друга книга, „Како да бидеш Парижанка: Љубов, стил и лоши навики“, ги открива на пример, сите симпатични недостатоци на една Парижанка, и тоа, како што ќе искоментира авторката на статијата од racked.com, „го разоткрива стереотипот на 246 страници со великодушен проред.“ И митот за Французинката (или Парижанката) го приближува до обичните смртници со една леснотија која ја прави и книга за самопомош, што не мораат да ја читаат само заулавени странци и поклоненици на митот, туку можеби и локалните жени (и мажи).
Како и да е, самиот отсек за самопомош во литературната индустрија помага на луѓе, но ако нешто е сигурно – дефинитивно си помага сам на себе. Истото важи и за женските списанија и сајтови кои објавуваат стории за Французинката неверојатно често. Имаат пронајдено незамислив број на начини одново и одново да го препакуваат истиот концепт затоа што носи еден тон сообраќај и носи плата. Ако една приказна предизвика поплава од внимание, ја реплицираш додека не престане да носи поплава. Французинката е присутна со децении, но благодарение на појачалата на онлајн медиумите, делува како да влегла во безграничната соба на Јајои Кусама.
А сепак, кликаш, затоа што – шознаеш. Баш во таа статија може да го има баш тој совет што конечно ќе ти го претвори животот во лесното, романтично ремек-дело со мирис на рози што отсекогаш си знаела дека треба да го имаш.
И додека кликаш, секогаш ќе има ново, а сепак – истото.